Култура

Со врачување на највисоките признанија затворени Струшките вечери на поезијата

понеделник, 29 август 2022

Со поетското читање „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ синоќа, на Мостот на поезијата свечено беше затворено 61.издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“.

Кенсаку Таникава, син на лауреатот на годинашните Струшки вечери на поезијата, јапонскиот поет Шунтаро Таникава во име на својот татко го прими највисокото фестивалско признание „Златен венец“. Тој во рамки на портретот на лауреатот во црквата „Света Софија“ одржа импресивен музички настап. 

На меѓународниот поетски митинг „Мостови“, наградата „Златен венец“ му беше врачена и на лауреатот од 2020 година, израелскиот поет, Амир Ор, а беа врачени и наградите „Браќа Миладиновци“ на македонскиот поет и книжевен преведувач, Зоран Анчевски и „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант на италијанскиот поет, Џерардо Мазучо.

Годинашното издание на Струшките вечери на поезијата, според директорот на Фестивалот, Тодорче Тасевски, по две изданија во услови на пандемија се врати во препознатливиот формат.

„Задоволен сум од изданието. Понудивме еден нов и смел концепт на свеченото отворање и затворање, авторска преработка на Т`га за југ од страна на ‘Пијан славеј’. Режијата на настаните беше на Зоја Бузалковска, сценографијата на ОТП студио, а дизајнот на плакатот на струшкиот уметник Енкел Дика“, изјави Тасевски за МИА.

Во знакот на годинашното мото „Ритамот на стихот, ритам на животот“ СВП издаде антологија „Музика, секогаш и уште (поезијата во дијалог со музиката)“, која ја нагласува врската меѓу поезијата и музиката.

Во рамките на Струшките вечери на поезијата денеска ќе се одржи меѓународно поетско читање на платото пред Музејот на современа уметност во Скопје.

 

Содржината е прочитана 60 пати.