НБМ: Основната каматна стапка е непроменета и е на ниво од 2,5 проценти

 

Каматната стапка на благајничките записи останува непроменета на ниво од 2,5%, а понудата на благајнички записи на редовната аукција не се променува и изнесува 10 милијарди денари. Вака одлучи Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на вчерашната редовна седница на која беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и за глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари.

Од НБМ информираат дека при носењето на одлуката беа земени предвид неколку клучни фактори, пред сѐ, досега преземените чекори за нормализирање на монетарната политика, како и последните движења кај инфлацијата и на девизниот пазар каде се забележува значајно стабилизирање во последниот период, а Народната банка интервенира со откуп на девизи. Притоа, притисоците од енергетската криза се намалени значително, додека приливот на девизи на менувачкиот пазар во овој период е значително повисок од очекувањата. Воедно, на девизниот пазар видливи се и одредени позитивни поместувања во однос на побарувачката на девизи од страна на домашните физички лица, што укажува на постепено стабилизирање на очекувањата и довербата на домашните субјекти.

Во изминатиот период Народната банка делуваше кон постепено нормализирање на монетарната политика, со цел одржување на среднорочната ценовна стабилност, преку соодветно управување со ликвидноста, како и зголемување на основната каматна стапка во четири наврати последователно. Ваквата монетарна поставеност беше поддржана и со дополнителни мерки, односно промени кај инструментот задолжителна резерва заради понасочено делување врз процесот на евроизација (во два наврата), како и системски мерки преку донесување одлука за воведување противцикличен заштитен слој на капиталот од 0,5%, со што дополнително се јакнат заштитните механизми во банкарскиот систем. Се очекува зголемувањето на основната каматна стапка, заедно со досегашните промени во стапките на издвојување на задолжителната резерва во домашна и странска валута, и понатаму да делуваат на каматната политика на банките за стимулирање на штедењето во домашна валута. 

„Најновите податоци за инфлацијата покажуваат просечна инфлација од 10,9% во периодот јануари – јули 2022 година, при што три четвртини од овој раст и натаму се објаснува со растечките цени на храната и енергијата. Оттука, динамиката на инфлацијата и натаму главно е одраз на фактори на страната на понудата, односно на порастот на увозните цени на храната и енергијата, вклучително и на домашната цена на електрична енергија, која е под влијание на случувањата во глобалниот пазар на енергија. Сепак, со оглед на долготрајноста на овие трендови, ваквите притисоците брзо се прелеваат врз цените и на останатите производи и услуги и дополнително ги подгреваат инфлациските очекувања, што упатува на потребата од водење претпазливи домашни политики“, велат од НБМ и додаваат дека, сепак, месечната промена на потрошувачките цени покажува одредено забавување, а голем дел од месечниот раст се должи и на донесената одлука за промени во регулираната цена на електричната енергија.

Девизните резерви се одржуваат во сигурната зона, а нивното ниво ги задоволува барањата за адекватност согласно со меѓународните стандарди. За ова придонесува високото ниво на девизните резерви во претпандемичниот период и натамошниот раст во двете години од пандемијата. Движењата на девизниот пазар засега се поволни, односно притисоците од енергетската криза во моментов се значително намалени, додека приливот на девизи на менувачкиот пазар во овој период е значително повисок од очекувањата. Во вакви околности, Народната банка во текот на јули и август интервенира со откуп на девизи, што дополнително го зголемува нивото на девизни резерви.

Податоците за активноста во домашната економија во првиот квартал од 2,4%, како и оцените за понатамошен раст согласно со високофреквентните податоци за периодот април – јуни 2022 година засега се во согласност со последните очекувања. Ризиците за понатамошниот период остануваат надолни, во услови кога воениот конфликт во Украина, продолжената пандемија и глобалните геополитички тензии делуваат на голема променливост и непредвидливост на надворешните економски и финансиски услови. Така, во овој период се забележува натамошен, но малку поумерен годишен раст кај индустријата, прометот во вкупната трговија и угостителството, додека активноста во градежништвото во периодот април – мај бележи забавување на падот.

Од аспект на движењата во монетарниот сектор, последните податоци покажуваат понатамошен раст и на кредитите и на депозитната база, при што кредитната активност е над проекциите, додека динамиката на вкупната депозитна е нешто послаба споредено со очекувањата. 

Општо земено, ризиците за целокупниот макроекономски контекст и натаму се изразени. Главниот ризик и понатаму претставува неизвесноста предизвикана од глобалните геополитички тензии и нивното влијание врз цените и економската активност во глобални рамки. Не треба да се занемарат и ризиците од пандемијата на КОВИД-19, којашто сѐ уште не е завршена. Во вакви услови уште повеќе доаѓа до израз потребата за водење претпазливи домашни политики. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците поврзани со нив и ќе продолжи со делување користејќи ги сите расположливи инструменти, со цел да се одржи стабилноста на девизниот курс и среднорочната ценовна стабилност.  

 


Статијата е прочитана 185 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско