Универзитетот „Св.Климент Охридски" во Битола подготвува регионална универзитетска школа

Регионалната школа ќе се одржи онлајн и хибридно од 18 до 20 мај, а учество ќе земат професори и студенти од нашата држава, од Република Грција, Република Албанија и Република Србија

 

Универзитетот „Св.Климент Охридски" во Битола со поддршка на Фондацијата „Конрад Аденауер" од Германија и Вилфред Мартенс Центарот за европски студии од Брисел објави повик за учество на студенти во Регионална универзитетска школа за „Надворешните актери и нивното влијание на регионалната безбедност и евро-интегративниот процес на Западен Балкан".

Регионалната школа ќе се одржи онлајн и хибридно од 18 до 20 мај, а учество ќе земат професори и студенти од нашата држава, од Република Грција, Република Албанија и Република Србија.

Проектот ќе понуди размена, соработка и зајакнување на довербата меѓу наставниците, учениците и практичарите од земјите од регионот, а воедно ќе се испитаат тесните грла за соработка и координација. Настанот има образовни цели, со јасно дефинирани образовни резултати за студентите.

„Во исто време ќе бидат организирани работилници и панел дискусии. Школата исто така ќе помогне да се дефинираат можните решенија и политики, како и потенцијалните оперативни мерки за надминување на предизвиците и подобрување на соработката. Со идентификуваните предизвици и проблеми, како и понудените решенија, студентите, професорите и практичарите ќе излезат во јавност и ќе ги презентираат како конечен производ на знаења коишто во иднина ќе се користат на универзитетите, во рамки на нивните студиски и предметни програми. На тој начин ќе имаме реални резултати од проектот“, велат од Универзитетот од Битола.

 


Статијата е прочитана 640 пати.

Сподели: