Проф. д-р Клопчевска: „Трансформацијата на био-отпадот во корисни производи ќе овозможи особен придонес во заштитата на околината и развој на економијата“

Интервју со професор Јана Клопчевска од Катедрата за прехранбена и биотехнологија на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје, научник, иноватор во трансформација на био-отпад и бизнис консултант. Во интервјуто професорката зборува каде најбрзо може да се имплементира циркуларната економија во наши услови, што е био-отпад и како преработката на био-отпадот би помогнала во зачувувањето на животната средина и како би влијаела на развојот на економијата. Проф. Клопчевска говори и за Отворената Градска Лабораторија, но и за тоа што треба да се преземе за се зголеми екосвеста во општеството.

МАРИЛИ: Колку циркуларната економија, која е водечка во Европа и светот се применува кај нас, особено во приватниот сектор и каде најбрзо можеме да ја имплементираме во наши услови?  

ПРОФ. Д-Р КЛОПЧЕВСКА: Прашањето е сосема на место, водечка во Европа, токму така, но иако во другите земји веќе поодамна применета, нам нѝ беше потребно постепено да ja осознаeме, за да може да ја примениме. Како научници секако мора да се обучуваме,  за и самите да можеме било што да примениме во државата.

Бев обучувана токму за ова 2018 -тата година во Израел, впрочем, тоа е и целта на науката, да служи и да ја движи државата кон иновативно преприемаштво, во рамките на циркуларната економија.

Слободно можам да кажам дека денес по долгогодишна работа со приватниот сектор, а последните неколку години исклучиво во делот на био-отпад, работите се движат во сосема задоволителна насока.

Индустријата и компаниите отворено ги прифатија сите идеи и предизвици за трансформација на отпадот.  

МАРИЛИ: Што претставува био-отпад од храна, каков е потенцијалот на био-отпадот и какви се статистиките предвидувањата за искористување био-отпадот во иднина?  

ПРОФ. Д-Р КЛОПЧЕВСКА: Био-отпад значи биоразградлив материјал кој се создава при преработка и консумирање храна од различни извори, или отпад кој го генерираат граѓаните, кафулињата, рестораните, домаќинствата, компаниите и преостанатите субјекти, градини и паркови, малопродажни простори, како и отпад од погоните за преработка на храна. Био-отпадот не вклучува шумски или земјоделски остатоци и затоа не треба да се меша со терминот „биоразградлив отпад“, кој ги опфаќа и другите биоразградливи материјали како дрво, хартија, картон, отпадна тиња, природен текстил.

Можам да кажам дека потенцијалот е огромен особено во делот на заштита на животната средина и решавање на голем општествени проблеми или проблеми на денешницата во однос на храната. Најбрз начин на трансформација е со негово претворање во гориво кое ќе ги замени фосилните горива. Примена на техники на екстракција на биолошки активни компоненти или пак со термохемиски и биохемиски техники, може да се претвори во течно природно ѓубриво, подготвено да ги замени (загадувачките) вештачки ѓубрива, да се добие биоцемент, или пак брикети за греење. Иновациите водат кон реупотреба на отпадни материјали од прехранбената индустрија, преку употреба на ензимска хидролиза на лигноцелулозен материјал и употреба на фототрофни бактерии за добивање производи со додадена вредност и компостирање на големи колични на отпад со помош на инсекти.

Според најновиот извештај на Европската комисија за 2022 година, количината на комунален био-отпад која се селектира, а потоа собира и преработува во висококвалитетен компост не надминува 40 милиони тони. Преточено во проценти од вкупните количини, ова значи дека само 17% од цврстиот комунален отпад се рециклира преку компостирање, останатиот дел се трансформира на најразлични начини. 

МАРИЛИ: Какви се Вашите сознанија, колку био-отпад се генерира во државата годишно и како преработката на истиот би го подобрила зачувувањето на животната средина?  

ПРОФ. Д-Р КЛОПЧЕВСКА: 45% од вкупниот генериран отпад во државата отпаѓа на био-отпадот. Тој во моментов нема цена, но во превод тоа значи дека со трансформација на овој отпад, во корисни производи преку понудени најбрзи и конкретни решенија на индустриите, ќе придонесеме особено кон заштита на животната средина.

Замислете секоја општина да нуди информација за количината на отпадот преку поставување на софтвер за детекција во делот каде се собира отпадот, би знаеле на ниво на градови со колкави количини располагаме.

Потоа, да се постави една солидна база за Агроберза и трговија само со биотпадот во рамките на ЈП Дрисла, каде би имале конкретни бројки за секоја од индустриите и податоци за количини на био-отпад по индустрии.

Кога згора на ова и граѓаните би го селектирале отпадот, би заштедиле на простор, време и секако би ја  унапредиле економијата во самата држава,  но првенствено би се заштитиле самите себе и нашето здравје.  

МАРИЛИ: Што може да се добие од био-отпад, во кои индустрии може да најде примена и колку тоа може да го подобри економскиот развој?   

ПРОФ. Д-Р КЛОПЧЕВСКА: Во светот, комерцијалениот отпад од храна може да се претвори во продукт со позитивна вредност преку иновативно решение за отпадоци од храна. Едно иновативно решение е развој на производи преку анаеробен дигестор, наречен “Waste Transformer”. Toj може да се поставува до компании или во заедници кои произведуваат отпад од храна. Биоразградливиот отпад, како што е кујнскиот отпад и комерцијалниот отпад автоматски се претвора во биогас или електрична енергија и топлина. Отпадот од храна се претвора во течно природно ѓубриво подготвено да ги замени (загадувачките) вештачки ѓубрива. Постојат и преносни или подвижни машини или трансформатори за био-отпад кои рециклираат и до 300 килограми отпад од храна дневно.

Во новоотворената Градска лабораторија во перидот од крајот на 2022 до денес се изработија над 40 прототипи од био-отпад од страна на претставници на различни индустрии, како и предлози за користење на био-отпад за самите индутрии. Најинтересни беа козметиката со антимикробни дејства од отпад од тутун, капки за очи од отпад од тартуфи, прав за креми од оптпад од калинка со “antiaging effect”, потоа екстракти од отпад од бор, биопластика од отпад од компир, банана и портокал, цврст парфем и паста за заби од кора од портокал, лабело од отпад од цвекло, суплементи од коски од кокошка и слично. 

МАРИЛИ: Каде е Европа, а каде сме ние во однос на законите за задолжително селектирање на отпад? Има ли позитивни поместувања?  

ПРОФ. Д-Р КЛОПЧЕВСКА: Во Европската Унија, годишно се создаваат некаде помеѓу 118 и 138 милиони тони био-отпад, од кои само околу 40%, ефективно се рециклираат во висококвалитетен компост. Околу 50% од цврстиот комунален отпад отпаѓа на био-отпадот и неговите фракции, што игра важна улога во рециклирањето и во циркуларната економија. Спроведувањето на селективно собирање на био-отпадот во сите земји-членки на ЕУ, како што е пропишано во Рамковната директива за отпад, е всушност клучот за пренасочување на био-отпадот од депониите.

Тоа за возврат гарантира добивање на висококвалитетни секундарни суровини кои може да се пласираат на европскиот пазар, но и пошироко. Според Европската статискитка, поголемиот дел од комуналниот отпад се отстранува преку депонирање (24%) и согорување (27%), а помалку од половина преку рециклирање (31%) и компостирање (17%).  Податоците од Европската агенција за животна средина даваат јасен податок за зголемено рециклирање на стакло, хартија и картон, метали и пластика, особно во  последниве години. Од друга страна, пак нема соодветно зголемување на рециклирањето на био-отпадот. Ако не се зголемуваат капацитетите и не се воведуваат подобри практики за реупотреба и рециклирање на био-отпадот, тоа негативно ќе влијае врз животната средина. 

МАРИЛИ: Покрај тоа што сте професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, Вие и вашите студенти креирате невообичаени изуми. Поконкретно, станува збор за молекуларна гастрономија. За што поточно станува збор и што сѐ приготвувате?  

ПРОФ. Д-Р КЛОПЧЕВСКА: Интересен е податокот дека во последниве седум години, молекуларната гастрономија ја развивме на доста задоволително нио големите компании во државата, за кои во изминатиот период ово, работејќи сдржавме заедно со ивент агенцијата Боттега евенти, над 70 изложувања на молекуларната храна. Храната е спој со науката и преставува несекојдневно искуство за присутните.

Од мени што се јаде, до јадлив накит, коктели во цврста форма, па сѐ до конзумација на алкохол во гасовита форма, се само дел од услугите и производите што може да се понудат преку молекуларното искуство.

Верувајте, станува збор за сосема ново искуство кое ги мобилизира сите сетила и кое се обидовме во неколку наврати да го преставиме и надвор од државата и тоа во Белгија, Австрија и Германија.  

МАРИЛИ: Производството на храна и науката мора да се надополнуваат. Какви се Вашите искуства во делот на производство на здрава храна, функционални производи и колку се истите важни во современиот начин на живеење?  

ПРОФ. Д-Р КЛОПЧЕВСКА: Видете, нашата држава е карактеристична по производството на храна и развиена во овој сектор. Сметам дека во последните неколку години, индустријата за производство на храна отворено покажа интерес за соработка со науката.

Моето искуство со индустријата е секојдневно и тоа во надополнување и соработка од која досега имав само позитивни искуства. Особено сум горда на проектот „Функционални колачи” на компанијата „Жито Пром“ од Гевгелија, со која направивме иновација во државата и го прикажавме проектот на одржаната прес-конференција во Фондот за иновации и технолошки развој.

Соработката продолжи кон нови функционални пудинзи за најмладата популација кои содржат т.н „добри шеќери” и активни компоменти потребни за децата а кој ќе бидат во најскоро време присутни на пазарот.

Искуства има многу, од кои најдраги во последно време ми се оние проекти за кои нудиме решенија за конкретни производи од биоотпад на индустријата и се трудиме да го примениме постулатот “ нула отпад од храна”.  

МАРИЛИ: Кажете нѝ нешто повеќе за Отворената Градска Лабораторија, од кога постои и која е нејзината функција? 

ПРОФ. Д-Р КЛОПЧЕВСКА: Во ера каде науката и технологијата ги поместуваат границите на човечките способности, биохакирањето се појавува како нова граница на пресекот на науката и технологијата и нивните ефекти врз човечката биологија. За таа цел, а со помош на проектот “BioHack My World“, на UNDP, UNICEF и Град Скопје ја основаа првата БиоХакинг лабораторија, ставајќи го Скопје на мапата на градови во Источна Европа со најсовремен, отворен, иновативeн простор.

Лабораторијата BioHack ќе служи како центар кој ќе ја доближи науката до заедницата на претприемачи, ќе предизвика љубопитност и ќе служи како инспирација за новата заедница на млади претприемачи, и ентузијасти од граѓанското општество кои сакаат да продолжат со активности во циркуларната економија.

Формирањето на ваква лабораторија ќе поттикне промена во целокупната перцепција и ќе дејствува како иницијатор за трансформација на системот, што ќе ги инспирира младите луѓе и зголеми нивниот интерес за истражување во STEAM и, создавање нови економски можности, особено во делот на основање на старт-ап компании. Ваквите дизајнирани спин-оф компании, ќе вработат високо квалификувана работна сила преку искористување на некои еколошки предизвици, како што е биоотпадот. 

МАРИЛИ: Според Вас, што треба да се направи на општествено ниво за да се зголеми екосвеста? 

ПРОФ. Д-Р КЛОПЧЕВСКА: Да се сподели знаењето за користење на био отпад. Започнувајќи од 2020-тата година па навака, да објаснам подетално, се работеше на детекција на видот и количината на отпадот потпомогнати од компанијата Змај, преку проект на UNDP, го опфативме HORECA секторот на град Скопје. По одржана обука за индустријата, подоцна во 2022-тата година издизајниравме зелени работни места во државната Агенција за вработување, со цел да се овозможи помош на компаниите при вработување на стручен кадар.

Во Март 2023-тата година беше отворена Првата Отворена Градска лабораторија, каде беа одржани обуки за целокупната индустрија во државата и понудени решенија, менторски и поедичено за секоја компанија од производство на храна, до фармација, тутунопреработувачи па сѐ до микро препријатија на кои ѝм е потребно помош при манипулирање и трансформирање на биотпадот. За функционирање на целиот екосистем, проектот „Био-технологија во мојот свет - програма за искуствено учење“, имплементиран од Resource Environmental Center -  REC North Macedonia, со поддршка од UNICEF MK и UNDP MK ни помогна да се одржат регионални обуки во седум средни стручни училишта ширум државата, за 42 професори професори од 21 средно стручно училиште во државата. 

Проектот го финализиравме со снимање на видео прирачници за 12 експерименти, во делот на био отпадот, кој може лесно да се преработи во производи подготвени за употреба. Лично, сметам дека целиот тим на споменати играчи, одлично ја завршија својата улога кон подигање на генералната свест на граѓаните во државата. Особено беа интензивни телевизиските кампањи, како и оние во пишаните и електронските медиуми.  

МАРИЛИ: Вие сте успешна жена, професорка, научник, иноватор. Колку имате слободно време за Вас и што Ве исполнува кога сте сами со себе или пак со најблиските?  

ПРОФ. Д-Р КЛОПЧЕВСКА: Слободно време се наоѓа. Тежок беше периодот на моето враќање од постдокторските студии во Австрија, каде следеше учество во неколку проекти истовремено. Моите соработници знаат за деновите поминати во Градската лабораторија, на пат низ државата а највеќе знаат домашните, секако.

Секогаш по успешно завршената работа, се трудам да најдам време за себе, дали биле тоа тренинзи, патувања, прошетки или поминато време со најблиските.

Да се биде успешна жена, професорка, научник и иноватор, не е лесна улога, но можам да кажам дека е предизвик кој тече со динамично секојдневие, а слободното време генерално се трудам да е испонето и практично.  


Статијата е прочитана 2122 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско