„Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите со македонска премиера на 14 септември

Пет години по светската премиера во германскиот град Лудвигсбург, животниот музички проект на нашиот пијанист Симон Трпчески, „Македонисимо“ изнедрен од родната македонска почва, конечно доаѓа дома и ќе биде изведен и пред македонската публика.

Уникатниот проект кој ја спојува македонската народна музика со влијанијата на џезот и класичната музика ќе ја има македонската премиера на 14 септември на платото пред Националната опера и балет во Скопје, а потоа, на 25 септември ќе биде изведен и во Штип и на 26 септември во Битола. Влезот за сите настани ќе биде бесплатен.

„‘Македонисимо‘ конечно доаѓа дома и горд сум што ќе имаме можност да го претставиме проектот пред народот на кој му е посветен. Имав желба ова да се случи порано и малку жалам што не го иницирав порано, но агендата е набиена и притоа цело време треба да се биде на нивото што се очекува од вас. Жалам што толку време помина, но истовремено сум свесен за одговорноста. Ќе имате можност да чуете малку поинаков музички јазик, да ја чуете македонската народна музика во автентична изведба од класично образовани музичари“, рече Трпчески на денешната прес конференција најавувајќи ја македонската премиера. 

Албумот „Макердонисимо“ што во издание на британската етикета „Лин Рекордс” го обиколи светот е проект во чии рамки на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов, кој, како што вели Трпчески, „со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи различни музички стилови со нашата традиционална музика“. Тимот на Македонисмо квинтетот го сочинуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и на кавал, а зад удиралките е Влатко Нушев.

Трпчески откри дека пред светската премиера четири години работел во својата глава на овој проект, а креативниот процес со композиторот Шахов траел една година. На крајот е добиен сплет од 23 нумери, главно ора и по некоја песна.

„Со Шахов соработувавме многу блиску во процесот на создавање на овој проект, за кој нескромно можам да кажам дека претставува нов музички стил. Притоа се консултирав со Институтот за фолклор ‘Марко Цепенков‘ и со ансамблот ‘Танец‘, кои несебично ги споделија своите огромни материјали. Преку овој проект ја претставуваме огромната разноликост на огромното фолклорно богатство од сите страни на Македонија“, рече Трпчески, кој на 27 август организираше македонска претпремиера на „Македонисимо“ во струшкото село Збажди.

„Македонисимо“ досега е изведен во Словенија, Полска, Франција, Велика Британија, Холандија, Србија, Романија, Црна Гора, Јужна Кореја и Канада, а деновиве е и швајцарската премиера.

Со оваа домашна турнеја ќе се одбележи и 15-годишнината на Здружението за култура и уметност „КултурОп“, чија основна задача е токму поддршката на Симон Трпчески.

Инаку, „Македонисимо“ ќе добие и своја оркестарска верзија, која премиерно ќе се изведе на 2 март во Виена.

„Имаме ексклузивна можност со вас да ја споделиме и веќе потврдената светска премиера на оркестарската верзија на ‘Македонисмо’ во веројатно најпознатата музичка сала на светот, виенски ‘Музикферајн’, сцената на која се одржува традиционалниот Новогодишен концерт омилен во глобални рамки. Македонисмо квинтетот предводен од Трпчески на оваа престижна сцена на 2 март 2023 година од 20 часот ќе го придружува австрискиот Тонкунстлер оркестар, а под палката на нивниот шеф-диригент, маестро Јутака Садо од Јапонија“, велат од „КултурОп“ .


Статијата е прочитана 334 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско