„ТАА“ – изложба за значењето и улогата на жената од крајот на 19 век до денес

Во изложбениот простор на Музејот на Град Скопје вчера беше отворена изложбата „ТАА“ посветена на значењето и улогата на жената од крајот на 19 век до денес. 

На изложбата, преку музејски предмети, предмети позајмени од приватни лица, цртежи и фотографии се претставени неколку важни периоди за жената, жената во семејството, излегувањето надвор од домот, образованието кое се засилило во периодот помеѓу двете светски војни, вработувањето и учеството во општествениот живот по војната до 80-ите години, нејзините нови предизвици во периодот на транзиција и денес, кога е рамо до рамо со мажот.

За претствување на положбата на жената во денешниот современ свет користени се приватни фотографии на успешни жени во својата област и фотографии отстапени од Агенцијата „Марили“, која повеќе од 25 години ја истакнува успешноста на жената преку избор на Жена- менаџер на годината.

Автори на изложбата се Славица Христова, м-р кустос советник етнолог, Татјана Ѓорѓиовска, м-р кустос советник етнолог и Оливера Џартовска Тачевска, кустос етнолог

М-р Славица Христова е кустос советник во Музеј на Град Скопје речиси 30 години. Во текот на богатата музејска кариера има објавено неколку монографии за животот во градот Скопје и околината., како и голем број изложби од областа на етнологијата.


Статијата е прочитана 502 пати.

Сподели: