„Гарантирани“ пониски цени на стотици прехранбени производи, листата ќе се прошири

Граѓаните ќе можат да ги препознаат според ознаката „гарантирана цена“. Одлуката за поевтинување на прехранбените производи за 10 отсто и замрзнување на намалените цени ја донесе вчера Владата на седница, а според најавите од министерот за економија листата со производи ќе се прошири следната недела, пренесува МИА.

Примената на Одлука за определување на највисоките цени во трговијата на мало со усвоената листа на производи, според Бектеши, ќе ја намали целокупната инфлација во делот на храната за 4 до 5 отсто.

-Намалување на цените на 25 категории производи нема да има за постојните, туку за цените што ги имале на 1 август годинава. Тие цени од 1 август дополнително треба да бидат намалени за минимум 10 отсто. Доколку од 1 август досега биле драстично зголемени цените за некој од овие производи тоа би можело да значи намалување на цената и за 30 до 40 отсто. Трговците за вршење дејност производство и трговија на големо за овие производи треба да одобруваат рабат и други надоместоци кон трговците на мало во висина до 5 отсто и не повеќе, рече Бектеши вчера на прес-конференција.

Со владината одлука, трговците на големо и производителите вклучувајќи ги и увозниците и дистрибутерите дополнително имаат обврска да го снабдуваат пазарот со најмалку 70 отсто од количините на истите производи што ги снабдувале во август годинава.

Владата ја коригираше одлуката во делот на акциите со која ќе им се дозволи на трговците на мало да можат да прават акции со пониски цени од цените што се замрзнати со денешната одлука на Владата. Дополнително сите трговци на мало и сите синџири на супермаркети ќе имаат обврска во случај да прават намалување на одредени цени заради истек на рок тоа да го означат за да им биде јасно на граѓаните кои купуваат што таксативно е наведено во одуката за акции.

Казната за непочитување на мерките може да биде и забрана за вршење дејност во зависност од тежината на прекршокот, а ќе ја спроведува Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). За таа цел во текот на наредната недела ќе се зголемат ингеренциите на ДПИ.

-Доколку ДПИ не постапува ќе се преземат соодветни мерки и кон Инспекторатот, најави Бектеши.

По седницата на Владата на која беше донесена одлуката за цените, министерот во телевизисоко интервју најави дека од идната недела граѓаните може да очекуваат дополнување на листата поевтини производи, вклучувајќи ги и оние за хигена, како и одредени кондиторски производи кои повеќе се трошат.

Според министерот, се јавуваат производители на минерална вода, пиво и сокови кои сакаат да се вклучат во мерката за намалување на цените која засега важи само за основните прехранбени производи.

-Ќе дадеме рок од една недела, да видиме како ќе се спроведува Одлуката. Од утре ДПИ ќе биде на терен, а јас од задутре и лично ќе им се придружам. Повеќе од убеден сум дека мерката ќе ги даде резултатите. Се забележа дека посебно по 1 август до денес, не само што се вратени маржите, туку и нелогично се зголемени цените на одредени производи. Утврдено е дека некои трговци сакаат тоа што им било план од почетокот на годината да го заработат по секоја цена, но во кризни времиња тоа не е дозволиво, посебно кога целиот товар е врз грбот на потрошувачите. Затоа одлучивме да ја донесеме оваа мерка. Гарантирам дека веќе нема да се носат „џентлменски“ мерки, како што ги нарекувавме, со усмен договор, туку мерките ќе бидат конкретни, објавени и јасни за сите граѓани да знаат точно што ќе следи. На дневна база ги следиме случувањата и затоа решивме производите да имаат ознака „гарантирана цена“ за потрошувачите полесно да ги препознаваат, рече Бектеши.

Идната недела ќе се донесе и ново законско решение за нефер трговски практики. За евентуално предизвикување заблуди кај потрошувачите во однос на цените, измами или нефер трговски практики се предвидуваат забрана за вршење дејност или различни други казни и глоби кои се главно прекршочни.

[Во четвртото тримесечје од 2019 година вкупно се откупени и продадени земјоделски производи во вредност од 7,886 милијарди денари или за 35,3 отсто повеќе во однос на истиот период од претхо]

Со одлуката на Владата се намалуваат цените на:

-ориз бел, во пакување од 900 g до 1kg;

-брашно пченично тип 400 и тип 500;

-бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450 g (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите;

- други пекарски производи; 5) бисквити „Petit Beurre” и бисквити обични и посни од 300 до 500 g;

-наполитанки, со фил од какао крем (обични, непрелиени) од 300 до 500 g;

- тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица обични) без и со јајца од 500 g;

-јунешко месо без коски, од бут или некој друг дел;

-свинско месо без коски, од бут или некој друг дел;

-мелено месо свинско и јунешко;

-пиле свежо или замрзнато (цело);

-пилешки стек свеж или замрзнат;

-чаен колбас (јунешки, свински и говедски) без додатоци и без слајс пакување;

-пилешка посебна салама (без слајс пакување);

-паштета од џигер и пилешка (без додатоци) во пакување од 95 и 100 g;

-трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, во пакување од 1 l;

-јогурт од кравјо млеко обичен (без додатоци) со масленост од 2,8% до 3,2%, во пакување од 1 l и 1,5 l;

-кисело кравјо млеко (обично, без додатоци) со масленост од 2,8% и 3,2%, во пакување од 300 до 500g;

-павлака од кравјо млеко со масленост од 12% до 20%, во пакување од 180 или 200 g ;

-традиционално кравјо бело сирење и мешано бело сирење (без додатоци);

-традиционален кравји и мешан кашкавал (без додатоци);

-свежи јајца од кокошка;

-свежо овошје и

-свеж зеленчук.


Статијата е прочитана 583 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско