Интервју со м-р Ѓорѓи Цуцковски, директор на „Оxридско лето“: „Публиката ќе го слушне и види кремот на светската класична музика, театар и балет“

Во пресрет на 66. издание на „Охридско лето“ ексклузивно интервју со м-р Ѓорѓи Цуцковски, директор на „Оxридско лето“, еминентен оперски пејач, тенор, првенец на Националната опера и балет.

Престижната културна манифестација започнува на 12 јули, а свечено ќе ja отворат две големи оперски ѕвезди кои се во пикот на своите кариери, сопранот Ермонела Јахо и тенорот Чарлс Кастраново, придружувани од оркестарот на Националната опера и балет, под диригентската палка на виртуозниот италијански диригент Марко Боеми. Публиката ќе има можност да ужива во настапите на ансамблот „Алтус“, Камерниот оркестар на Националната опера и балет со изведби на дела од македонски композитори, како и на врвните македонски оперски пејачи, Ана и Игор Дурловски со оркестарот „Ајга“.

Годинава, новитети се блокот од четири џез-вечери, одбележувањето на 100. годишнината од раѓањето на македонската оперска примадона Ана Липша-Тофовиќ, а воведена е и програмата „Rising Stars“, преку која ќе им се овозможи на младите и талентирани уметници дополнително да се надградуваат, да воспоставуваат професионални контакти и да работат на развојот на својата меѓународна кариера. 

М-р Цуцковски во интервјуто говори за комплексноста, но и одговорноста што ја носи организацијата на „Охридско лето“, како и за тоа што значи настап на оваа манифестација за домашните, но и за интернационалните уметници.

МАРИЛИ: Почитуван г-дин Цуцковски, во пресрет на 66-то издание на „Охридско лето“, кажете нѝ кој ќе ја има честта да ја отвори оваа најпрестистижна музичка манифестација од нашата земја која е високо етаблирана и во меѓународни рамки? 

М-Р ЦУЦКОВСКИ: На мое огромно задоволство, годинашното 66. „Охридско лето“ ќе го отворат две големи оперски ѕвезди. Сопранот Ермонела Јахо и тенорот Чарлс Кастроново се меѓу најистакнатите оперски уметници на денешницата. Ако ги погледнете програмите на Миланска Скала, Метрополитен опера, Ковент Гарден и Виенската опера, ќе видите дека овие двајца уметници се дел од престижната програма што ја нудат овие институции. Со тоа сакаме на нашата публика да ѝ го претставиме најактуелното од светската оперска сцена, а не уметници кои се во залезот на својата кариера.

Ним ќе им се придружи оркестарот на Националната опера и балет, ансамбл со исклучително висок репродуктивен квалитет, а сето тоа под диригентската палка на виртуозниот италијански диригент Марко Боеми.

Годинава публиката ја очекува навистина спектакуларно отворање на фестивалот. Убеден сум дека љубителите на уметноста ќе уживаат во незаборавна музичка вечер и отворање достојно за еден од најреномираните фестивали во регионот.

МАРИЛИ: Како е структурирана програмата на „Охридско лето“ годинава? Можете ли да издвоите некои од познатите светски уметници кои за првпат ќе настапуваат на „Охридско лето“? 

М-Р ЦУЦКОВСКИ: Како и минатата година, така и оваа фокусот е ставен на кремот на светската класична музика, со што се надеваме дека ќе ја повториме минатогодишната, статистички рекордна продажба на билети во изминатите десет години.

Новитет годинава е блокот од четири џез-вечери, на кои ќе настапат светски познатиот трубач Питер Сомуа од Гана, големата британска џез-ѕвезда Нубја Гарсија, како и Националниот џез-оркестар.

Годинава подготвивме програма која обединува врвни имиња од светската класична музика, театарот и балетот. Публиката ќе има можност да ужива во настапите на исклучителни уметници како Александер Мелников, Стефан Миленковиќ, Исата Кане-Мејсон, Вадим Холоденко, како и многу други светски реномирани уметници.

Покрај богатата музичка и сценска програма, годинашното издание на фестивалот ќе биде во знакот и на одбележувањето на значајни јубилеи. Еден од нив е 100. годишнината од раѓањето на македонската оперска примадона Ана Липша-Тофовиќ.

Во нејзина чест ќе биде промовирана монографија посветена на нејзиниот живот и богато уметничко творештво, како признание за трајниот белег што го остави во македонската оперска уметност и култура.

МАРИЛИ: Кои домашни докажани уметници ќе бидат дел од овогодишното издание на „Охридско лето“?  

М-Р ЦУЦКОВСКИ: Со особено внимание им даваме простор на најдобрите македонски уметници, бидејќи Македонија има исклучителни музичари и ансамбли. Публиката ќе има можност да ужива во настапите на ансамблот „Алтус“, Камерниот оркестар на Националната опера и балет со изведби на дела од македонски композитори, како и на Ана и Игор Дурловски со оркестарот „Ајга“.

Во рамките на новиот џез-блок ќе настапи и Крсто Роџевски, еден од најреномираните македонски џез-музичари со меѓународна кариера. На овој начин сакаме да покажеме дека, покрај врвните светски имиња, фестивалот е и сцена на која достојно се претставуваат најдобрите македонски уметници.

МАРИЛИ:  Со оглед на тоа дека Вие сте истакнат тенор, колку вашата оперска кариера му помага на фестивалот да привлече и покани афирмирани оперски имиња? 

М-Р ЦУЦКОВСКИ: Не би рекол дека само мојата оперска кариера придонесува за создавањето на квалитетна фестивалска програма. Како поранешен стипендист на австриската Влада, уште како млад уметник имав можност да се запознаам и да воспоставам контакти со многу еминентни уметници и уметнички агенти. Подоцна, како селектор на фестивалот, а и како уметнички директор на Националната опера и балет, стекнав дополнително искуство и широка меѓународна мрежа на соработници.

За мене, креирањето на фестивалската програма претставува огромно задоволство, еднакво на чувството кога настапувам на сцена. Верувам дека не постои повозвишена состојба од самиот чин на создавање. Токму затоа настојуваме на фестивалот да донесеме уметници кои во овој момент се на самиот врв на светската музичка сцена и да ѝ понудиме на публиката програма со највисок уметнички квалитет.

МАРИЛИ: Колку е комплексно и одговорно организирањето на еден ваков врвен музички фестивал со огромна традиција и каков предизвик беше за Вас преземањето на улогата директор на „Охридско лето“? 

М-Р ЦУЦКОВСКИ: Организирањето на фестивал како „Охридско лето“ е исклучително одговорна задача. Овој фестивал не е само културна манифестација, туку и еден од најзначајните амбасадори на македонската култура, кој ја претставува државата и нејзините уметнички вредности пред светот. Затоа, секој сегмент од организацијата бара максимална посветеност, професионалност и внимание.

Имам голема среќа што „Охридско лето“ располага со тим од искусни и посветени вработени кои одлично ја познаваат работата и со своето знаење и искуство секојдневно придонесуваат за успешната реализација на фестивалот.

За мене е огромна чест и привилегија да раководам со една ваква престижна институција. Одговорноста е голема, но како професионалец тоа го доживувам како предизвик и дополнителен мотив секоја година да го подигнуваме нивото на фестивалот и да ја оправдаме довербата што ја има публиката.

МАРИЛИ: Вие сте етаблиран оперски пејач и солист, врвен уметник со бројни настапи на меѓународната сцена. Колку условите во нашата земја нудат можности за врвна уметничка кариера?  

М-Р ЦУЦКОВСКИ: Живееме во мала, но исклучително талентирана земја. Македонија отсекогаш имала врвни уметници кои со својата работа и посветеност успеале да изградат успешни меѓународни кариери. Но, мора да се каже дека во уметноста не постои лесен пат. Постојаната работа на себе, професионалното усовршување, учењето и стекнувањето нови искуства се составен дел од животот на секој уметник.

Токму затоа годинава ја воведуваме програмата „Rising Stars“, преку која сакаме да им овозможиме на младите и талентирани уметници дополнително да се надградуваат, да воспоставуваат професионални контакти и да работат на развојот на својата меѓународна кариера. Верувам дека тоа е една од најдобрите инвестиции во иднината на македонската култура.

Македонија има бројни уметници кои живеат и работат низ светот, а сите ние треба да бидеме горди на нивните успеси. Нашата обврска е да создадеме услови тие да останат поврзани со својата земја и своето знаење и искуство да го споделуваат со новите генерации.

МАРИЛИ: Колку се важни првокласните уметници на една земја и за нејзината промоција во странство?  

М-Р ЦУЦКОВСКИ: Културата е една од најсилните алатки на културната дипломатија и еден од најдобрите начини една држава да се претстави пред светот. Јазикот, музиката, сликарството, драмската уметност, филмот и фолклорот се нашите најдобри амбасадори. Тие не само што го потврдуваат нашиот идентитет, туку имаат и моќ да ги надминат сите политички и географски граници, бидејќи уметноста е универзален јазик што секој го разбира.

Токму затоа сметам дека нашите врвни уметници имаат исклучително важна улога во градењето на препознатливоста и угледот на Македонија на меѓународната сцена. Секој нивни настап, изложба, концерт или филм е можност светот да ја запознае нашата култура, традиција и креативност.

МАРИЛИ: Програмата на „Охридско лето“ во последните години е проширена и треа во текот на целата година. Колку овој престижен od фестивал успеа да нѐ етаблира на светската уметничка мапа?  

М-Р ЦУЦКОВСКИ:  „Охридско лето“ одамна ги надмина националните рамки и денес е препознатливо како фестивал со висок меѓународен углед. Фестивалот е член на Европската асоцијација на фестивали (EFA), а во изминатиот период потпишавме и неколку меморандуми за соработка со други престижни меѓународни фестивали, со што дополнително ги зацврстуваме нашите партнерства и ја прошируваме меѓународната соработка.

Сметам дека „Охридско лето“ високо котира на светската културна мапа. Неговата богата историја, исполнета со настапи на енциклопедиски значајни имиња од светот на музичката и сценската уметност, придонесе фестивалот да се вбројува меѓу најреномираните и најквалитетни фестивали во Европа и пошироко. Нашата цел е тој углед постојано да го надградуваме, следејќи ги највисоките уметнички стандарди.

МАРИЛИ: Што значи настап на „Охридско лето“ за меѓународните уметнички имиња?  

М-Р ЦУЦКОВСКИ:  Настапот на „Охридско лето“ за секој врвен уметник претставува престиж и признание.

Фестивалот со децении гради репутација на сцена на која настапуваат само најдобрите, па затоа поканата да се биде дел од неговата програма има особена тежина во уметничкиот свет.

Од друга страна, не познавам уметник кој дошол во Охрид, а да не се вљубил во неговата безвременска убавина, богатото културно наследство и топлината и гостопримството на нашите луѓе.

Токму таа единствена комбинација на врвна уметност, извонреден амбиент и искрено гостопримство го прави „Охридско лето“ посебно искуство за секој учесник. Затоа сметам дека „Охридско лето“ е нашиот најголем културен амбасадор пред светот.


Статијата е прочитана 356 пати.

Сподели:


Видео: 30 години Агенција Марили

30 години јубилеј на агенција „Марили“

Охридско лето 2026

kb

oxxete