Народниот театар од Белград ја носи претставата „Војна и мир“ на „Охридско лето“

Вечерва љубителите на драмската уметност на „Охридско лето“ ќе имаат можност да уживаат во претставата „Војна и мир“ во изведба на Народниот театар од Белград, Србија. Претставата се игра на сцената на Долни Сарај со почеток од 21 часот.

„’Охридско лето’, покрај исклучително квалитетната музичката програма нуди врвни театарски креации, а денешната претстава само ќе го потврди квалитетот што го има драмската програма годинава. Токму претставата ‘Војна и мир’ е една од најпривлечните за љубителите на театарот, па можам да кажам дека гледалиштето на отворената сцена на Долни Сарај ќе биде исполнето до последното место“, рече директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ на денешната прес-конференција.

Селекторката на драмската програма, Сања Арсовска потенцираше дека „Војна и мир“ е едно од најобемните и најкомплексни дела во историјата на книжевноста, дело што може да биде и политичко, и историско, и љубовно, и егзистенцијално, и социјално. Ова дело, како што појасни таа, е комплексно и многуслојно во својата наративна структура, во психологијата на ликовите, како и во значењето на дејствата.

Режисерот Борис Лијешевиќ прв пат гостува на фестивалот „Охридско лето“ со своја театарска креација.

„Ова е голем роман кој е тешко да се постави на една експликација, тешко е да се сведе на неколку реченици, тешко е да се каже што е најважно, оти е роман кој зборува за историјата, постоењето на човекот, војувањето. Во романот има генерации што израснале во тоа воено време кое им ги обликува животните судбини“, рече Лијешевиќ објаснувајќи дека процесот на подготовка на претставата траел два месеца.

Уметничката директорка на Народен театар Белград, Молина Удовички кажа дека по една деценија повторно се враќа на „Охридско лето“ со проект кој, според неа, е едно од најголемите дела поставени на нивниот драмски репертоар.

„Целиот процес на создавање на претставата ме потсетува на вајарска работа, од едно грубо дело се создаде еден навистина прекрасен, филигрански изработен производ. Претставата е храбра и во поглед на Толстој и во поглед на комплетниот производ“, рече Удовички.

 

 


Статијата е прочитана 206 пати.

Сподели: