Жената треба силно да верува дека може, смее и има право да напредува
Интервју со м-р Ирена Јакимова, сопственичка на „Инспирит Коучинг“ и тренер за лидерство, личен и професионален развој. Тимот успешно работи повеќе од 8 години, а специјалност им се лидерските и менаџмент вештините, личната трансформација и програмите за внатрешно зацврстување на жените. Јакимова во интервјуто говори и за сопствените „станувања“ и „паѓања“, за животната сила, за тешкотиите...„ Животна мотивација ми е некоја внатрешна сила, spirit, која ме крева, ме учи како да гледам на тешкотиите, ме учи како да учам и да постапувам поинаку ако треба, ме учи: „Кога е тешко и уморна си, не откажувај се, одмори се.“- вели Јакимова.
МАРИЛИ: „Инспирит Коучинг“ успешно опстојува веќе осум години. Им помагате и им нудите советодавни услуги на оние што сакаат да го унапредат професионалниот и деловниот капацитет. Дали во државата сѐ повеќе се развива бизнис-културата како во развиените земји?
ЈАКИМОВА: Така е, благодарам. Кога ќе речеме осум години, може да изгледа и малку и многу. Ова беа навистина исполнети осум години. Имаше различни предизвици, не е лесно да се одржи компанија од област на вакви услуги на нашиот мал пазар, кој е во процес на развој и отворање кон оваа област. Поминавме и период на пандемија, имам и предизвици и огромни задачи за мојот фокус и мојата енергија со растењето на дете со тешкотии во развојот. Имавме различни фази и периоди и тоа е она што сакам да им го порачам на други жени што водат бизниси/компании - патот не е линеарен и во една насока. Не би ги нарекла „искачувања и падови“ затоа што нема падови, туку има различни периоди, период кога е време за нешто, па период кога е време за нешто друго...
Има и период на рамнина, одење по патот, доследност, извршување на замисленото и планираното, до следното искачување. За сето ова - важно е во себе да развиваме флексибилност, способност за адаптација на промените, на новите околности, на новите желби, на новите барања, на новото ниво на кое работиме. Тоа е раст.
Низ годините и нашата понуда се менуваше и профилираше и можам да кажам дека има зголемена свесност и сѐ повеќе директни барања за работа во областа едукација и коучинг.
МАРИЛИ: Вие сте тренер за личен и професионален развој, а во Вашиот тим има и други професионалци. Во кои области сте специјализирани и какви најсовремени методологии и трендови користите во стимулирањето на личниот и професионалниот развој?
ЈАКИМОВА: Специјалност ни се лидерските и менаџмент вештините, личната трансформација и програмите за внатрешно зацврстување на жените.
Користиме коучинг (специфично лидерски коучинг и коучинг за жени), применета психологија, НЛП (невролингвистичко програмирање), спиритуални и енергетски методи.
Повеќето клиенти изјавуваат дека им се допаѓа балансираната мешавина на бизнис, наука и спиритуалност, објаснети и дадени на разбирлив и применлив начин.
МАРИЛИ: Речиси една декада работите со клиенти, претприемачи, лидери и менаџери од нашата држава. Дали „Инспирит Коучинг“ излезе од границите на Македонија и кои се плановите за блиска иднина?
Јакимова: Јас лично веќе 13 години работам во оваа област. Веќе петта година, лично или преку „Инспирит Коучинг“, работам и со странство, било да се гостувања со некаква обука (искуството со група жени од политиката во Црна Гора) или одржување онлајн обуки, работилници, а најмногу со лидерски коучинг, индивидуален, што подразбира неколкумесечна индивидуална работа.
Соработуваме со една британска тренинг компанија преку која држев тримесечен менаџерски тренинг за Џонсон Мети кај нас, а лично сум дел од тимот коучи на една американска тренинг компанија и ова ќе биде четврта година како преку нив работам индивидуално со лидер(к)и/менаџер(к)и од компанијата Тикток.
Тука се и други европски или глобални компании со кои сме работеле или подготвуваме програма, а работам и сум работела со жени лидерки, нашинки што живеат и работат во странство. Сето ова беспрекорно ни го овозможува онлајн работата. Цел свет е наше игралиште.
Кога бев дете, меѓу другите желби и соништа, сакав да бидам дипломат, амбасадорка на својата земја. Учев и зборувам повеќе јазици и денес сфаќам дека тоа веќе го правам. Во текот на мојата меѓународна едукација неколкупати се случи да бидам посебно поздравена и на почетокот на програмата на слајд бев напишана како единствена од мојата земја, со уште неколку други што се во таква позиција. Денес, со мојата работа одовде низ речиси целиот свет виртуелно патувам и ја претставувам мојата земја на високо ниво.
МАРИЛИ: Жената е клучна во развојот на сите пори во општеството. Според Вашето мислење, кои се круцијалните елементи за жената да напредува? Дали тоа се личните карактеристики, образованието, едукацијата, поддршката од тимот и семејството или, пак, нешто друго?
ЈАКИМОВА: Би рекла дека е комбинација од сите наведени елементи плус најважниот: да верува дека може, смее и има право да напредува.
Јас многу се специјализирав во областа на работа со жени, особено на лидерски позиции (во деловниот свет и во сите други сфери) и сфатив многу суптилни нешта во нашето ментално програмирање и внатрешни бариери што невидливо си ги градиме и држиме. Тие нѐ спречуваат, забавуваат и го задушуваат нашиот потенцијал. Едукацијата е неопходна, но не е доволна. Потребни се внатрешни особини, нови системи на размислување (mindset), вештини за изразување и дејствување, промени на некои односи и сфаќања (за помошта, за примањето, за парите...).
МАРИЛИ: Вашата работа во суштина е како да им помогнете на другите. Како Ирена Јакимова си помага себеси, што ја мотивира и што ѝ е водилка низ животниот пат?
ЈАКИМОВА: Кога помагам(е) на другите, важно е да не ги правиме немоќни или зависни. Коучингот е токму тоа. Помагам да може сам(а) да ја почувствува својата способност и да го направи нештото. Во процесот на мојата професионална едукација научив како повеќе да си помогнам и себеси, како да бидам добра за себе за да имам да им дадам на другите.
Моето поразвиено лично водство на себеси дојде со едукација и коучинг од врвни тренери, не дојде само од зрелоста на годините.