Замрзнати цени на дел од прехранбените производи, најавени нови мерки во април

Институците денеска треба да ги заокружат анализите дали листата на прехранбени производи со замрзната цена ќе се прошири и со шеќерот, јајцата и оризот, а одлуките за тоа ќе се донесат на почетокот на следната недела. По лебот, од вчера се во сила замрзнати цени и за тестенините и за дел од млечните призводи со поевтинување од 15 односно 10 отсто и според првичните информации на Пазарниот инспекторат, одлуките на Владата се почитуваат. Најверојатно следниот месец, според најавите, ќе следуваат нови мерки, пренесува МИА.

Министерот за економија Крешник Бектеши вчера најави дека согласно податоците, на почетокот на наредната недела ќе се донесат соодветни одлуки ако има простор за замрзнување на цените и на шеќерот, јајцата и оризот.

„Министерството за економија ќе подготви информација за секој производ и согласно тоа ќе се креираат нови мерки кои ќе следуваат најверојатно во април. Мерките ќе бидат насочени кон стопанството и граѓаните“, изјави Бектеши, посочувајќи дека внимателно се следат сите случувања на цените, посебно на прехранбените производи.

Замрзнатите цени на тестенините и на дел од млечните производи од вчера на терен ги контролираат 160 инспектори на Државниот пазарен инспекторат, а директорот Горан Трајковски најави дека ДПИ ќе ги објави имињата на субјектите ако утврди нерегуларности.

Според најавите од Владата, наскоро ќе се ревидира и листата на прехранбени производи со повластена даночна стапка. Основните прехранбени производи ќе останат со повластена стапка, но не и луксузните што не ги користат повеќето од граѓаните.


Статијата е прочитана 146 пати.

Сподели: