Азески со порака до европските лидери: „На балканскиот бизнис му е преку глава да биде понижуван, условуван и одложуван“

Патување со лични карти низ целиот регион на Западен Балкан, признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина и по стоматологија и на архитектите во формат кој ќе ги отстрани пречките на националното законодавство, а ќе се поедностави и процесот на нострификација на дипломите за високо образование во сите 6 земји на ЗБ. Во најава е и укинување на визниот режим меѓу Косово и Босна и Херцеговина. Ова се спогодбите кои треба да бидат потпишани на Самитот на лидерите на ЕУ со Западен Балкан, таканаречен Берлински процес, кој ќе се одржи на 3 ноември 2022 во Берлин.

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески смета дека е добро што овој самите повторно се врати во Берлин, бидејќи таму се донесуваат конкретни заклучоци кои потоа имаат и резултати. 

„Конечно оваа недела Самитот на лидерите на ЕУ со Западен Балкан, таканаречен Берлински процес се враќа во Берлин. Изгубивме седум години вртејќи по европските метрополи, како да не знаеме дека одлуките се носат во Берлин. Затоа, минатата година на 1.11.2021 година, под наслов ‘ЕУ И НИЕ – БУГАРИЈА И ТИЕ’, јасно истакнавме барање да се врати Берлинскиот процес во Берлин, затоа што, како што беше тргнал, ќе завршеше во Ла Валета (Малта). А, враќањето во Берлин веднаш донесе конкретни резултати“, вели Азески.

Тој потенцира дека европските лидери мора да разберат дека на балканскиот бизнис му е преку глава да биде понижуван, условуван и одложуван.

„Доста ни е од редицата камиони и од границите на секој чекор (јасните перспективи до 2030, 2040, 2050, 2060). Она што ние како бизнис треба да го направиме е највнимателно да ги прочитаме пораките и да ги прифатиме реалните забелешки, забрзувајќи ги процесите на економски развој, затоа што очигледно е дека сами не можеме да се справиме со овие предизвици и тој дел од патот мора да го поминеме под менторство на Европската комисија“, вели Азески.

Тој потсетува дека насоките на ЕУ се создавање регионален пазар на Западен Балкан, кој интегрирано треба да се поврзе со Европската Унија преку Европската економска заедница – ЕЕЗ.

„Ние, како држава, ги имаме исполнето минималните копенхашки критериуми кои се основа за каков било почеток на преговорите со ЕУ и упорно работиме на нивно започнување. На 28.7.2021 година во интервју за МИА јасно кажав: ‘Балканот да се отвори, историјата да се затвори, бизнисот да се обедини’, со што укажуваме дека ни е доста од затвореност, корупција, сива економија и од евтина работна сила. Не сакаме повеќе понижувања дека сме неспособни да се интегрираме во меѓународната заедница и дека некој однадвор треба секогаш да ги решава нашите проблеми. Бараме да се отвори Балканот, да се затвори историјата, да се обедини бизнисот и да се истрае во примената, без оглед на отпорот на конзервативните сили. Неопходно е регионот што побргу да се апстрахира од деструктивниот процес на балканизација. Европските лидери кон овој процес треба да пристапат најодговорно и професионално, зашто трпението и наклонетоста на бизнисот кон европските вредности може да се доведе во прашање“, вели Азески.

 

 


Статијата е прочитана 72 пати.

Сподели: