„РСМ Македонија“ – Вистински партнери на растот, иновацијата и дигиталната трансформација
Интервју со м-р Јаглика Јорданова Андријеска, управителка со неограничени овластувања во Друштво за ревизија РСМ Македонија ДОО Скопје. Компанијата е дел од една од водечките ревизорски мрежи РСМ, а на македонскиот пазар е активна повеќе од 22 години.
Покрај тоа што се вистински партнери на растот, иновациите, дигиталната трансформација, РСМ МАКЕДОНИЈА нудат и многу други услуги, како ревизија на финансиски извештаи, сметководство, даночен и деловен консалтинг, но и ИТ-решенија преку РСМ ИТ Македонија ДОО Скопје.
„Горди сме што сме доверлив партнер на повеќе од 300 компании – од стартапи, преку е-трговци и финтек компании, до големи домашни и странски компании. Како членка на глобалната мрежа „РСМ“, може да им обезбедиме на клиентите поддршка не само во Македонија туку и во земјите каде што се шират – со локални тимови за даноци, правни усогласувања, па дури и HR-поддршка, односно „РСМ“ може да биде партнерот што ги поврзува сите точки меѓу локалното и глобалното.“ вели м-р Јорданова Андријеска.
М-р Јаглика Јорданова Андријеска е етаблирана менаџерка и лидерка, наградена како една од најуспешните жени менаџери на јубилејната, 30-та манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“ која се одржа во април годинава, во организација на агенција „Марили“.
МАРИЛИ: „РСМ Македонија“ е дел од глобалната мрежа РСМ, една од водечките светски организации за ревизија, сметководство, даночен и бизнис-консалтинг, присутна во 120 земји во светот. Од кога постои „РСМ Македонија“ и по што сте препознатливи?
М-Р ЈОРДАНОВА АНДРИЈЕСКА: „РСМ Македонија“, како дел од една од водечките глобални ревизорски мрежи, на локалниот пазар е активна од 2004 година.
Денес сме препознатливи по тоа што не сме само даватели на услуги туку вистински партнери на растот, иновацијата и дигиталната трансформација на нашите клиенти. Нашиот пристап го нарекуваме „The Power of Being Understood“ – моќта на тоа клиентот да биде навистина разбран. Со нашите клиенти сме искрени и отворени во решавањето на сите проблеми што се појавуваат во секојдневното работење.
Со седиште во Скопје и канцеларии во Битола и Тетово, обезбедуваме цел спектар на услуги – ревизија на финансиски извештаи, сметководство, даночен и деловен консалтинг, како и ИТ-решенија преку „РСМ ИТ Македонија“. Горди сме што сме доверлив партнер на повеќе од 300 компании – од стартапи, преку е-трговци и финтек компании, до големи домашни и странски компании. Како членка на глобалната мрежа „РСМ“, може да им обезбедиме на клиентите поддршка не само во Македонија туку и во земјите каде што се шират – со локални тимови за даноци, правни усогласувања, па дури и HR-поддршка, односно „РСМ“ може да биде партнерот што ги поврзува сите точки меѓу локалното и глобалното.
МАРИЛИ: Освен во областа на ревизијата, функционирате и во областа на консалтингот и ИТ-секторот. Накратко, што опфаќаат овие дејности?
М-Р ЈОРДАНОВА АНДРИЈЕСКА: Така е, покрај основните услуги, како што се ревизијата, сметководството и пресметката на плати, на пазарот сме присутни и со ИТ- решенија и ИТ-консалтинг преку друштвото „РСМ ИТ Македонија“.
Во последниве години особено сме активни во дигитализацијата на деловните процеси – имплементираме ERP-системи, пласираме сопствено решение за човечки ресурси и плати (PayRun), како и ISO-сертифицирани ИКТ-решенија.
МАРИЛИ: Колку долго сте на менаџерска, управувачка позиција? Како менаџер во компанија што е успешна во континуитет и има значаен импакт во развојот на македонската економија, според Ваше мислење, што е клучно да се постигне тоа ниво?
М-Р ЈОРДАНОВА АНДРИЈЕСКА: Веќе пет години сум управувачки партнер на „РСМ Македонија“. Тоа е семејна компанија и на оваа позиција го наследив татко ми, кој ја основаше компанијата пред повеќе од 20 години. Имав среќа да наследам здрава и веќе порасната компанија, во која јас и целото раководство на компанијата имаме многу повеќе можности и, уште поважно, средства да надградуваме и да развиваме нови услуги, отколку што би имале при градење на компанијата од почеток.
Мора да имаме предвид дека голем процент на новоосновани компании, за жал, не успеваат да опстојат на пазарот по неколку години. Јас продолжив да ја водам компанијата, во оваа следна фаза на развој, каде што клучно е да не се плашиме од нови предизвици, како што се развој на нови решенија или настап на други пазари. Но, од друга страна, неуморно да работиме на одржување на постојната клиентела и одржување на стабилниот раст на компанијата, што е основа што ни го овозможува претходно кажаното. Последно, а не помалку важно, клучно е да го надградуваме тимот што ја прави компанијата успешна. Како компанија во услужната дејност, неопходна е инвестиција во луѓето, како финансиска, така и емоционална.
МАРИЛИ: Како успешна жена менаџер, конзистентноста и континуираната работа се неизбежни. Кои Ваши лични карактеристики Ве донесоа таму каде што сте денес?
М-Р ЈОРДАНОВА АНДРИЈЕСКА: Прво, би рекла дека најважна карактеристика е дисциплината. Ништо не може да се изгради без многу труд и напор. Кога велам многу труд и напор, мислам на надминување на сите граници што мислите дека ги имате. Порасната сум со изреката „шта се мора, није тешко“, која некако ми стана и мото во животот, а во работата има многу работи што мора.
Ги гледав родителите како неуморно работеа да ги постигнат своите соништа и од тоа сум восхитена и мотивирана.
Второ, пристапот на „сѐ е решливо“, според мене, е многу важен во водењето компанија, во која секојдневно се соочуваме со предизвици. За сѐ има компромис и сѐ може да се направи.
Последно, не како лична карактеристика, но мора да напоменам дека зад успехот на секоја жена и во деловниот и во семејниот живот стои поддршката, не само на потесното, туку и на поширокото семејство.
МАРИЛИ: Според Вас, каков удел во подобрувањето на женското лидерство, менаџерство и претприемаштво имаат проектите, како што е манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, која се одржува веќе веќе три децении?
М-Р ЈОРДАНОВА АНДРИЈЕСКА: Мислам дека манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ на Агенција „Марили“ има голем придонес во развојот на женското лидерство, менаџерство и претприемаштво во нашиот регион.
Придонесува со тоа што ги истакнува и наградува успешните жени како пример и инспирација за другите.
Воедно, создава и простор за поврзување и соработка, преку Марили Бизнис Клуб, каде што менаџерките разменуваат искуства и се поддржуваат меѓусебно.
Со повеќе од 30 години континуитет оваа иницијатива ја менува општествената перцепција, што придонесува за поголемо присуство на жените во бизнисот.
Статијата е прочитана 330 пати.



























