Со претставата „На отворено море“ вечерва се спушта завесата на „Охридско лето“
Со претставата „На отворено море“ во режија на Егон Савин и изведба на актерската екипа на Југословенско драмско позориште од Белград вечерва на Античкиот театар ќе биде спуштена завесата на годинашното 61. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Претставата „На отворено море“ на Бранислав Нушиќ е жанровски комплексно парче: трагично, апсурдно и сатирично. Тоа е приказна за љубовната афера на една убава, среќно омажена жена со министер во владата. Во оваа драма сите се уценети и корумпирани, бидејќи тоа се луѓе од власта или од непосредна близина на власта. Зад семејните, пријателските и љубовните врски стои исклучиво голиот интерес. Сите имаат корист од оваа афера.
Улогите ги толкуваат Ненад Јездиќ, Слобода Миќаловиќ, Љубомир Бандовиќ, Весна Станковиќ, Бојан Лазаров, Цвијета Месиќ, Jована Беловиќ, Бојан Димитријевиќ, Небојша Миловановиќ, Mаја Колунџија Зорое, Mарко Баќовиќ и Богдана Обрадовиќ.
Претставата почнува од 21 часот, а не се препорачува за лица помлади од 16 години.
Во изминатите 40 фестивалски дена на „Охридко лето“ на сцените на црквата „Света Софија“, нејзиното предворје, на Античкиот театар, Долни Сарај, како и Центарот за култура „Григор Прличев“ продефилираа повеќе од 500 уметници од 18 држави од Европа и од целиот свет.
Статијата е прочитана 585 пати.