Гевгелиски „Еуроинг“ е дел од проектот за изградба на Ветерен парк во Богданци

Интервју со Даниела Ташевска Малева, генерален менаџер на „Еуроинг“ – Гевгелија во кое зборува за тридецениското постоење на компанијата чија основна дејност е градежништво и е дел од проектот за изградба на Ветерен парк составен од пет ветерници, како и за тоа што е пресудно за да напредува жената во кариерата,

 

 

МАРИЛИ: Од кога постои „Еуроинг“, која е основната дејност, колку вработени има и според што се разликува од другите градежни компании? 

ТАСЕВСКА МАЛЕВА: „Еуроинг“ е основана во 1991 година, пред точно 31 година во октомври, со основна дејност градежништво - изведување градежни работи, независно дали се од нискоградба, високоградба или хидроградба. Значи, сите градежни работи ги изведуваме низ цела држава, па и надвор од државата. „Еуроинг“ не се занимава со проектирање ниту, пак, со надзорски услуги, барем не засега, како ќе минуваат годините, како ќе се менува пазарот на побарувачката, така ќе одлучуваме дали и кога ќе ја пренасочиме или прошириме нашата дејност во други области. Денес „Еуроинг“ има 80 редовно вработени плус сезонски по потреба. Низ годините „Еуроинг“ растеше, се развиваше, се надградуваше, се докажуваше со својата изведба и несебично ја докажа својата цел, со што мислам дека од тие причини и се разликуваме од другите градежни фирми. „Еуроинг“ е една од ретките фирми што секоја работа ја завршува во предвидениот рок, ако не и пред рокот, а истовремено го остварува договорениот квалитет.

 

МАРИЛИ: И покрај 30-годишно постоење „Еуроинг“ е компанија што е во постојан раст и развој, за што потврда се и настапите на меѓународни тендери. Кои се основните цели на компанијата и кое е мотото по кое се водите во работата?

ТАСЕВСКА МАЛЕВА: Уште од самиот почеток на фирмата главно мото е постигнувањето врвен квалитет на изведбата, рок на испорака, техничка опременост и посветен персонал. Сѐ додека се фокусираме на овие елементи, може да има раст и развој на фирмата. Крајна и главна цел е постигнувањето задоволство кај инвеститорите за искажаната доверба и продолжување на идната соработка. За да се изгради еден проект, прво мора да има поставена техничка организираност предводена од стручен тим. Тоа значи дека треба многу добро да се организира градилиштето за цело времетраење на градбата, со цел да  ги има сите ресурси што се потребни за конкретниот објект за да нема доцнење во изведбата, да се воспостават ред и дисциплина. Сите овие работи ја прават главната и крајната цел, а тоа е постигнување врвно задоволство кај нашите инвеститори и продолжување на нашата идна соработка. 

 

МАРИЛИ: Кои се најпрестижните проекти на кои сте работеле и кажете ни нешто повеќе околу проектот за изградба на парк на ветерници во Општина Богданци?

ТАСЕВСКА МАЛЕВА: Многу е тешко да се одговори на ова прашање, најпрестижни објекти... Секој објект е посебен на еден или на друг начин, но би наброила неколку: изградба на пречистителната станица за отпадни води во Гевгелија, еден од поновите објекти од исклучителна важност за Општина Гевгелија, ревитализација на пристапниот пат до депонијата Конско преку ИОМ, регулација на речното корито на Сува Река - Гевгелија, исто така, важен објект поради историјата на поплави во Општина Гевгелија, изградба на експресниот пат Штип-Радовиш - дел 4, реконструкција на автопатот Смоквица-Гевгелија, санација на мостот на реката Вардар на регионалниот пат Неготино-Лакавица, систем за наводнување и одводнување на Рудникот Бучим, изградба на ветерници на ЕЛЕМ, многу локални и регионални патишта во Гевгелија, Валандово, Богданци, Струмица. 

Конкретно за проектот за изградба на Ветерен парк, можам да ви кажам дека колку што е неверојатна самата идеја за производство на електрична енергија од обновливи извори, толку е неверојатно тешко да се направи еден таков проект. Првичната идеја дојде при изградбата на ветерниците на ЕЛЕМ, ние таму бевме како подизведувачи на грчки „Сименс“. Од моментот на идејата за реализација на проектот до одобрението за градба ни беа потребни седум години. Седум години не се мал период, но успешно се подготви проектот. Дотука го работевме сами, а оттука па натаму го работи, развива и унапредува една групација на словенечки и австриски фирми што професионално се занимаат со ветерни паркови и тоа им е основна дејност. Првичниот проект имаше девет електрани, но, како што минуваа годините, така се менуваше и пазарот на ветерници, со што странските инвеститори ја преточија новата технологија во понова и ги намалија електраните на пет. Капацитетот на производството не е намален и изнесува 30 мегавати. Во согласност со досега изработеното и со сите планови, би требало наскоро да се почне со изградбата. 

 

МАРИЛИ: Според Вашето мислење, што е пресудно за да напредува жената во кариерата, дали образованието, личните карактеристики, умешноста да се освојуваат современи вештини за личен развој, поддршката од семејството, поддршката и мотивацијата од работниот тим...?

ТАСЕВСКА МАЛЕВА: Според моето мислење, жените се родени лидери, тешкиот дел е прифаќањето на фактот дека постои жена лидер. Без разлика, во денешно време сѐ е тешко, но најбитно е да имаме цел. Сѐ додека имаме цел и работиме за остварување на таа цел, може да се постигнат многу работи. Нормално, препреки, проблеми, точки и запирки има секаде. Ги имало и порано, ги има и сега, а ќе ги има и во иднина, не само во работата на жените, туку секому. За да се биде лидер, потребно е многу труд, не е само образованието и надградувањето на интелектуален план, туку има многу повеќе... Способноста да се носите со секаков тип луѓе, со различни карактери, табиети, околности, ситуации, технологии, донесување итни и прифатливи решенија-одлуки, искажување доверба, лојалност, стабилност и професионализам... тоа не се учи од книгите, туку се стекнува или се доживува и тоа најмногу со искуство.

Денес постојат повеќе начини да се надградуваме самите себе, постојат многу современи вештини за личен развој што и тоа како помагаат во изградувањето и оформувањето на една личност. Според моето мислење, за да биде лидер една жена во деловниот свет најголем предизвик ѝ е фамилијата, па затоа денес несебично можам да кажам дека тие се двигателот на мојот живот. Претпоставувам така е поради семејниот бизнис што го наследив од татко ми, па сега и со сопругот работиме заедно. 

 

МАРИЛИ: Со оглед на многубројните професионални ангажмани, како го организирате времето и дали Ви остануваат слободни мигови за релаксација и некое хоби?

ТАСЕВСКА МАЛЕВА:  Без оглед на професионалните ангажмани на кои им нема крај, работа има постојано, нормално, мора да се најде време за релаксација, инаку, како би го продолжиле „подобро утре“... Најчесто се трудам двапати неделно барем со едната ќерка да пешачиме по еден до два часа... обoжаваме пешачење, а кога имам слободен викенд редовно ја посетуваме планината Кожуф и буквално уживаме во сите нејзините убавини. Од мај ми почнува летната сезона за вежбање на отворено и тоа двапати неделно, што за мене е повеќе од доволно. Исто така, би споменала дека цела фамилија, јас, сопругот и ќерките сме вљубени во скијање и се трудиме редовно да одиме на скијање за време на школските распусти.


Статијата е прочитана 554 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско