Четири нови авиолинии ќе бидат воведени од Скопје до крај на годината

До крајот на годината ќе бидат воведени четири нови авиолинии од Скопје, најави генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак во изјава за МИА.

„Три нови дестинации ќе воведе ‘Виз ер’ во декември, од Скопје ќе се лета до Болоња, Торино и Билунд, а една нова линија од Женева до Скопје ќе биде отворена од ‘Изиџет’. Со отворањето на оваа авиолинија на почетокот на ноември 2021 година, британската нискобуџетна авиокомпанија практично првпат ќе влезе на македонскиот пазар. Заедно со наведените нови дестинации на ‘Виз ер’ од Скопје, оваа унгарска нискобуџетна авиокомпанија во декември ќе отвори и нова авиолинија од охридскиот аеродром до германскиот град Фридрихсхафен“, вели Батак.

Првиот човек на ТАВ Македонија потенцираше дека најголемиот дел од откажаните авиолинии со почетокот на пандемијата во 2020 година беа вратени на распоредот на летање по повторното отворање на двата аеродроми во јули 2020 и потоа во 2021 година. Сепак, некои од дестинациите, како Доха со „Катар ервејс“ и Дубаи со „Флај Дубаи“, што беа опслужувани од Скопје пред пандемијата, сè уште не се вратени.

Батак посочува дека во првите девет месеци годинава, односно, од јануари до септември се превезени 994.237 патници, реализирани се 11.203 лета, а луѓето не се двоумат за патување со авион и покрај пандемијата, почитувајќи ги протоколите за патување.

 


Статијата е прочитана 421 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско