Интервју со д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, потпретседателка на СКСМ: „Подобрувањето на инфраструктурата и осовременувањето на индустриите - приоритети до 2030 година“
Интервју со д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, потпретседателка на Стопанска комора на Северна Македонија, советник за економски развој и инфраструктура во Кабинетот на претседателот на СКСМ и лиценциран медијатор.
Во интервјуто, д-р Георгиева-Јовевевска говори за Стопанската комора која постои веќе 104 години и за тоа кои се приоритетите на оваа институција кои би придонеле за развој на македонската економија.
Низ 25-годишно работно искуство во Комората, д-р Георгиева-Јовевска работела на различни позиции и функции, со што стекнала големо искуство и успеси. За нејзините исклучителни менаџерски и организациски способности била наградувана неколку пати.
Д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска е етаблирана менаџерка, наградена како една од најуспешните жени менаџери на јубилејната, 30-та манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“ која се одржа во април годинава, во организација на агенција „Марили“.
МАРИЛИ: По 104 години успешно постоење на Стопанската комора на Македонија, што денес претставува оваа институција и кои се нејзини приоритети за 2026 година?
Д-Р ГЕОРГИЕВА-ЈОВЕВСКА: Стопанската комора на Северна Македонија денес претставува столб на македонската економија, јадро околу кое се обединуваат бизнисите што создаваат додадена вредност. Стратегиските определби се насочени кон зголемувањето на извозот, поддршката на извозните компании, регионалното поврзување и структурната трансформација, како и модерната индустријализација на македонската економија го наметнуваат темпото за реализирање на активности и настани во рамките на Комората.
Ова, секако, е дополнето со дигитализација на процесите и создавање целосно дигитална комора. Коморскиот проект 3И (поттикнување на инвестициите, на извозот и на инфраструктурата), како продолжение на нашиот проект за нов модел на економски раст, во следниот период треба да го добие заслуженото, приоритетно место.
До 2030 година потребно е да се подобри инфраструктурата и да се осовременат индустриите, со цел да станат одржливи преку зголемена ефикасност во користењето на ресурсите и поголемо прифаќање на чисти еколошки технологии и индустриски процеси, а сите земји од регионот (Западен Балкан) да преземат мерки во согласност со своите способности. Оттука, во овој дел, активностите на Комората во 2026 година ќе бидат насочени кон организирање настани и проекти, со цел следење на потребата за целосна реализација на проектираните инфраструктурни проекти во рамките на коридорите 8 и 10д, како и потребата од инвестирање во нови енергетски капацитети.
Инфраструктурата, извозот и инвестициите секогаш се едни од приоритетите во работењето на нашата Комора, која сите години наназад ги модифицира, односно адаптира своите активности во правец на нивна поддршка, со цел да му помогне на бизнисот, односно членството во остварувањето на своите зацртани активности. Но овде мора да го споменам и најважниот фактор за остварување на сите горенаведени приоритети, а тоа е човечкиот фактор, па оттука, тргнувајќи од потребата на задржување и создавање кадар што одговара на потребите на стопанството, Комората ќе продолжи да ги поддржува сите активности на полето на развој на едукација, образование и квалификација на кадарот според потребите на бизнисот.
Како активен промотор на медијацијата, мора да ја споменам и медијацијата за која ценам дека во следниот период мора да го добие заслуженото место бидејќи со користењето на сите нејзини бенефиции компаниите може да заштедат време, енергија и пари што се многу битни за развој на бизнисот, а што е уште поважно, користејќи ја медијацијата да останат во одлични односи со своите деловни партнери. Во Стопанската комора на Северна Македонија оваа услуга може да се добие преку активното учество на сите заинтересирани страни во Асоцијацијата за поддршка на медијацијата.
МАРИЛИ: Колку Стопанската комора се залага за воведување на европските стандарди, иновации и современи технологии во работата на нејзините членки?
Д-Р ГЕОРГИЕВА-ЈОВЕВСКА: Стопанската комора постојано се залага за воведување на европските стандарди, иновации и современи технологии во работата на своите членки. Овој пристап, од една страна, е директно и индиректно условен од ЕУ и пристапот во европското семејство, ако така може да се каже, но, од друга страна, е неминовна потреба за подобра конкурентност и зголемување на вредноста на нашите компании.
Во практика тоа се имплементира преку нашите проекти и активности со странските и домашните партнери, преку едукациите, настаните, промената на законската легислатива и слично на горенаведените теми/области. Преку активностите на Комората во овој домен постојано се трудиме да бидеме чекор со сите стандарди и новини за развој на нашите компании.
МАРИЛИ: Вие сте дел од Стопанската комора веќе 25 години, која е столб на развојот на македонската економија, а исто така долго време сте и на менаџерски позиции. Според Вас, што е клучно за да се достигне тоа ниво?
Д-Р ГЕОРГИЕВА-ЈОВЕВСКА: Клучно е да се оди чекор по чекор, никако да се скокаат скалила за да се дојде до повисокото ниво бидејќи од секоја скала се учи нешто ново.
Брзите работи и добивањето инстант позиција, работа или слично може и инстант да го вратат човек на почеток.
Знаењето е најдобрата алатка со која човекот може да се одбрани во сите услови и опкружувања. Секако, тоа да е адекватно вреднувано и ценето. Тука би ја додала и континуираната, безрезервна поддршка од претседателот на Комората, Бранко Азески и колегите, што во комбинација со знаењето е добитна формула за успех во работата.
МАРИЛИ: За успешна жена менаџер неизбежни се конзистентноста и континуираната работа. Кои Ваши лични карактеристики Ве донесоа таму каде што сте денес?
Д-Р ГЕОРГИЕВА-ЈОВЕВСКА: Знаењето, професионализмот, постојаното усовршување и учење, упорноста, толерантноста, поддршката од околината, како и слушањето како одлична вештина за добра комуникација.
МАРИЛИ: Според Вас, каков удел во подобрувањето на женското лидерство, менаџерство и претприемаштво има манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, која се одржува веќе 30 години?
Д-Р ГЕОРГИЕВА-ЈОВЕВСКА: Би сакала да Ви честитам за истрајноста, традиционализмот и професионализмот, одлики со кои пристапувате сите овие години и правите манифестација достојна за почит.
Ценам дека со Вашето постоење многу придонесувате за развојот на женското лидерство и претприемаштво, вмрежување, едукација и синергија што навистина успешно ја правите, впрочем овој јубилеј го потврдува тоа и го заокружува Вашето макотрпното работење сите изминати 30 години. Ми беше чест што бев дел од наградените на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ за 2024 година, награда преку која бев препознаена и пофалена како една од водечките жени менаџери во земјата поради мојот придонес во Комората.
Почнав од најниското скалило во Комората, а потоа со моето искуство, знаење, професионализам и поддршка од претседателот на Комората да извршувам клучни позиции, како шеф на Кабинет на претседателот на Комората, генерален секретар, извршен директор на Комората, потпретседател на Комората и сега советник на претседателот за инфраструктура и економски развој. Од 2016 година и како претседател на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата при Стопанската комора.
Се надевам дека успеав преку мојата работа, скромност, залагање, капацитет и вештини што ги поседувам успешно да водам голем број иницијативи на Комората што ги засили позициите на македонските компании и го зајакна коморското вмрежување.
Статијата е прочитана 181 пати.



























