Објавен романот „Равенка на стравот“ од Верица Мукоска

Издавачката куќа „Бата прес“ го објави романот „Равенка на стравот“ од младата македонска писателка Верица Мукоска. Делото е промовирано во официјалната програма на Саемот на книгата во Скопје.

„’Равенка на стравот’ е храбро соочување на индивидуата со потиснатите морални дилеми и стравови во себе, талкање низ мисловниот лавиринт на личноста во обид да се победи самотијата и да се оствари личната слобода и среќа. Како што раката на сликарот вешто ги нанесува боите врз белото платно, така раскажувачот создава магично-синестезичен свет од бои, звуци, мисли, перцепции, во кој, сепак, последниот збор ѝ е посветен на љубовта“, пишува д-р Трајче Стамески, еден од рецензентите на книгата.

„Гледајќи низ призмата на авторската еволуција во овој роман и досегашното творештво на авторката, полека и прогресивно се кристализираат двете приказни чие дејство е стационирано во Сиена и Љубаништа“, бележи во рецензијата писателот Стефан Маркоски, кој го промовираше романот на Саемот.

Верица Мукоска е родена во 1999 година во Вевчани. Дипломирала на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Претходно во издание на „Бата прес“ ги објавила романот „Дневникот на длабоките тајни“ (2017) и стихозбирката „Стихови од срцето на природата“ (2009). Присутна е со есеи и прилози во книжевната периодика.

 


Статијата е прочитана 519 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско