Спектакуларно отворање на „Охридско лето“ со „Големиот Чајковски“
Со грандиозен гала балетски концерт „Големиот Чајковски“ во изведба на уметниците од Националната опера и балет синоќа беше свечено отворено 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
На сцената на Античкиот театар, балетските првенци Марија Кичевска-Шокаровска, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Васил Чичиашвили и Бобан Ковачевски, како и солистите, ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет приредија импресивен омаж за еден од најзначајните композитори од светската музичка ризница, Петар Илич Чајковски. Тие ја изведоа балетската трилогија „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“ , како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“.
Фестивалот го прогласи за отворен претседателот на државата, Стево Пендаровски, истакнувајќи дека парадоксот на убавината олицетворена во уметноста и во културата е што таа е непресушен извор на надежта за подобар свет, дури и кога ги прикажува најголемите страдања, насилството кон немоќните или грдите лица на луѓето.
„Автентичната уметност ни ја нуди надежта и како личен и како колективен феномен, нè поттикнува да ја бараме вистината и да ја прегрнеме добрината. Како критичар на сите апарати и системи на моќта, уметноста нѐ охрабрува да не се помируваме со злоупотребите и да не молчиме пред неправдите. Дури и кога е игнорирана или забранувана, уметноста си го пробива патот меѓу луѓето, меѓу народите, јазиците и културите ширејќи го просторот за свет со почовечки лик. За да не потоне во очај на светот му е неопходна убавината. Таа, заедно со вистината што ослободува и со добрината што облагородува, може да ги помири луѓето, може да ја намали нивната болка, да ги поврзе генерациите и да му даде нова надеж на човештвото. А тоа ни е повеќе од потребно во секојдневието исполнето со сиви тонови“, рече Пендаровски.
Како покровителот на фестивалот тој нагласи дека „Охридско лето“ веќе 61 година дава простор за врвни креации на илјадници уметници од целиот свет.
„Годинава, кога прославуваме 30 години од независноста на Република Северна Македонија го започнуваме нашиот најпрестижен меѓународен фестивал ‘Охридско лето’ со 90 македонски уметници, чии квалитети сигурно не се подолу од најпознатите светски имиња“, потенцираше Пендаровски.
Министерката за култура, Ирена Стефоска истакна дека „Охридско лето“ веќе е македонски бренд кој трпеливо си го проби патот до светска препознатливост.
„Пандемијата која што го занеме светот не го занеме нашето ‘Охридско лето’. Поставен на здрави темели, граден со љубов и негувано со почит, Фестивалот не само што трае, туку и ни го дава најдоброто од себе. Тоа е уметноста - лечителка на душата“, рече Стефоска.
Пораката на „Охридско лето“ во името на сите уметници годинава ја пренесе познатата балерина и кореографка, Олга Панго која нагласи дека уметноста е човековиот постојан стремеж да креира за себе поинаков ред на реалност од оној кој му е даден.
„Честа да се стои вечерва пред сите вас во име на сите уметници е огромна, исто како и одговорноста која секој од нас ја носи со секое застанување на сцена, секое движење и секој доживеан аплауз. Ние ја дишеме и живееме музиката, го дишеме и живееме танцот. Нашата порака ќе ви ја пренесеме онака како што најдобро знаеме – од сцената, која последнава година и половина премногу ни недостасува. Уште поголема е возбудата токму поради фактот што годинава токму ние, македонските уметници ќе го отвориме фестивалот ‘Охридско лето’. Македонските културни институции мора да се поддржуваат меѓу себе и ние вечерва ќе го покажеме токму тоа, како треба да се работи во име на уметноста“, рече Панго.
Годинешното 61-во издание кое вчеравечер беше најавено и со богат огномет над охридското небо, ќе донесе 40 фестивалски вечери исполнети со квалитетна програма и врвни уметници. На сцените на Античкиот театар, во црквата „Света Софија“ и во нејзиното предворје, на сцената „Долни Сарај“ и во Центарот за култура „Григор Прличев“ до 20 август ќе настапат повеќе од 500 уметници од 18 земји. Со концерти на познати светски имиња, но со приоритет на македонски уметници кои имаат светска слава, национални оркестри и театарски куќи и годинава фестивалот „Охридско лето“ ќе ги надмине границите на Македонија и уште еднаш ќе се претстави како еден од најголемите промотори и афирматори на врвната уметност.
Статијата е прочитана 642 пати.