Скулптурите на Никола Смилков дел од уметнички перформанс во Тамњаница, Србија

Македонскиот вајар проф.д-р Никола Смилков минатиот викенд беше дел од уметничкиот перформанс во белопаланечкото село Тамњаница во Србија каде на љубителите на уметноста и природата им приредија несекодневно уживање изложувајќи ги своите уметнички дела на плантажа со лаванда. Плантажата е во сопственост на Горазд Чук, основач на Куќата на уметникот „Пигмалион“ и веќе неколку години домаќин на вакви манифестации.

Смилков заедно со својата колешка од Белград, Јована Петковиќ ги изложија своите дела претставувајќи ја на тој начин својата работа во екстериер на природен амбиент кој на необичен начин го надградува уметничкото доживување. 

„Имам убава соработка со господин Чук, веќе неколку пати сум бил учесник на уметнички симпозиуми во организација на ‘Пигмалион’, па со задоволство го прифатив повикот да изложувам на ова место. Се претставив со девет скулптури од прилепски мермер во галеријски формат. Низ моите дела се обидувам да ги прикажам емоциите, нивниот распон и движењето со кое се претставуваме на надворешениот свет“, објасни Смилков.

Белградската скулпторка Петковиќ вели дека нејзиниот мотив дел од својот опус да изложи во едно несекојдневно опкружување, во поле со лаванда е на посетителите да им овозможи преку нејзините дела подобро да се запознаат себе си.

Идејата за галеријата под отворено небо е на сопственикот на еко-плантажата Горазд Чук, колекционер на уметнички дела кој на овој начин ја споил уметноста создадена во ателје со природата.

„Лавандата има магија во себе која неодоливо ги привлекува луѓето. Еднаш годишно овде изложуваме скулптури, секоја последна сабота во јуни. Уметниците се наши чести гости. Сега се скулптори, па доаѓаат сликари и така до октомври, тука наоѓаат инспирација за своите дела“, вели Чук.


Статијата е прочитана 318 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско