Интервју со Миланка Рашиќ: „На светот му е потребен женски поглед на животот, жените се уникатни во филмот, во уметноста, во сѐ“

Интервју со Миланка Рашиќ, ТВ автор, продуцент, сопственик на агенцијата за ТВ дистрибуција „Миракс“. Еден од поводите за интервју е претстојното 46-то издание на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ чиешто свечено отворање ќе биде на 20-ти септември, а токму Миланка Рашиќ ќе биде официјален водител на фестивалот и водител на Црвениот килим.
Рашиќ ѝ е добро позната на македонската публика, како долгогодишен коментатор на наградите Оскар, Греми, фестивалите Евросонг, Санремо, автор е на емисии за музика, филм, патеписни репортажи, ги водела речиси сите македонски музички и филмски фестивали, меѓу кои Скопски фестивал, Макфест, Браќа Манаки и многу други.
Особено е горда на успешниот проект Оскаровска Гала вечер, концерти со Оскаровска музика во 2024. и 2025. Ја подготвува емисијата за филм „Во кадар“, а во минативе две години беше и дел од емисиите „Наш подиум“ и Летните Олимписки Игри на МТВ.
МАРИЛИ: Во пресрет на 46-то издание на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кажете ни дали и годинава ќе бидете дел од истиот и кои ќе бидат Вашите задолженија? Дали „Браќа Манаки“ со својата автентичност успеа да ја наметне екслузивноста и гламурот на филмските фестивали ширум светот?
РАШИЌ: Многу се радувам што ќе бидам повторно дел од ИФФК „Браќа Манаки”, како водителка на Црвениот килим на свеченото отворање на 20. септември и на доделувањето на наградите на 26.09.2025.
Исто така, секој ден ги претставувам филмовите во официјалната конкуренција за награди на фестивалската сцена.
Работам и повеќе интервјуа со лауреатите за мојата емисија „Во кадар” за МРТВ, а секојдневно ги снимаме сите фестивалски активности, пресови, премиери за посебна емисија која е хроника на фестивалот.
„Браќа Манаки” е еден од ретките фестивали во светот посветен на кинематограферите, тие фантастично креативни и талентирани филмски мајстори, кои се како по правило многу скромни луѓе.
Со нивното присуство фестивалот е секогаш ексклузивен, а гламурозен е најмногу на Црвениот килим на свеченото отворање и затворање. Но, во фокусот се секогаш филмовите, кинематограферите и нивната исклучително важна работа.
МАРИЛИ: Сте интервјуирале многу истакнати кинематографери, добитници на награди на „Браќа Манаки“. Која личност Ви остави најсилен впечаток? Колку светски познатите актери се важни за реномето на фестивалот „Браќа Манаки“ во светски рамки?
РАШИЌ: Добитниците на Златна камера 300 за придонес во светската кинематографија се врвни имиња во филмскиот свет, брилијатно иновативни и почитувани поради мајсторството во секој кадар, дел од нив добитници или номинирани за Оскар.
Но, тие се и прекрасни личности, расположени да откријат детали од професионалниот и приватниот живот.
Имав среќа да интервјуирам повеќемина и навистина е возбудливо да се слушнат приказните на луѓе кои се дел од филмската историја, да се открие како настанало култно филмско дело, како се снимале незаборавни сцени.
Ме восхитија Џон Сил, Питер Бижу, Данте Спиноти, Кристијан Бергер, Шејмус Мекгарви, Ентони Дод Ментл... Од постарите фестивалски изданија секако би ја издвоила средбата со Свен Никвист.
Што се однесува до присуството на светски познатите актери во Битола, тие му донесоа на „Браќа Манаки“ гламур и популарност во светските медиуми, но во центарот на вниманието се уметниците на кои им е посветен фестивалот, директорите на фотографија. Тие се величествени имиња на седмата уметност.
МАРИЛИ: Вие сте љубителка на филмот, сте биле водителка на скоро сите македонски музички и филмски фестивали, коментатор на доделувањето на Оскарите, на музичките награди Греми, Евровизискиот фестивал. Повеќе од три години автор сте и водител на емисијата посветена на филмот „Во кадар“. Како се разви идејата за овој телевизиски проект?
РАШИЌ: На почетокот на 2022 г. повторно започнавме соработка со МРТВ, со емитување на преносот од Оскарите и неколку емисии „Оскаровски приказни“. Потоа се договоривме за емисија за филм „Во кадар“ која се емитува премиерно секоја недела на Првиот канал на МТВ, во 20:15.
Емисијата ги следи филмските премиери, светските фестивали, водечките актери и режисери, има и филмска музика.
Има и рубрика за филмски класици, затоа што сметам дека една ваква емисија треба да ѝ биде интересна и атрактивна на публиката, но истовремено и да е едукативна, особено за младата публика, со тоа што ќе им открива бисери на седмата уметност.
Исклучително важно е и што е застапена македонската кинематографија, преку следење на сите новости, премиери, фестивали и гостување на македонски филмски автори и актери.
МАРИЛИ: Колку се специфични подготовките за еден ваков ТВ серијал и дали планирате новитети за следната сезона?
РАШИЌ: За секоја емисија темелно се подготвувам, за секоја рубрика посебно. Кога има гости режисери, сценаристи, актери, се трудам да подготвам прашања со кои ќе откриеме нова страна од приказната за одреден филм.
И во оваа сезона ќе продолжиме да ја следиме светската филмска сцена, но се навраќаме и на значајни филмски дела од минатото. Ќе ги следиме големите филмски фестивали, а една од првите емисии ќе биде посветена на новото издание на „Браќа Манаки“ кое ќе донесе блескави моменти, со лауреатите Дариус Конџи, Воли Фистер, Семих Капланоглу, премиерите на македонските филмови „Мајка“ и „Диџеј Ахмет“, извонредната филмска програма и гости.
Имам многу идеи за новитети во емисијата која треба да започне со емитување во октомври и се надевам дека заедно со екипата на МТВ ќе ги реализираме.
МАРИЛИ: Годинава фестивалот „Браќа Манаки“ ќе биде отворен со новиот филм „Мајка“ на македонската режисерка Теона Стругар Митевска. Каква е Вашата перцепција, колку жената е присутна во кинематографијата во продуцентските и режисерските води во земјава, споредено со светската кинематографија? Дали има напредок?
РАШИЌ: Посебно драг ми е секој успех и нов проект на жена режисер или продуцент кај нас. Истото важи и за жена зад камерата, сценарист итн.
Имаме исклучително талентирани и професионални кадри, жени кои со многу љубов се посветиле на работата на филм.
И во светски рамки и кај нас е спор тој процес на поголемо вклучување на жените во создавањето филмови, но важно е дека работите се менуваат на добро. Само уште да е побрзо.
На светот му е потребен женскиот поглед на животот. Жените се уникатни и во филмот и во секоја уметност, даваат друга димензија на сѐ што ќе допрат, поинакво доживување на светот кое произлегува од сопственото искуство.
МАРИЛИ: Вие сте исклучително успешна во вашата професија. Поддржувач сте и на успешните жени лидерки преку различни проекти и здруженија. Што сметате дека е најважно за жената да постигне успех на професионален план и дали сметате дека кариерниот успех е многу важен за младите генерации на жени?
РАШИЌ: Благодарам за убавите зборови. Сметам дека за успех е важна темелна подготовка и секогаш професионален однос кон работата и колегите.
Кариерата и остварениот успех треба да се цел за секоја млада жена. Нешто што ќе остварите со сопствен труд и знаење и што ќе ве направи горди и среќни. Не треба да се плашиме од промени и предизвици, треба да се учи нешто ново секој ден за да бидеме подобри од вчера. И нема откажување.
Еве конкретен пример, голем предизвик за мене беше Оскаровската Гала вечер. Неколку години го осмислував и планирав овој концерт со Оскаровска музика, но бев свесна дека е огромен проект, кој бара сериозна организација, голем оркестар, одлични пејачи, танчери. Многу сум среќна што заедно со Горан Наумовски и голем број врвни професионалци успеавме да го реализираме две години по ред. Се надевам дека ќе прерасне во традиција.
МАРИЛИ: Вие сте голем љубител на танцот. Колку време танцувате и што друго можете да наведете како Ваше хоби или пасија? Што ја прави среќна Миланка Рашиќ?
РАШИЌ: Од дете танцувам латиноамерикански и стандардни танци, сакам румба, ча ча ча, џаив, англиски валцер, во последниве години бачата и салса. Танцувањето ми е голема љубов, секоја прилика ја користам за играње. Така и на одмор во Египет најмногу се забавував со зумба и бачата на плажа.
Бескрајно сакам да патувам, сметам дека најголемо школо се патувањата и искуствата преку запознавање нови луѓе, обичаи, култура, храна. Париз, Лондон, Каиро, Луксор, Дубаи, Истанбул, Прага, Стокхолм, Рига, се само дел од моите најубави патешествија. Во последниве три години правев репортажи за Египет и Турција, кои ме фасцинираа со историјата и убавината.
Сакам многу да читам, неповторливо е чувството на откривањето на цел нов свет и тој посебен мирис на страниците на книгите.
Омилено годишно време ми е летото, гледам да бидам на море што подолго и да уживам во пливањето.
Најважно од сѐ, се трудам да поминувам што повеќе време со најдрагите луѓе, семејството и пријателите, луѓе кои ти ја полнат душата со радост и љубов.
Статијата е прочитана 260 пати.