25 години АСП-ПАК – Глобален снабдувач на плетена амбалажа, со ќерки-фирми во сферите на консалтинг, енергетика, логистика и аутсорсинг
Интервју со Спасе Спасески, менаџер за развој во „АСП-ПАК“ и м-р Ангела Јолакоска, генерален менаџер во „АСП Консалтинг“ Охрид. АСП-ПАК Охрид во 2025 година одбележа 25-годишиен јубилеј. Денес компанијата претставува еден од 5-те најголеми глобални снабдувачи со плетени производи за пакување на овошје и зеленчук, компанија која континуирано инвестира во зголемување на производствени капацитети, подобрување на ефикасноста и инвестира во создавање и усовршување на човечки ресурси.
„Во склоп на АСП-ПАК оформени се компании за производство на електрична енергија од Обновливи извори, Соларни електрани, Мали Хидро Електрани и Биогасна Електрана, кои индиректно и директно влијаат врз еден од значајните инпути во производствениот процес, односно потрошувачката на електрична енергија, што преставува за нашето производство да биде CO2 неутрално. Исто така, интеграцијата на АСП-ПАК се проширува преку сестринска компанија, ПЕ-Логистик ДООЕЛ Охрид, компанија за аутсорсинг на продажбата и сервисирање на мали и микро претпријатија и физички лица – што ни овозможува зголемување на ефикасноста на самата компанија и процесите во неа, како и отворање на нови пазари и снабдување на нови индустрии преку нашата аутсорсинг компанија“ вели Спасески за „Марили“.
И „АСП Консалтинг“ е дел од семејството АСП-ПАК од Охрид. Косопственик и генерален менаџер на „АСП Консалитинг“ е м-р Ангела Јолакоска, која веќе три децении е успешна во областа на сметководството и етаблиран менаџер повеќе од 25 години. Јолакоска една 30-те овогодишни лауреатки, добитничка на статуетка „Жена водилка“, наградена за долгогодишно, континуирано, успешно менаџирање и траен придонес кон македонската економија на 30-та јубилејна манифестација „Избор на Најуспешни жени менаџери“ 2026 година, во организaција на агенција „Марили“.
МАРИЛИ: Г-дине Спасески, од кога постои „АСП-ПАК“ Охрид и што денес претставува компанијата? Кои се нејзините капацитети, кон што е насочена главната дејност и каде се ги пласирате производите?
СПАСЕСКИ: АСП-ПАК во 2025 година одбележа јубилеј, 25 години од основањето. Денес компанијата претставува еден од 5-те најголеми глобални снабдувачи со плетени производи за пакување на овошје и зеленчук, компанија која континуирано инвестира во зголемување на производствени капацитети, подобрување на ефикасноста и инвестира во создавање и усовршување на човечки ресурси. Така изминатите 15 години, АСП-ПАК своето делување го има проширено во мрежа на ќерки-компании, со цел вертикално интегрирање во процесот на снабдување, од добавувачи, па се до крајни купувачи, а како крајна цел, подобрување на ефикасноста и зголемување на нашата конкурентска способност.
Во склоп на АСП-ПАК оформени се компании за производство на електрична енергија од Обновливи извори, Соларни електрани, Мали Хидро Електрани и Биогасна Електрана, кои индиректно и директно влијаат врз еден од значајните инпути во производствениот процес, односно потрошувачката на електрична енергија, што преставува за нашето производство да биде CO2 неутрално.
Исто така, интеграцијата на АСП-ПАК се проширува преку сестринска компанија, ПЕ-Логистик ДООЕЛ Охрид, компанија за аутсорсинг на продажбата и сервисирање на мали и микро претпријатија и физички лица – што ни овозможува зголемување на ефикасноста на самата компанија и процесите во неа, како и отворање на нови пазари и снабдување на нови индустрии преку нашата аутсорсинг компанија.
Што се однесува до главната дејност на АСП-ПАК, доминантно останува производството на плетена амбалажа за овошје и зеленчук, како и плетени заштитни мрежи за земјоделие, градежништво и декоративни мрежи.
Континуирано се создаваат нови производи по потреба на пазарите, истите се усовршуваат и главен фокус ни е, совршена грижа за нашите клиенти. Нашите производи 99% се извезуваат во над 50 земји; речиси сите земји на Европска Унија, Израел, Северна Америка, Канада, Јужна Африка, Норвешка, Швајцарија, Азербејџан, Лихтенштајн итн.
МАРИЛИ: Кои најсовремени иновации ги користите во вашето работење и кон што е насочен фокусот за иден развој?
СПАСЕСКИ: Во работењето на АСП-ПАК континуирано се инвестира во современи технолошки решенија кои овозможуваат повисок квалитет, поголема ефикасност и конкурентност на странските пазари. Компанијата користи модерна производствена опрема и автоматизирани линии за производство и обработка на амбалажа, што овозможува прецизност во производството, стабилен квалитет и оптимизација на производствените процеси.
Дополнително, се применуваат дигитални системи за планирање и следење на производството, што придонесува за подобра организација, контрола на ресурсите и навремена испорака кон клиентите.
Во последните години значаен фокус се става и на енергетската ефикасност и одржливото производство, преку оптимизација на потрошувачката на енергија и модернизација на производствените капацитети. Фокусот на идниот развој на АСП-ПАК е насочен кон понатамошна автоматизација и модернизација на производството, воведување нови технологии и проширување на производното портфолио, со цел да се одговори на растечките потреби на клиентите. Паралелно со тоа, компанијата работи на зајакнување на своето присуство на странските пазари, како и на континуиран развој и едукација на кадарот, што претставува клучен фактор за долгорочен и одржлив раст.
МАРИЛИ: Госпоѓа Јолакоска, Вие сте на чело на „АСП Консалтинг“, фирма-ќерка на „АСП-ПАК“. Колку долго сте на менаџерската позиција? Како се справувате со дигиталната трансформација во финансиите и колку емоционалната наспроти вештачката интелигенција (ВИ) е клучна во современото работењето?
М-Р ЈОЛАКОСКА: Мојот ангажман во „АСП-ПАК“ започна точно на 2 јануари 2011 година. Но во тој момент веќе подолго од 10 години имав менаџерско искуство, па комплетноста што веќе ја имав (со повеќе од 15 години претходна работа, од кои повеќе од 10 на менаџерска позиција во секторот), ме доведе до тоа веднаш да го продолжам менаџерскиот ангажман, односно станав раководител на Одделот за финансии и сметководство на „АСП-ПАК“, на заедничко задоволство.
Поради законските обврски и дисперзијата на капиталот на сопствениците во повеќе компании, работниот ангажман ми продолжи во „АСП Консалтинг“, фирма-ќерка на „АСП-ПАК“, во која се здруживме и како сопственици и каде што сум генерален менаџер.
Во моментов имам 30-годишно работно искуство, од кое повеќе од 25 години на менаџерска позиција, во она што го сакам и со задоволство го работам.
Кој било професионален развој бара од тебе да се адаптираш на комплексните промени бидејќи успеваат само најприспособливите. Дигиталната трансформација лично не ја сфаќам како нешто што мора да го правиш, туку едноставно тоа си доаѓа, го прифаќаш, се менуваш, но и си олеснуваш. Тоа е начин на размислување. Како раководител, предизвикот е да го смениш начинот на кој вработените ги сфаќаат и им пристапуваат на промените, да им ја разбудиш љубопитноста, да ги мотивираш и им ги дознаеш потребите, па на крајот и да извлечеш нови идеи од нив и да ги ослободиш да работат позадоволителни работи што може да носат и поголема вредност.
Емоционалната интелигенција е она што кај нас луѓето сѐ уште не може да го замени вештачката интелигенција. Токму затоа е поважна од кога било. Сложеноста на човечкото однесување сѐ уште не може да се реплицира во својата комплексност. Оттаму и важноста на развивањето на „меките“ вештини, паралелно со промените што нѐ опкружуваат, но и промените внатре во нас. Сметам дека ова е паметна стратегија за движење напред во современото работење.
МАРИЛИ: Како за успешна жена менаџер, колку конзистентноста и континуираната работа се неизбежни за успех? Кои Ваши лични карактеристики Ве донесоа таму каде што сте денес?
М-Р ЈОЛАКОСКА: Веднаш ќе речам и неизбежни и неопходни. Дури и да немаш природен талент за што било, со упорност, конзистентност и континуирано вложување во себе секаде се стигнува.
Понекогаш ни се чини дека трудот не ни е вреднуван, но доаѓа време кога она во што си се вложил навистина се исплатува бидејќи само тоа никој не може да ти го одземе. И тоа не е само материјално задоволство, туку и целосна исполнетост од сопствениот живот.
Токму тоа, упорноста, континуираното учење, вложувањето во себе, натпреварувањето со сам себе и крајно љубовта што ја давам и примам, заедно со поддршката од моите најблиски, ме направија она што сум денес.
МАРИЛИ: Според Вас, каков удел во подобрувањето на женското лидерство, менаџерство и претприемаштво има манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, која се одржува веќе 30 години?
М-Р ЈОЛАКОСКА: Бизнисите што ги водат жени ја зајакнуваат основата на општеството, а нивното менаџерство е особен комплет на способности и емоција, демонстрирани преку различни перспективи и стилови на лидерство во бизнис-светот.
Можностите и контактите што со здружувањето во клубот на успешни жени на „Марили“ ги имаме, навистина се незаменливи, а слободно може да кажам дека иако во друштвото на најуспешните, според „Марили“, сум од поскоро време, енергијата што се добива во присуство на толку успешни жени е охрабрувачка и мотивирачка, дури и за реализиран менаџер како мене.
Ако по природа си скромен во врска со сопствените достигнувања, тука стануваш посвесен дека си дел од една голема преубава слика што води кон севкупен напредок.
Статијата е прочитана 422 пати.


























