Ликовната галичка колонија со концепт „Визуелна интрузија“ посветен на заштитата на животната средина
Годинашната 32. сесија на традиционалната манифестација „Ликовна колонија Галичник“ ќе се одржи од 15 до 22 август во Галичник.
На креативната дружба, која одново ќе има хибриден пристап заради се уште неизвесната состојба со корона вирусот, ќе земат физичко учество 11 уметници, додека четворица ќе учествуваат онлајн. На колонијата ќе партиципираат: Џозеф ван Калденбург од Холандија, Милка Делибашиќ - Црна Гора, Магдалена Кучко - Полска, Ана Марија Паску - Романија, Клица Антониу - Кипар, Зара Александрова – Бугарија, Ејгул Догруел – Турција, Денис Јагџи – Косово/Македонија и македонските автори: Гордана Вренцоска, Христина Зафировска, Ивана Самандова, Горанчо Ѓорѓиевски, Доротеј Нешовски, Кристијан Јовановски и Зоран Георгиев.
„И годинава, како и лани воспоставуваме концептуален предзнак на колонијата, кој е во согласност со интересите и потребите за се почестото реагирање на прашањата за екологијата, заштитата на животната средина и влијанието на човекот врз уништувањето на балансот во еко-системот, чии последици стануваат се поочигледни и пореални. Годинешниот концепт е насловен Визуелна интрузија и интенцијата на овој дискурс е со визуелна интервенција, односно интрузија на природниот амбиент на Галичник и неговата околина, која ќе биде предизвикана во реалност, а нагласена со помош на дигитална интервенција и архивирање на интрузијата на медиумот фотографија или видео, да се визуелизира контрастот и моќта која човекот ја има во загрозувањето, но и заштитата на животната средина и зачувување на нејзиниот природен облик и форма. Ваквите интервенции треба да го подигнат нивото на свеста и да имаат директен импакт во процесот на будење и превземање одговорност за своите постапки“, вели Ана Франговска.
Со оглед на одличната селекција на автори и нивните значајни биографии и годинава на колонијата ќе се создадат одлични и ефективни уметнички дела, кои заедно со делата од минатогодинешната средба македонската публика ќе може да ги види на биеналната изложба закажана за ноември во мултимедијалниот центар Мала станица.
Во рамки на работната сесија ќе се одржат и јавна отворена програма која ќе содржи две јавни презентации на уметниците пред публиката, планирани за 16 и 17 август од 20.00 часот, пред Упија, како и работилница со деца на 21 август во 11.00 часот.
Статијата е прочитана 647 пати.