Големата пијанистичка ѕвезда Валентина Лисица вечерва на „Охридско лето“

Музичката програма на 62-то „Охридско лето“ продолжува вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“ со концерт на големата украинско-американска пијанистка Валентина Лисица.

Валентина Лисица многумина ја сметаат за првата Jутјуб ѕвезда на класичната музика, но таа е повеќе од тоа. Таа е првиот класичен уметник што успеал својот интернет успех да го претвори во глобална концертна кариера во некои од водечките концертни сали во Европа, САД, Јужна Америка и Азија.
Валентина своето прво видео на интернет го постира на Јутјуб во 2007 година, снимка на Етидата оп. 39 од Сергеј Рахмањинов. Прегледите на ова видео се зголемуваат прогресивно, по што следат нови објави и на тој начин се поставуваат темелите на кариера на социјалните-мрежи каква што дотогаш светот не памети.

Благодарение на нејзината посветеност кон интернет публиката, Jутјуб каналот на Валентина Лисица денес брои повеќе од 650.000 претплатници и има над 147 милиони прегледи, со просек од околу 75.000 прегледи дневно. Нејзината Спотифај страница има повеќе од милион слушатели месечно.

Овој неверојатен успех и овозможува на Валентина Лисица да настапува во светските сали, нејзиниот рецитал во Лондонскиот „Ројал Алберт Хол“ го проследиле 8.000 слушатели, а истиот е објавен на ЦД и ДВД од страна на издавачката куќа „ДЕКА“ само една недела подоцна.

Следат девет албуми снимени за оваа издавачка куќа со музика од Рахмањинов, Шопен, Глас, Лист, Скрјабин, а и ЦД со музика од „златното доба“ на филмот со теми од филмови од 1920 година. Во 2019 година „ДЕКА“ издава специјален бокс-сет со ЦД-а посветени на музиката на П. И. Чајковски во кој се наоѓаат снимки на дела за соло пијано кои досега не биле снимени од ниту еден уметник.

 

 


Статијата е прочитана 230 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско