ИКТ-секторот за краток период доживеа раст како ниедна друга индустрија во државата

Интервју со Анета Антова- Пешева, генерален менаџер на групацијата на компании „Ултра-Унет“, претседател на Собранието на МАСИТ - Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии, како и почесен конзул на Канада во нашата држава.

Антова- Пешева во  интервјуто говори за тоа како е да се биде успешен во ИТ-секторот во период подолг од три децении, за посветеноста и професионализмот и професионализам, за тоа дали сме во чекор со светските текови во однос на дигитализацијата на човечките ресурси во ИТ-индустријата, за жената во бизнисот, борбата за родова еднаквост. Компанијата „Ултра“ минатата година го доби признанието „Родово одговорен работодавец“, доделено од Делегацијата на Европската Унија и Министерството за труд и социјална политика.

Антова- Пешева во интервјуто зборува и за една од нејзните подраги теми, а тоа е хуманоста.

МАРИЛИ: Со Ултра и Унет официјално започнува интернет-комуникацијата во нашата држава. Што значи да се биде успешен во континуитет во ИТ-секторот повеќе од три и пол децении, со оглед на тоа дека се работи за еден од најбрзо растечките и најнапредните сектори во светот?

АНТОВА-ПЕШЕВА: Имате право кога го споменавте овој факт. Навистина, во далечната 1995 година Унет ја оствари првата интернет-комуникација во Македонија. Со помош на сателитскиот линк остварен преку мрежата на БанкНет и УУНет првпат официјално ја поврзавме нашата држава со интернет-мрежата на САД.

Мислам дека не само нашите корисници, туку по малку и ние самите не бевме свесни за важноста на овој чин. Внимавајте, ова поврзување е остварено пред сите други компании во регионот, во период во кој не постоеја ниту е-мејл програми ниту пребарувачи од типот Јаху и Гугл, а за социјалните мрежи и да не зборуваме. Ни беше јасно дека светот влегува во нова возбудлива фаза полна со многу предизвици, но и шанси.

Но да не заборавиме, Ултра, мајката компанија на Унет, е во групата компании што го предводеа информатичкиот бум уште од далечната 1988 година. Тоа што се случи со Унет е само една од големите промени во информатичкиот сектор во тие навистина возбудливи години на трансформацијата на информатиката што до денес доминира со развојот на индустриите, а би рекла и на светот. Бевме дел од големите промени, како што е воведувањето на персоналните компјутери во светот, бевме сопственици на првото тридимензионално студио за графичка анимација во државата, бевме дел од првата пејџинг мрежа и на многу други во тоа време идеи „пред времето“.

Ултра беше и сѐ уште е еден од стратегиските партнери на најважните водечки брендови во ИТ-индустријата, како што се ИБМ, Оракл, Циско...

За да бидете успешен во ИТ-секторот во период подолг од три децении, особено во услови на брз технолошки напредок, потребни се многу знаење, подготвеност за технолошки унапредувања, континуирана адаптација кон новите технологии и трендови и, секако, перманентна инвестиција во образованието на вработените, инвестиции во технологијата со која работат и многу, многу работа, посветеност и професионализам.

МАРИЛИ: Со оглед на тоа дека сте и претседател на Собранието на МАСИТ - Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии, дали сме во чекор со светските текови во однос на дигитализацијата на човечките ресурси во ИТ-индустријата? Имате ли согледувања каква е состојбата по ова прашање во другите индустрии?

АНТОВА-ПЕШЕВА: Претседателствувањето со МАСИТ за мене беше голема чест и во исто време голем предизвик. МАСИТ е најреномираната асоцијација што ги обединува интересите на компаниите од ИКТ-секторот.

И покрај тоа што постои веќе подолго време, во последните години успеа да се наметне како главен партнер во преговорите со претставниците на државата за прашањата што ги тангираат компаниите од овој сектор.

Откако успеавме да го подигнеме прашањето на нужноста за информатизација и дигитализација на стопанството и јавниот сектор, тоа прашање стана неизоставен дел во сите политички агенди и говори на речиси секој претставник на политичките елити. Но тоа не е без причина. Во изминативе години ИКТ-секторот израсна во голема индустрија што вработува многу млади луѓе, работи за комитенти низ светот и генерира приход од повеќе од една милијарда и триста милиони евра.

Таков раст за толку кратко време не доживеала ниедна индустрија во историјата на нашата млада држава. Денес, според официјалните податоци од Управата за јавни приходи, тоа е сектор со највисоки плати во државата. Значаен дел од тој приход е остварен во земјите на развиениот запад, САД, Европа, Австралиjа...

Горда сум дека токму овој раст е постигнат во периодот кога јас како прва жена претседател раководев со асоцијацијата.

Мора да признам дека ми помогна тоа што многу долго време сум во овој бизнис, имам доволно години за да ги познавам сите тајни, а од друга страна имам поддршка од многу, многу млади луѓе.

Шансата на Македонија е да се развива во овој правец, инвестирање во напредни, иновативни, високодоходовни индустрии што можат да ги задржат младите луѓе во државата. Тоа е уште поважно сега кога се наоѓаме на прагот на петтата индустриска револуција, развојот на вештачката интелигенција и целиот тој комплекс на нови научни дисциплини што го следат тој тренд.

МАРИЛИ: Вие сте и почесен конзул на Канада во нашата земја веќе неколку години. Дали во овој период беа обезбедени конкретни бизнис-инвестиции или, пак, други бенефиции што директно ѝ помагаат на нашата економија?

АНТОВА-ПЕШЕВА: Кога пред четири години ме контактираа претставници на канадската амбасада со предлог да бидам почесен конзул на Канада во нашата држава, за мене тоа беше изненадување, но во исто време и голема чест.

Канада е една од оние земји за кои имам највисоко мислење и кои ги почитувам и ценам. Тоа е навистина убава држава, со огромни природни богатства, неизмерна природна убавина во која живее една од најотворените и најтолерантните нации во светот.

Во Канада живеат многу наши сонародници на кои таа им станала втора татковина и кои иднината на своите семејства ја поврзале со оваа земја. Тие се вистински мостови на пријателство што се природни и кои во двете држави имаат силно втемелени корени.

Во Канада живее третата, а можеби и четвртата генерација на семејства што потекнуваат од Македонија. Тие се успешни луѓе, етаблирани, респектирани, а значаен дел од нив и познати и признати бизнисмени.

Многумина од нив соработуваат со компании од Македонија. Сепак, во нашава држава најголема странска инвестиција е на компанијата „Магна“, која веќе ја отвора својата втора фабрика во државата.  

Повеќе од 30 години и јас сум во бизнис-сферата и разбирам дека секогаш се присутни економските предизвици и затоа ја знам и придобивката од присуството на канадските компании во нашата земја. Зајакнувањето и проширувањето на билатералната и економската соработка, трговијата, привлекувањето инвестиции и развојот на туризмот се фактори што ќе ги направат двете земји економски посилни. Кон тоа и целиме.

МАРИЛИ: Вие сте поддржувач на многу проекти за напредок на жената во бизнис-секторот, особено жената како менаџер, претприемач и лидер. Која е Вашата порака од досегашното искуство, на што најмногу треба да се фокусираат жените за да бидат успешни во бизнисот?

АНТОВА-ПЕШЕВА: Позицијата на жените во мојата компанија, како што може лесно да се заклучи, е многу силна, на пример, јас. Отсекогаш имам водечка позиција што апсолутно е еднаква на позициите на моите тројца машки партнери. Моите компании Ултра и Унет се едни од ретките каде што имаме повеќе жени на раководни позиции отколку мажи. Меѓутоа, она што сакам да го истакнам е дека не е важно дали зборуваме за маж или за жена. Квалификациите и подготвеноста на кандидатот да најде место во колективот се поважни од дискусиите за родова еднаквост.

Еднаквоста може да се постигне само ако жената е финансиски независна, секоја друга теорија за еднаквост ми е неодржлива. Многу е важно младите девојки да бидат економски независни, а тоа најлесно ќе го постигнат доколку се нурнат во водите на ИКТ-индустријата. Се трудам да менторирам колку што е можно повеќе млади девојки да се вклучат и да градат кариери во ИТ-индустријата и да бидат економски независни.

Дополнително, би сакала да нагласам дека сум oсобено горда што во 2023 година мојата компанија Ултра го доби признанието „Родово одговорен работодавец“, доделено од Делегацијата на Европската Унија и Министерството за труд и социјална политика.

Ова достигнување е огледало на нашиот напор во имплементирањето на родово еднакви политики во работната средина на нашата компанија.

МАРИЛИ: Колку хуманоста е важен сегмент во Вашите ангажмани? Дали имате конкретен фокус на кој ќе се ангажирате на општествено ниво во 2024 година?

АНТОВА-ПЕШЕВА: Во текот на целата моја претприемачка кариера вклучена сум и во хуманитарни организации и постојано се борам за правата на жените во корпоративниот свет и општеството. Како долгогодишен член на хуманитарната организација „InnerWheel“, заедно со жените членки од целиот свет се трудиме да ги користиме нашиот глас и позиција за да влијаеме врз подобрувањето на условите за живот на луѓето во согласност со целите за одржлив развој на Обединетите нации (ОН).

Се трудиме да обезбедиме финансиски средства и да работиме на проекти за да се стави крај на сиромаштијата, да се заштитат животната средина и климата и да се обезбедат мир и просперитет во нашето општество. 

Во 2024 година продолжувам да бидам активна и на ова поле, а особено да се борам за подобрување на родовата еднаквост, финансиската стабилност и кариерниот развој на жените и младите девојки.


Статијата е прочитана 489 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско