Лазаров: „Чест ми е да работам во мојата Македонија, Алкалоид е вистински проект за мене“

Новиот ракометен суперлигаш, екипата на Алкалоид денеска на прес-конференција ја претстави екипата и амбициите за новата сезона, промовирајќи се како чист македонски производ. Тренер на екипата ќе биде Кирил Лазаров, кој паралелно ја води и репрезентацијата на Македонија. Од амбициозниот проект се очекува многу.

„Чест и задоволство ми е што ќе работам во мојата Македонија, мојата родна земја и ќе пробам моето знаење и искуство што го стекнав годиниве низ светот, да го пренесам овде во Македонија. Чест е што во раце ќе имам ваков посакуван проект. Не се двоумев воопшто дали да ја прифатам поканата на РК Алкалоид. Со многу желба и ентузијазам влегов и ветувам дека ќе дадам се за добро не само на РК Алкалоид, туку и на ракометот и спортот во Македонија. Вакви концепти треба да се поддржуваат. Што повеќе вакви концепти има, ќе биде подобро за нашиот спорт. Ние како РК Алкалоид посакуваме да има повеќе вакви концепти во Македонија, бидејќи тоа е клучот за создавање квалитетни национални состави. Знаеме колку си ја сакаме репрезентацијата и државата и затоа вакви проекти се потребни. Ние сме млад и нов тим. Има многу играчи кои не знаат како изгледаат натпревари кои треба да се добијат во градови и сали во кои колку и да си добар тешко е да се победи. Јас лично имам високи амбиции како и секогаш, но, ќе одиме чекор по чекор“, изјави Лазаров. 

Тој потенцираше дека се уште ја запознава екипата, но оти е е пријатно изненаден од она што беше прикажано на струшкиот турнир со посилни противници. Негова примарна цел е Алкалоид да се пласира во плеј-офот.

„Оваа сезона ќе имаме најквалитетна Суперлига во последните 15-ина години. Гледаме дека ги мотивираме останатите екипи со нашиот проект, се надевам така ќе биде и во иднина“, изјави Лазаров.

Засега во Алкалоид не се размислува за странски засилувања, во иднина можеби би биле ангажирани.

„Мислам дека оваа година ќе бидеме единствени со чисто македонски производ како клуб. Сигурно дека тоа е за пофалба, продолжуваме напред со такво размислување. Не знаеме што носи иднината, имало примери кај нас кои почнале така па потоа се сменил концептот. Следните две-три години ќе одиме вака, понатаму ќе видиме. Јас секогаш сум за квалитетни странци од кои децата ќе можат да учат. Мој идол беше Душан Новокмет од кого учев, кој подоцна доби и македонско државјанство. Не сум за неквалитетни странци кои ги има кај нас во изобилие“, порача Лазаров на прес-конференцијата.

Досегашниот тренер на екипата, Љубомир Савевски ќе ја врши функцијата спортски директор, а Горан Минов го образложи планот на развој на клубот.

„РК Алкалоид е долгорочен и амбициозен проект. Започнавме минатата сезона и експресно влеговме во првата лига. Наша основна цел ќе биде воведување нови и современи модели на ракометната игра. Подигнување на квалитетот на тренинзи и создавање нови македонски ракометари. Минатата година процесот го започнавме со Љубомир Савевски кој и понатаму останува во клубот како спортски директор. Во оваа сезона го ангажиравме Кире Лазаров кој целиот свој живот го даде на ракометот. Тој ќе им помогне на младите ракометари да израснат во вистински шампиони”, изјави Минов.


Статијата е прочитана 271 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско