АМСМ - 80 години сигурност, квалитет, професионализам и безбедност во сообраќајот

Интервју со м-р Ирена Миновска Пехливанова, стратегиски менаџер во Авто Мото Сојуз на Македонија. АМСМ годинава го прославува својот 80-годишен јубилеј и е синоним за сигурност, квалитет и професионализам не само за возачите туку, генерално, во областа на мобилноста. Авто Мото Сојузот е бренд што ги поставува стандардите и е лидер во својата дејност. Во своето портфолио нуди повеќе од 50 услуги за физички и правни лица, меѓу кои АМСМ членските картички за бесплатна помош на пат во земјава и надвор од неа, каде било во Европа, услугата технички преглед на возила, осигурување, автошкола и обуки за нови возачи во различни категории, услуги за професионални возачи, лабораторија за калибрација итн.
Миновска Пехливанова во мај годинава беше прогласена за една од најуспешните жени менаџери во земјава и регионот на манифестацијата „Избор на Најуспешни жени менаџери“ која се одржа по 29. пат, во организација агенција „Марили“ од Скопје.
Миновска Пехливанова е и членка на „Марили Бизнис Клуб“ кој има околу 200 членки.
МАРИЛИ: Годинава АМСМ одбележува 80 години постоење, јубилеј со кој може да се пофалат мал број компании во земјава. Колкава е одговорноста да се задржат квалитетот и професионализмот на услугите низ годините? Колку се работи на иновативноста, инвестирањето и едукацијата на стручниот кадар?
М-Р МИНОВСКА ПЕХЛИВАНОВА: Вистинска привилегија е да се биде дел од организација со толку долга и успешна традиција.
Меѓутоа, од друга страна, пак, огромна е одговорноста што ја носи ваквото наследство. Да се задржи и унапреди квалитетот на услугите значи постојано адаптирање на новите предизвици, технолошките промени и потребите на корисниците. Во АМСМ иновативноста е еден од клучните двигатели на развојот - постојано инвестираме во модернизацијата и дигитализацијата на услугите за да го подобриме искуството на корисниците.
Но технологијата, само по себе, не е доволна. Затоа постојано вложуваме во највредиот ресурс за нас - луѓето во АМСМ. Веруваме дека само со високо обучен и мотивиран тим може да ги исполниме очекувањата на нашите членови и да останеме лидери во индустријата. Оттука би кажала дека овој јубилеј за нас во АМСМ е поттик за уште поголеми достигнувања во иднина.
МАРИЛИ: Што претставува денес АМСМ и кои услуги ги нуди? По што се издвојувате од другите компании со иста или слична дејност?
М-Р МИНОВСКА ПЕХЛИВАНОВА: Денес АМСМ претставува синоним за сигурност, квалитет и професионализам не само за возачите туку, генерално, и во областа на мобилноста. Со право можам да кажам дека сме бренд што ги поставува стандардите и кој е лидер во својата дејност.
Нашето портофолио вклучува повеќе од 50 различни услуги за физички и правни лица, а меѓу позначајните секако би ги издвоила АМСМ членските картички за бесплатна помош на пат во земјава и надвор од неа, каде било во Европа.
Потоа услугата технички преглед на возила, по кои сме и најпрепознатливи и каде што посебно внимание му посветуваме на квалитетот. Осигурување, кое како услуга е комплементарна и, секако, автошколата и обуките за нови возачи во различни категории. Во портофолиото на услуги се застапени и услуги за професионални возачи, лабораторија за калибрација итн. Широкото портфолио на услуги, но и нашето искуство и експертиза се она по што се разликуваме од сите други компании во дејноста. Дигитализацијата на услугите, како можност за онлајн користење на голем дел од услугите на АМСМ, е само уште една од клучните конкурентски предности на АМСМ.
МАРИЛИ: АМСМ е членка на ФИА од 1994 година. Накратко објаснете ни што претставува ФИА и што значи тоа за безбедноста во сообраќајот, како за нашите, така и за патниците што минуваат низ нашата земја?
М-Р МИНОВСКА ПЕХЛИВАНОВА: ФИА (Fédération Internationale de l`Automobile) е глобална организација што ги обединува водечките автомото клубови од целиот свет, со цел унапредување на мобилноста и безбедноста во сообраќајот.
Како единствена мобилити членка на ФИА од нашата земја уште од 1994 година, АМСМ активно придонесува во подобрувањето на безбедносните стандарди во сообраќајот, применувајќи меѓународни искуства, докажани методологии и најдобри практики.
За АМСМ членовите и корисниците, како и за патниците што минуваат низ нашата земја, нашето членство во ФИА значи дека услугите што ги добиваат се стандардизирани и ги задоволуваат највисоките европски и светски стандарди, по кои работат сите водечки мобилити клубови - членки на ФИА.
МАРИЛИ: Вие сте стратегиски менаџер во АМСМ. Од кога сте на оваа позиција и кои се Вашите задолженија? Според Вашето мислење, што е пресудно жената да напредува во кариерата? Дали тоа се личните карактеристики, образованието и постојаната доедукација, поддршката од тимот, поддршката од семејството или, пак, нешто сосема друго?
М-Р МИНОВСКА ПЕХЛИВАНОВА: На оваа позиција сум веќе 10 години. Како стратегиски менаџер во системот на АМСМ, моја улога е да ги насочам стратегијата и развојот на компаниите во рамките на АМСМ, да осигурам воведување нови услуги, да го надгледувам процесот на дигитализација на услугите и процесите, како и да управувам со внатрешните и меѓународните проекти, за што активно соработувам со другите клубови/членки на ФИА.
Верувам дека за една жена да напрeдува во кариерата, клучна е комбинацијата од лични карактеристики, јасна визија и амбиција, како и постојана доедукација. Светот и бизнисот денес се менуваат со огромна брзина и ако не си во чекор со овие промени, лесно може да станеш ирелевантен на пазарот на трудот.
Од друга страна, успехот на еден менаџер во голема мера зависи од луѓето околу него - правилно избраниот тим е есенцијален.
Поддршката од семејството е исто многу важна затоа што енергијата што секој од нас ја носи во себе, во голем дел зависи од хармонијата во семејството.
МАРИЛИ: Која е Ирена Миновска Пехливанова приватно? Како успевате да ги балансирате деловните и приватните обврски и што Ве релаксира во слободното време?
М-Р МИНОВСКА ПЕХЛИВАНОВА: Јас сум сопруга и мајка на две машки деца, Стефан и Александар, кои веќе одат во училиште, што ми овозможува повеќе време за личен и професионален развој.
Покрај секојдневните обврски со училиштето и вонучилишните активности на моите деца, редовно вежбам, посетувам обуки и читам стручна литература. Секако во сè ова од големо значење е поддршката од партнерот бидејќи е клучна да се пронајде баланс меѓу професионалниот и приватниот живот.
Балансирањето на деловните и приватните обврски бара добра организација, па затоа не ми пречи да станам во 5 часот наутро за да спортувам, додека попладнињата ги користам за предавања и обуки.
Вечерите ми се резервирани за книги и медитација, како мој начин да се релаксирам. Не е лесно да се најде време за сè, но со јасна визија и цел, мотивацијата и позитивната енергија стануваат движечка сила за успех.
Статијата е прочитана 697 пати.