Генералната менаџерка на „Агро Калем“,  Васка Мојсовска, учесничка на 20-годишнината на EFSE во Мостар

Претставничката на Агро Комората при Сојузот на стопански комори на Македонија, Васка Мојсовска, учествуваше на јубилејната конференција по повод 20 години од Европскиот фонд за Југоисточна Европа – EFSE, која се одржа во Мостар.

Конференцијата обедини претставници на финансиски институции, претприемачи, инвеститори, носители на одлуки и развојни партнери од регионот и Европа се со цел размена на искуства и креирање решенија за поотпорен, поконкурентен и одржлив економски развој.

Како панелист на сесијата „Adaptive Finance for MSMEs in Dynamic Markets“, Мојсовска ги пренесе искуствата и предизвиците со кои се соочуваат земјоделските производители и агробизнисите , ги посочи предизвиците со кои се соочува Агро секторот за одржливо земјоделско производство во Македонија.

Посебен акцент беше ставен на влијанието на климатските промени и временските ризици врз земјоделското производство, потребата од инвестиции во современи и одржливи технологии, пристап до финансии и како и на неопходноста финансиските институции подобро да ги разберат специфичностите на земјоделството.

За земјоделството да биде конкурентно и одржливо, потребни се финансиски решенија приспособени на реалните услови во производството – со соодветни грејс-периоди, долгорочна поддршка за инвестиции и поголема соработка меѓу земјоделците, финансискиот сектор и развојните институции.

Претставничката од Македонија, Васка Мојсовска, која е генералeн менаџер на „Агро Калем“ Тимјаник, како и поранешна претседателка на Националната федерација на фармери, учествуваше и беше панелист на панел дискусијата за „Климатски предизвици и инвестиции во одржливо земјоделство“

Мојсовска одговараше на неколку прaшања, а едно од нив беше:

„Како агробизнис кој работи со лозови насади, овошен саден материјал и трпезно грозје, кој беше вашиот најголем предизвик во последните години и кои инвестиции во одржливо земјоделство направија најголема разлика?“

Мојсовска:  Најголемиот предизвик за нас во последните години се климатските промени и, пред сè, непредвидливоста на временските услови. Во земјоделството отсекогаш сме зависеле од времето, но денес проблемот е што сезоните веќе не се толку предвидливи. Имаме периоди на екстремно високи температури и суша, но и ненадејни обилни врнежи, град и температурни промени во периоди кога растението е особено чувствително. Кај лозарството и производството на саден материјал една лоша временска појава може да влијае не само на количината, туку и на квалитетот на производството и на приходот на земјоделецот.

Затоа во нашиот семеен бизнис одлучивме постепено да инвестираме во технологии кои ни помагаат подобро да управуваме со овие ризици. Инвестиравме во системи за наводнување капка по капка, со што порационално ја користиме водата. Поставивме метеоролошки станици, кои ни овозможуваат подобро да ги следиме условите во насадите и навремено да реагираме.

Инвестиравме и во сопствен ладилник, што е особено важно за трпезното грозје, бидејќи ни овозможува да го зачуваме квалитетот по бербата. На ладилникот поставивме и фотоволтаици, со што дел од енергијата ја обезбедуваме од обновлив извор и истовремено ги намалуваме трошоците. Имаме и GLOBALG.A.P. сертификација, што за нас не е само сертификат потребен за извоз, туку начин на производство со подобра контрола, следливост и одговорно користење на ресурсите. Од нашето искуство, одржливото земјоделство не значи само заштита на животната средина. За земјоделецот тоа значи и поголема отпорност на ризиците, помали трошоци на долг рок и поголема сигурност на производството.

Мојсовска одговараше и на прашањето: „Кои се најважните препораки што би им ги дале на банките и развојните партнери за подобар пристап до финансии и поддршка на земјоделците во преминот кон поодржливо и климатски отпорно земјоделство?“

Мојсовска:  Бидејќи седум години бев претседател на Националната федерација на фармери, имав можност да разговарам со многу земјоделци и многу добро ги познавам нивните проблеми.

Истовремено, и самата сум земјоделски производител и инвеститор, па можам да ја гледам ситуацијата од двете страни. Мојата прва препорака до банките би била: подобро да го разберат земјоделството. Земјоделството не функционира како другите бизниси. Ако земјоделецот денес инвестира во нов лозов или овошен насад, тој не може следниот месец да очекува приход. Потребни се години додека инвестицијата почне да дава целосни резултати.

Затоа кредитите за земјоделството треба да бидат приспособени на производствениот циклус. Потребни се подолги рокови на отплата, соодветен грејс-период и отплата усогласена со периодот кога земјоделецот остварува приход. Втората работа е обезбедувањето на кредитите. Многу мали земјоделци имаат добра идеја и добро производство, но немаат доволно имот што банката ќе го прифати како гаранција. Тука развојните институции можат да помогнат преку гарантни фондови и механизми за поделба на ризикот со банките.

Третата работа е едукацијата. Не е доволно само да му кажеме на земјоделецот дека постои зелен кредит или финансиска програма. Треба да му помогнеме да разбере која инвестиција му е потребна, колку ќе го чини, колку ќе заштеди и за колку време инвестицијата ќе му се врати. Затоа сметам дека финансирањето треба да оди заедно со техничка помош, советување и едукација.

 И уште нешто што сметам дека е многу важно: кога зборуваме за климатските промени, ризикот не треба да остане само на земјоделецот. Земјоделецот не може да влијае дали ќе има суша, град или екстремни температури. Затоа ни се потребни подобри системи за осигурување, гаранции и финансиски инструменти преку кои ризикот ќе биде поделен меѓу земјоделците, банките, осигурителните компании, државата и развојните институции.

Ако сакаме земјоделците да инвестираат во модерно и климатски отпорно производство, мора да им дадеме и финансиски услови што ја препознаваат реалноста на земјоделството. Силна завршна порака за панелот Би сакала да завршам со една едноставна порака: Не треба само да ги финансираме земјоделците – треба да инвестираме во нивната способност да останат земјоделци и во иднина. Без финансиски стабилни земјоделци нема одржливо земјоделство, а без одржливо земјоделство нема долгорочна сигурност во производството на храна.

Jубилејната конференција по повод 20 години од Европскиот фонд за Југоисточна Европа – EFSE се одржа на 15-ти и 16-ти септември во Мостар, Босна и Херцеговина.


Статијата е прочитана 201 пати.

Сподели:


Видео: 30 години Агенција Марили

30 години јубилеј на агенција „Марили“

kb

oxxete