„Макпетрол“ со над 15 милиони евра добивка годинава

Домашната нафтена компанија „Макпетрол“ ги заокружи првите девет месеци од годинава со добивка од над 15 милиони евра и приходи за 81 отсто повисоки од лани. Ова го покажува Билансот на успех за првите три квартали од 2022 година објавен на Македонската берза,

Ваквите брјки покажуваат дека компанијата успешно се справува со светската економска и пред се, енергтеска криза. Од „Макпетрол“ укажуваат дека финансискиот успех во досегашниот тек од 2022 година е показател за стабилноста на компанијата на домашниот и регионалните пазари, како и за успешното менаџирање во кризниот период за целиот бизнис. Билансот на успех покажува многу значителен пораст на вкупните приходи на компанијата од дури 72 отсто споредено со лани, со што тие годинава достигнаа 451 милион евра. Значителниот пораст на приходите се должи на зголемените приходи од продажба кои пораснале за 81 отсто. Вкупните приходи од продажба изнесуваат 448 милиони евра, од кои 421 милион евра се приходи од продажба на домашниот пазар, додека останатите 27 милиони евра се од продажбата на странски пазари. Според финансискиот извештај, приходите од продажба на странските пазари имаат значително помало учество во вкупните приходи од продажба, но годинава тие се повисоки за дури 232 отсто од лани, што е огромен успех имајќи ги предвид турбуленциите на пазарите во светот предизвикани од високата инфлација и недостигот од енергенси.

Покрај приходите, пораснале и расходите на компанијата и тоа за 80 отсто повеќе од лани. Расходите достигнаа 436 милиони евра во првите три квартали од годинава, најмногу поради зголемените набавни цени на трговските стоки, повисоките трошоци за суровини, како и зголемените трошоци за вработените за 13 отсто кои се резултат или на зголемување на платите на вработените или на нови вработувања во компанијата.

Во првите девет месеци од годинава „Макпетрол“ единствено бележи намалување кај останатите оперативни приходи, ситуација која се должи на минатогодишната продажба на уделот во ГА-МА, при што капиталната добивка беше запишана во финансиските извештаи. Бидејќи годинава таа добивка ја нема, останатите оперативни приходи за 2022 година заклучно со септември годинава се 3,2 милиони евра, што е намалување за 79 отсто  во однос на лани. Фактот што и без приходот од продажбата на ГА-МА „Макпетрол“ бележи многу солидни финансиски резултати, е позитивен сигнал за инвеститорите и деловните партнери за стабилноста и растот на компанијата.

 


Статијата е прочитана 194 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско