Маја Наумовска Савеска од Халкбанк прогласена за регионална маркетинг директорка на годината на Mark Awards 2026
Маја Наумовска Савеска, директорка за маркетинг и корпоративни комуникации на Халкбанк АД Скопје, е добитничка на престижното регионално признание „Regional Chief Marketing Officer of the Year“ на овогодинешното издание на Mark Awards, наградите што ги доделува српската платформа Marketing mreža за исклучителни индивидуални достигнувања за најдобрите и највлијателни професионалци во областа на маркетингот и комуникациите.
Признанието претставува значаен успех за Наумовска Савеска, но и за македонската маркетинг индустрија, имајќи предвид дека годинава Mark Awards за првпат добија регионален карактер, отворајќи го натпреварувањето за професионалци од компаниите во Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија.
На шестото издание на наградите беа номинирани вкупно 47 маркетинг и комуникациски професионалци од шест земји, а признанијата беа доделени во 16 категории. За разлика од фестивалите што ги наградуваат најуспешните кампањи и проекти, Mark Awards го ставаат во фокус поединецот, неговото професионално лидерство, креативноста, стратешкото размислување и придонесот кон развојот на брендовите и деловните резултати.
Во образложението на жири-комисијата, особено се истакнуваат посветеноста на Наумовска Савеска кон деталите, нејзиниот пристап кон креативноста и способноста да препознае нова вредност дури и во активности што веќе многупати биле реализирани.
Членот на жирито, Анѓелко Трпковиќ, нагласува дека добитничката со својата работа покажува дека големината на буџетот не мора нужно да го определува квалитетот на реализираниот проект, како и дека вистинската креативност може да им даде нов живот и на навидум веќе видени идеи.
Ова индивидуално признание доаѓа во период на забележителни регионални успеси за маркетинг комуникациите на Халкбанк.
Само пред неколку недели, на меѓународниот фестивал за креативност Golden Drum 2026 во Порторож, кампањата „The Scratching Ads“, освои четири награди – една златна, две сребрени и една бронзена. Претходно, на регионалниот фестивал BalCannes 2026, Халкбанк освои пет награди, од кои три златни и една сребрена за кампањата „Made in Shade“, како и бронзено признание за дизајнот на џез-постерите. Со овие резултати, банката го освои и признанието „Best Advertiser of Macedonia“, позиционирајќи се меѓу најуспешните огласувачи во регионот.
Секако, не смееме да ги заборавиме ниту претходните впечатливи кампањи и проекти на Халкбанк, како „Стартап пакет / Стартап гаража“, „Фустани со џебови“, „Б-страна билборди“, „Чувари на мудроста“, „СинтЕЗа“, „Трајни културни вредности“, „Мојот дом“, детската едукативна платформа „Халки“ и еколошките иницијативи под брендот „ХалкЕко“, кои низ годините придонесоа за градењето на препознатливиот комуникациски идентитет на банката за кој секако најзаслужен е маркетинг тимот на банката во соработка со професионалната поддршка од агенциите со кои соработуваат.
Маја, во својата реакција по добивањето на наградата го стави акцентот токму на луѓето со кои го дели професионалното секојдневие.
Во својата објава на LinkedIn, признанието најпрво ѝ го посвети на својата помлада верзија – на девојката која уште од средношколските денови знаела дека сака професионално да се занимава со маркетинг, но си дала доволно време и трпение да созрее и да го изгради својот пат.
„Маркетингот отсекогаш бил моја страст. Навистина ја сакам својата работа и таа сè уште ме прави среќна секој ден“, напиша Наумовска Савеска на Linkedin…..додавајќи дека никогаш не го гледала маркетингот како работа на еден човек:
„Затоа, оваа награда му припаѓа и на нашиот тим! На луѓето со кои имам среќа да ја споделувам не само работата, туку и голем дел од животот и предизвиците што ги носи“, порача таа.
Признанието за Наумовска Савеска е уште една потврда за потенцијалот на македонските маркетинг професионалци да бидат конкурентни и препознаени на регионалната сцена, но и потсетник дека зад успешните брендови и кампањи, пред сè, стојат луѓето, нивните идеи и заедничката посветеност.
Извор: konekt.mk
Статијата е прочитана 58 пати.



























