Финансиска поддршка за фирмите - „зелените“ работни места ќе носат грантови до 600.000 евра

До 31 октомври годинава заинтересираните фирми можат да аплицираат во Агенцијата за вработување за финансиска поддршка за креирање нови работни места преку т.н. зелени инвестиции од Програмата за развој на ОН (УНДП).

За нови вработувања компаниите може да добиваат од 205.000 до 615.000 денари, во зависност од одобрените вработувања, а поддршката се доделува во вид на грант, односно неповратни средства наменети за финансирање нови деловни инвестиции насочени кон транзиција кон зелена економија во машини, алатки, опрема за обновливи извори на енергија и опрема и материјали за енергетска ефикасност.

„Мерката обезбедува и поддршка за стручни обуки за зелени вештини за претпријатијата корисници на финансиска поддршка и за сите други претпријатија заинтересирани да го поттикнат својот деловен развој преку зелени инвестиции. Дополнително, поддршката за стручни обуки за зелени вештини ќе биде овозможено и за невработените лица со цел да се олесни нивната транзиција кон вработување во области во кои што имаат потреба од такви вештини“, рече министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на промоцијата на оваа мерка во Агенцијата за вработување.

Мерката „Поддршка за креирање нови работни места преку зелени инвестиции” треба да го поттикне создавањето нови вработувања и воедно го катализира процесот на зелена трансформација на приватниот сектор преку воведување зелени производи и услуги, технологии или процеси во самите претпријатија.

„Зелените работни места се оние занимања што придонесуваат за заштита на животната средина, намалување на аерозагадувањето и справување со климатските промени, но кои во исто време обезбедуваат социјална еднаквост и инклузивност. Овие работни места во нашето поднебје имаат огромен потенцијал за обезбедат развој, пред се, поради изобилието на сонце, плодна почва, недопрена природа и други предуслови“, рече Беким Мурати, директор на Агенцијата за вработување.

Пренесено од МИА

 


Статијата е прочитана 208 пати.

Сподели: