Музичка разгледница на Вршкова и Цинциевски на „Охридско лето“
Прекрасна музичка разгледница со контрабас и пијано донесоа извонредните македонски уметници Ѓорѓи Цинциевски и Марија Вршкова вчеравечер со нивниот концерт во црквата „Света Софија“ на фестивалот „Охридско лето“.
Програмата ја започна контрабасистот Цинциевски со делото „Инвокација за соло контрабас“ од чешкиот композитор М.Гајдош, а потоа следуваше премиерна изведба на „Сонатата за контрабас и пијано“ од К.Рајнер, историски интересно дело пишувано во концентрационен логор, истовремено мрачно и динамично. Беа отсвирени нови дела од македонскиот композитор Дамјан Темков, премиерна изведба на македонската верзија за соло и контабас на композицијата „Охридска пастрмка“, како и делото „Тешкото“. Премиерно беше донесена и свитата „Кармен фантазија“ од американскиот композитор Франк Прото. Синоќа за првпат пред публиката на „Охридско лето“ беше претставена композиција на Цинциевски, варијации на тема од „Бор садила мома Евгенија“, како и негова транскрипција на делото „Елегија“ од Рахмањинов, оригинално напишана за клавир, а во изведба на контрабас и пијано.
„Честа да свириме на ‘Охридско лето’ е огромна. Програмата е репертоар од 20. и 21. век што значи помодерна класична музика. Изведовме и мои дела. Компонирам, не би се нарекол композитор, но сакам да експериментирам на тоа поле. Уште од самиот почеток кога ја добив поканата да учествувам на фестивалот ‘Охридско лето’ моја најголема желба беше да свирам со професорката Марија Вршкова. Чест ми е и задоволство да свирам со неа зашто таа е фантастичен музичар и уметник. Се чувствува таа енергија на поддршка“, вели контрабасистот Ѓорѓи Цинциевски.
Извонредната македонска пијанистка, Марија Вршкова која плени со својата виртуозност на пијаното, но и со својата скромност, признава дека тремата и по долги години на сцената, кај неа како уметник е секогаш присутна.
„Апсолутно тремата е секогаш присутна. Не можам да кажам дека ако е помал концертот, помала е и тремата или обратно. Мислев дека со годините сето тоа ќе спласнува, но напротив, тоа се наголемува, но нормално во текот на сите концерти успевам да ја канализирам во убава енергија. Чест ми е што при секој настап на ‘Охридско лето’ соработувам со најдобрите уметници и кога заедно со нив се прави убава музика, особено во фантастичната ‘Света Софија’ задоволството е секогаш огромно. Самата тежина на фестивалот ‘Охридско лето’ си го прави своето и не е толку едноставно да се излезе и да се свири“, признава Вршкова.
Дуетот со Цинциевски за Вршкова е нешто ново бидејќи, како што вели, со контрабас има малку соработувано и програмата е комплетно нова за неа.
„Охридско лето“ вечерва продолжува со концерт за флејта и пијано со грчките уметници Захаријас Тарпагос и Валерија Харитиду.
Статијата е прочитана 623 пати.