Саемски промоции на „БАТА ПРЕС“

Книгоиздателството „Бата прес“ во рамките на Саемот на книгата 2025 година, во Скопје, во Промотивниот центар организира 5 промоции. На 10 мај во 10 часот ќе биде промовирана книгата со написи „Јазично огледало, 1“ од проф. д-р Васил Дрвошанов.

Во текстовите, авторот обработува различни прашања од повеќе дисциплини намакедонската наука за јазикот, поврзани со проблеми од секојдневната употреба на македонскиот јазик во практиката. Дрвошанов се раководел од идејата нотираните јазични отстапки од македонскиот стандард да ги протолкува на едноставен начин нормите на македонскиот јазик, поврзани со разгледуваните прашања, посочувајќи ги аргументирано и научно соодветните решенија. Делото ќе го промовира проф. д-р Олгица Додевска-Михајловска.

Во сабота на 10 мај, во 18 часот ќе биде промовирана и публицистичката книга „Распадот на Југославија и осамостојувањето на Македонија“ од новинарот и книжевен преведувач Ненад Баткоски. Во книгата се поместени текстови што ги објавувал во во весниците „Борба“ (1979– 1991), „Република“ (1991 до 1993), „Долар“ (1994 и 1995) и други, а бил главен уредник на новинската агенција МИА од 1999 до 2000 година. Соработувал со бугарскиот неделник „Време“ (1992) и со франкофонски медиуми во Лозана и Париз, како и со весници во Србија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина… Книгата беше номинирана за државната награда „Мито Хаџиваслиев-Јасмин“ за 2024 година. Книгата ќе ја промовираат универзитетските професори д-р Весна Костовска и д-р Васил Дрвошанов.

Во недела на 11 мај во 13 часот, ќе биде промовиран романот „Калуѓерки“ од писателот Димче Парталоски. Во романот, како што нагласува самиот автор, „приказните и судбините се измислени, но не се далеку од вистината.“ Промотор ќе биде универзитетскиот професор, писател и книжевен критичар д-р Славчо Ковилоски.

Во недела, 11 мај, во 15 часот ќе биде промовиран вториот роман под наслов „С(удба)та“ на македонскиот поет и прозаист Филип Георгиевски. Станува збор за политичко (полициски) психолошки трилер и трагични судбини.

Филип Георгиевски е автор на неколку поетски збирки, поеми, а минатата година го објави романот „Стриптиз на душата“. Романот „С(удба)та“ ќе го претстави писателот, книжевен критичар и драматург Гоце Ристовски.

Во среда на 14 мај, во 12 часот, ќе биде претставена поетската книга „Сѐ на овој свет“ од поетесата Гордана Каракашевска.

Таа живее, работи и твори во Скопје, со исклучок на неколку години од нејзиниот живот кога живеела и творела во Торино, Италија, и тие ќе остават длабока трага врз неа како креативна личност и уметница. Пишува песни и раскази на македонски, италијански, српски и на англиски јазик. Нејзините песни се преведени на други јазици и објавени во домашни и меѓународни литературни групи, онлајн списанија, како и антологии во печатена и онлајн форма.


Статијата е прочитана 85 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско