„Контемплација со Перт и Шнитке“ со виолинистките Кондратенко и Богоевска

Вечерва во Македонската филхармонија ќе биде одржан концерт „Контемплација со Перт и Шнитке“ на кој како солистики ќе настапат

виртуозите на виолина Анна Кондратенко и Ева Богоевска. На програмата на концертот кој ќе започне во 20 часот, под диригентската палка на маестро Емил Табаков од Бугарија се Кончерто гросо бр.1 од А.Шнитке, Трисагион од А.Перт и „Малата Данелиада“ од Г.Канчели.

Анна Кондратенко е родена во Новосибирск, Русија, каде почнала да свири виолина на четири години. Како солист има настапувано со многу симфониски оркестри низ светот, а моментално работи како концерт-мајстор и солист во оркестарот на Македонската филхармонија и како концерт-мајстор и солист на оркестарот на F.A.M.E.‘S Project во Скопје.

Ева Богоевска почнала да изучува виолина на седумгодишна возраст во класата на проф. Анна Кондратенко. На 16-годишна возраст се запишала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, како најмлад студент во државата, а неодамна беше наградена од УКИМ за најдобар студент од Музичката академија во Скопје, со завршен просек од 10,00 за учебната 2019/2020. Добитник е на многу државни и меѓународни награди.

 


Статијата е прочитана 536 пати.

Сподели: