„Авто Контрол“ Прилеп – докажан бренд и ваш сигурен партнер во сообраќајот

Интервју со м-р Даниела Перканоска, генерален менаџер на „Авто Контрол“ од Прилеп, компанија која повеќе од една деценија успешно работи кога станува збор за возила и безбедност во сообраќајот. Располагаат со станица за технички преглед и техничка служба, најсовремен сервис на возила кој им овозможува на клиентите да добијат целосна и интегрирана услуга - од проверка на исправноста, преку техничко одржување и регистрација, до подготовка на возилото и документацијата потребна за безбедно учество во сообраќајот. Во Прилеп а и пошироко се познати по стручноста, високата професионалност и континуираното воведување на најсовремени технологии во работењето. 

🏆М-р Перканоска е една 30-те овогодишни лауреатки, добитничка на статуетка „Жена водилка“, наградена за долгогодишно, континуирано, успешно менаџирање и траен придонес кон македонската економија на 30-та јубилејна манифестација „Избор на Најуспешни жени менаџери“ 2026 година, која се одржа на 23 април 2026 година во Скопје, во организaција на агенција „Марили“.

МАРИЛИ: Што денес претставува „Авто Контрол“ Прилеп? Кои се нејзините капацитети и кон што е насочена главната дејност?

М-Р ПЕРКАНОСКА: „Авто Контрол“ Прилеп претставува бренд кога станува збор за возила и безбедност во сообраќајот. Со повеќе од десет години успешно работење, компанијата се етаблира меѓу водечките во оваа дејност, препознатлива по професионализмот, трудољубивоста и континуираното воведување современи технологии.

Компанијата располага со станица за технички преглед и техничка служба, од една страна, и најсовремен сервис на возила, од друга страна, што овозможува клиентите да добијат целосна и интегрирана услуга - од проверка на исправноста, преку техничко одржување и регистрација, до подготовка на возилото и документацијата потребна за безбедно учество во сообраќајот.

Станицата за технички преглед располага со две патеки за технички преглед, а во рамките на техничката служба се вршат инспекциски активности за сите видови возила: хомологација, А-тест и сертификати ЦЕМТ/ЕКМТ.

„Авто Контрол“ е синоним за посветеност, професионализам и ефикасност, единствена во регионот каде што брзо и по највисоки стандарди се решаваат и најсофистицираните проблеми со возилата - благодарение на искусен и стручен тим. Дополнително, компанијата располага со влечна служба достапна 24/7 што претставува значаен сегмент во нашата грижа за клиентите. Тоа значи дека секој што извршил технички преглед и регистрација на своето возило кај нас, може да патува сигурно знаејќи дека има поддршка во секое време и на секое место.

Поради нашата постојана посветеност на подобрувањето, следењето на иновациите и технологиите во областа на возилата, голем број задоволни клиенти секојдневно ни ја доверуваат својата безбедност, а тоа е најголем доказ за довербата што ја уживаме. Главна цел на „Авто Контрол“ е да обезбеди сигурност, доверба и квалитет, а секое возење да биде безбедно и пријатно. Клиентите знаат дека „Авто Контрол“ е нивен сигурен партнер во сообраќајот.

МАРИЛИ: Колку воведувањето стандарди, иновации и современи технологии придонесоа за европскиот лик на Вашата компанија „Авто Контрол“ Прилеп?

М-Р ПЕРКАНОСКА: Воведувањето иновации беше природен пат за нас - без нови технологии нема напредок. Во „Авто Контрол“ отсекогаш сме се стремеле да бидеме чекор пред времето затоа што веруваме дека само така може да се создадат вистинска вредност и сигурност за клиентите. Имплементиравме најсовремени системи и опрема што ги задоволуваат и највисоките европски стандарди, овозможувајќи целосна прецизност, ефикасност и транспарентност во секој процес на работа.

Денес нашата компанија има европски лик - но со македонско срце: со љубов кон работата, со чесност кон клиентите и со постојана посветеност на подобрувањето. Технологијата нè движи напред, но луѓето се наша најголема сила - тие се срцето на „Авто Контрол“.

МАРИЛИ: Како долгогодишен менаџер во компанија што е успешна во континуитет и има значаен импакт во развојот на македонската економија, според Ваше мислење, што е клучно за да се постигне успех на такво ниво?

М-Р ПЕРКАНОСКА: Клучот за континуиран успех е комбинација од визија, посветеност и доверба. Визијата е таа што нè води напред - да гледаме подалеку од сегашноста и да знаеме каде сакаме да ја поставиме компанијата во иднина.

Посветеноста значи секојдневно вклучување, активно учество во сите процеси и постојано вложување труд, време и енергија. А довербата се гради со чесна, професионална и транспарентна работа - кон клиентите, вработените и партнерите.

Во компанија со услужна дејност како нашата, тимот има клучна улога. Без луѓето што го сочинуваат, визијата би останала само идеја - токму нивната стручност, одговорност и професионален пристап ја претвораат таа визија во реалност.

Благодарение на нив, „Авто Контрол“ континуирано се развива, обезбедувајќи стабилна, сигурна и врвно квалитетна услуга за своите клиенти. Дополнително, неопходно е постојано да се следат трендовите и промените - само така една компанија може да биде конкурентна и релевантна.

„Авто Контрол“ го постигнува тоа преку редовно усогласување со законската регулатива, континуирани инвестиции во модернизацијата и преку многубројни активности насочени кон општествената одговорност - подароци, кампањи, едукативни и превентивни активности за безбедност во сообраќајот, како и поддршка на локални иницијативи и настани.

МАРИЛИ: За успешна жена менаџер неизбежни се конзистентноста и континуираната работа. Кои Ваши лични карактеристики Ве донесоа таму каде што сте денес?

М-Р ПЕРКАНОСКА: Мојата приказна како менаџер е исткаена од упорност, храброст и емпатија. Упорноста ми помогна никогаш да не се откажам, дури и во најтешките моменти. Храброста ме научи да преземам одговорност и да донесувам одлуки што ја менуваат насоката на компанијата, а емпатијата ми помогна да бидам блиска со моите вработени и клиенти - да  ги разберам нивните вистински потреби и вредности.

Во животот се соочив со голем предизвик - загубата на мојот сопруг, кој беше и мој деловен партнер. Заедно ја создававме и градевме визијата за „Авто Контрол“, верувајќи дека со чесна работа, посветеност и искрена љубов кон професијата може да се изгради стабилна и современа компанија. Во тој период јас раководев со Станицата за технички преглед и Техничката служба, а по неговото заминување ја презедов и одговорноста за управување со Автосервисот - сегмент што ретко го води жена менаџер. Токму тогаш ја најдов силата да продолжам понатаму, да ја зачувам и унапредам нашата заедничка визија и да ја водам компанијата кон нови успеси.

Денес сум горда што „Авто Контрол“ е пример за стабилност, квалитет и човечка вредност. А како мајка на две ќерки, моја најголема мисија е да им покажам дека жената може да биде и лидер и столб на семејството - дека силата, нежноста и мудроста може да одат рака под рака. Зашто вистинското лидерство не се мери со позицијата, туку со срцето и визијата со која чекориме напред. Верувам дека најголемата победа не е во тоа колку сме постигнале, туку во тоа каков пример оставаме зад себе. Сакам моите ќерки да знаат дека жената може да биде и нежна и силна, лидер и мајка, поддршка и двигател. Зашто вистинската сила на жената не е во тоа што никогаш не паѓа - туку во тоа што секогаш наоѓа сила повторно да стане и да продолжи понатаму, со гордо крената глава.

МАРИЛИ: Според Вас, каков удел во подобрувањето на женското лидерство, менаџерство и претприемаштво има манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, која се одржува веќе 30 години?

М-Р ПЕРКАНОСКА: Манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ има огромно значење за промоцијата и афирмацијата на женското лидерство во нашата земја. Таа не е само признание за индивидуален успех, туку симбол на силата, визијата и истрајноста на жената во бизнисот.

Преку оваа манифестација се создава платформа што ја охрабрува жената да верува во своите способности, да ја следи својата интуиција и да го изгради својот пат со достоинство и самодоверба.

Сакам искрено да им честитам на организаторите за успешното одржување на оваа значајна манифестација веќе три децении. Прекрасно е чувството кога некој ќе ги препознае твојот труд, посветеност и упорност и ќе ти даде признание што не само што те мотивира, туку и те инспирира да продолжиш уште посилно. Како добитничка на оваа награда во 2022 година, можам со гордост да кажам дека тоа признание беше силна потврда за сè што сме постигнале како тим и дополнителна мотивација да одиме уште повисоко.

Посебна чест им припаѓа на сите жени што низ годините беа дел од оваа приказна - жени што со својата работа, визија и упорност придонесоа за развој на стопанството, отворија нови можности и поставија високи стандарди во менаџментот и претприемаштвото. Тие се жив доказ дека жената има незаменлива улога во економскиот и општествениот напредок на нашата земја. Жената не е само лидер во бизнисот – таа е лидер во животот. Кога жената ќе се издигне, се издигнува целото општество.

 


Статијата е прочитана 540 пати.

Сподели:


Видео: 30 години Агенција Марили

30 години јубилеј на агенција „Марили“

kb

oxxete