Нова фабрика на „Макпрогрес“ од 8,5 милиони евра, Мицкоски најави поддршка за домашните бизниси
Нова фабрика за производство на вафли од брендот „Винчини“, инвестиција од 8,5 милиони евра пушти во употреба денеска компанијата „Макпрогрес“, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски.
Генералниот директор на „Винчини“ Глигор Цветанов информираше дека инвестицијата од 8,5 милиони евра е од сопствени средства и кредити од комерцијалните банки, вклучително и дел кредити од унгарската линија која ја обезбеди Владата.
„Покрај првичните 40 вработувања, од кои дел се од постојните вработени, а дел нови, следната година се планирани уште 40 бидејќи ќе се удвои капацитетот на производство“, најави Цветанов.
Објектот, како што рече, е изграден за шест месеци, а располага со две современи производни линии за производство на вафли и сродни кондиторски производи, наменети за домашниот и за странските пазари.
Премиерот Христијан Мицкоски најави натамошна поддршка за домашните бизниси, потенцирајќи дека е импресиониран инвестиција затоа што „Макпрогрес“ од скромен семеен бизнис прерасна во регионален гигант со промет од над 40 милиони евра.
- Компанијата е еден од темелите на македонската кондиторска индустрија. Како Влада ќе сториме се што можеме за да помагаме ваков бизнис бидејќи 80 проценти е наменето за извоз. Ги сушнавме амбициите и целите и ќе сториме се како Влада да помогнеме да бидеме додадена вредност во делот на реализација - рече Мицкоски.
Статијата е прочитана 78 пати.


























