„Ламинати Ком“ - висококвалитетни композитни материјали присутни на три континенти

Интервју со Евгенија Ѓорѓиеска, извршен менаџер на „Ламинати Ком“ од Прилеп. Ѓорѓиеска во интервјуто говори за развојот  на компанијата, која заедно со компанијата ќерка „Еуропрофил АД“, се занимава со производство и прецизна машинска обработка на изолациски напредни композитни материјали, кои како извозно ориентирана компанија ги пласира на дури три континенти. Извршната менаџерка зборува за грижата за клиентите, вработените, поддршката од блиските и тимот, но и за корпоративната политика на компанијата - грижата за чиста животна средина. Според Ѓорѓиеска, успехот никогаш не е индивидуален, туку заслугата е на целиот тим и колегите што обезбедуваат непроценлива поддршка.

МАРИЛИ: Повеќе од две децении „Ламинати Ком“ успешно опстојува на македонскиот и на странските пазари. Како производна компанија, со што точно се занимавате и каде наоѓаат примена Вашите производи?

ЃОРЃИЕСКА: „Ламинати Ком“, заедно со компанијата ќерка „Еуропрофил АД“, се занимава со производство и прецизна машинска обработка на изолациски напредни композитни материјали.

Материјалите и финалните делови од тие материјали се издвојуваат со нивните извонредни карактеристики, значително надминувајќи ги тие на конвенционалните материјали во поглед на перформанси и квалитет. Композитните материјали, кои ги произведуваме, нудат уникатна комбинација од изразени ниска телесна маса и неповторлива отпорност на механички, електрични, топлотни и УВ- дејства.

Како резултат на оваа комбинација на својства, нашите производи наоѓаат широка примена во електроиндустријата, служејќи како изолатори на висок напон на големи енергетски трансформатори, стабилни и транспарентни на радиофреквентни сигнали, шасии за телекомуникациски антени, напредна изолација за трансформатори на брзи електрични возови итн. 

Покрај нашите производствени услуги, ние обезбедуваме постојана инженерска, технолошка и логистичка поддршка на клиентите. Често нашите инженери и технолози активно учествуваат во развојот и оптимизацијата на технички ефикасни решенија, обезбедувајќи врвни резултати за нашите клиенти.

Покрај тоа, нашиот посветен тим за логистика обезбедува целосна поддршка и консултации за сите логистички прашања на глобално ниво, обезбедувајќи лесни и ефикасни операции низ целиот синџир на снабдување.

МАРИЛИ: Кои се предусловите за континуирано и успешно да се опстојува на странските пазари? Колку се инвестира во едукацијата, стручноста на вработените и во дуалното образование наспроти постојаното опремување со високософистицирана опрема?

ЃОРЃИЕСКА: Има многу предуслови, но по некоја логика сите се поврзани едни со други. Тврдам дека еден од најважните аспекти за успешно и одржливо конкурирање на странскиот пазар е континуирано инвестирање во различни области.

Тука спаѓаат инвестиции во современи технологии, стандарди, дигитализација, автоматизација, инфраструктура, маркетинг, но, пред сѐ, во човечките  ресурси. Овие паралелни инвестиции, кога се во балансиран спој, обезбедуваат производство на производи со докажан и одржлив квалитет по соодветна цена. 

Сепак, не е доволно едноставно да се направат овие инвестиции. Клучно е да се обезбеди безусловна посветеност и поддршка на клиентите, третирајќи ги како деловни партнери и давајќи му приоритет на нивното задоволство. Нашите клиенти добиваат третман на бизнис-партнери и посветеноста и задоволството на клиентот е јадро околу кое гравитираат сите други корпоративни политики.

Нашиот тим е главна предност бидејќи тој ефикасно ги спроведува инвестициите, произведува висококвалитетни производи и се грижи за задоволството на клиентите. Посветени сме и инвестираме во понатамошна едукација, раст и развој на нашите луѓе. Од оваа година учествуваме во програмата за дуално образование по германски модел, а веќе имаме воспоставено и долгорочна соработка со повеќето државни факултети за финансиска и менторска поддршка на проекти, дипломски и постдипломски студии.

Оттука доаѓа и нашиот спој од циклус на инвестиции што веќе е во тек. Тоа се повеќекратни инвестиции во модерна и софистицирана опрема, која значително ги зголеми ефикасноста, продуктивноста и прецизноста. Во изминатиот период се фокусираме на долгорочни инвестиции во дигитализацијата и автоматизацијата. Така ги оптимизираме процесите, ја зголемуваме ефикасноста и ја подобруваме следливоста. Целосно имплементиравме систем ERP, што ни обезбедува широк спектар на бази на податоци во реално време што нѝ овозможуваат брзи и правилни одлуки. 

МАРИЛИ: Вие сте една од ретките производни, извозно ориентирани компании. Колку е важна поддршката на државата за вакви компании и како, според Вашето мислење, тие треба да се стимулираат?

ЃОРЃИЕСКА:  Се разбира дека секоја поддршка е добредојдена. Како и да е, ние сме приватна компанија, а колку ќе успееме на странскиот пазар најмногу зависи од нас самите. Веќе сме присутни на повеќе од дваесет странски пазари, меѓу кои и Германија, Швајцарија, Франција, Италија, Шведска, Англија, Америка, Индија итн.

Но, ако треба да издвојам, од големо значење би било намалувањето на бирократските процедури, како и финансиска поддршка за развој на нови производни програми и стимулација за учество на меѓународни саеми.

МАРИЛИ: Колку и на кој начин Вашата компанија се грижи за околината и за чиста животна средина? Како се справувате со отпадот во производствениот процес?

ЃОРЃИЕСКА:  Еден од аспектите што се дел од нашата корпоративна политика е грижата за чиста средина. Покрај правните барања за почитување на Б Интегрирана дозвола за околина, имплементиравме и дневно го применуваме стандардот ISO14001. Веќе инсталиравме најсовремени филтри во нашите објекти за да обезбедиме чиста и здрава работна средина за нашиот тим и здрава средина за околината.

Значајна тековна инвестиција е паметна производствена фабрика и административна зграда каде што е инсталиран дигитален систем што ја следи потрошувачката на секоја машина, осветлување, вентилација. Системите се оптимизирани со помош на автоматизација.

Тоа ни овозможува автоматско приспособување на производството кога фотонапонската централа произведува најмногу енергија. Централата има моќност од половина мегават, а планирано е нејзино проширување. Дополнително, поддржуваме зелена мобилност со инсталирање електрични полначи за електрични возила што ќе се полнат исклучително со вишокот енергија од фотонапонската централа. 

Отпадот во нашиот круг се складира според категории и се почитува пропишаната процедура. Делот што може да се рециклира се сортира во посебен рециклирачки отпад, додека отпадот што не може да се рециклира се отстранува како технолошки отпад, според строга процедура, во депонија со која имаме потпишан договор. 

МАРИЛИ: Според Вашето мислење, што е пресудно за напредок на жената во кариерата? Дали тоа се образованието, личните карактеристики, поддршката од тимот и семејството или, пак, нешто друго?

ЃОРЃИЕСКА:  Визија. Според моето мислење, за да се постигнат успех и напредок во кариерата, пресудна е визијата што секоја жена ќе си ја зацрта за себе, со најголемата можна самодоверба. За секој жена суштински е да покаже храброст и да си постави јасна визија. Оваа визија служи како катализатор, привлекувајќи поддршка од тимот, колегите, семејството и сите што се во нејзино опкружување. Успехот никогаш не е индивидуален, заслугата е на целиот тим и колегите што обезбедуваат непроценлива поддршка. Дополнително, безусловната поддршка од семејството, за која сум бескрајно благодарна. Важни се и личните карактеристики за да останеме доследни на визијата. Сепак, личните карактеристики можат и треба да се совладуваат и подобруваат во текот на целиот живот со соодветна континуирана едукација и тренинг. Кога жената поседува добро дефинирана визија за успешна кариера и среќен приватен живот, верува во себе и останува доследна на тоа, правилниот избор на образование, соработници, тим и луѓе во нејзина близина се неизбежни и сигурни. 

МАРИЛИ:  Како извршен менаџер на „Ламинати Ком“, кој постојано е во движење и со исцрпувачка работна динамика, на кој начин ги „полните батериите“ и што Ве релаксира?

ЃОРЃИЕСКА:   Ме исполнува времето поминато со семејството, со мојот партнер и моите пријатели. Тоа ме исполнува со позитивна енергија и дава смисла на сѐ.

Сепак, динамиката е и мој животен стил. Па, затоа приватните патувања, запознавањето нови дестинации, новите култури и традиции се полнач за моите батерии.

Грижата за моето физичко здравје и редовните тренинзите со личен тренер ми помагаат да одржувам физичка благосостојба.

Во слободно време уживам во музика, добра книга или филм. Сакам да уживам и во вкусот на добра храна.

Сметам дека е неопходно да се одржи баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот.


Статијата е прочитана 6684 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско