Интервју со м-р Мирјана Марковска: Првиот и единствен клуб „Надеж“ ќе ги сплоти луѓето со афазија и ќе го подобри нивниот живот

Интервју со м-р Мирјана Марковска, етаблирана адвокатка, основачка на Здружението за помош и поддршка на лица со афазија „ХОУП“, потпретседателка на Здружението на жени менаџерки „ЕЛИТ“ и членка на „Марили Бизнис Клубот“ (МБК). Непосреден повод за ова интервју е новоотворениот, единствен Клуб за поддршка на лицата со афазија „Надеж“ во склоп на ЈЗУ Центар за Рехабилитација на патологија и вербална комуникација во Скопје. Иницијатор за основање на клубот е м-р Марковска.

Г-ѓа Марковска е и лауретка, прогласена за една од најуспешните жени менаџерки на манифестацијата „Избор на Најуспешни жени менаџери“, во организација на агенција „Марили“. 

Посебна благодарност упатуваме до извршната директорка на Здружението за помош и поддршка на лицата со афазија „Хоуп“, Ленка Угриновска, која помогна во реализација на интервјуто.

МАРИЛИ: Непосреден повод за ова интервју е новоотворениот Клуб за лица со aфазија „Надеж“. Што претставува овој клуб, каде се наоѓа и какви активности нуди?

М-Р МАРКОВСКА: Ова е првиот клуб во Македонија и регионот наменет за лицата со афазија и тоа ќе биде место каде тие ќе доаѓаат за да напредуваат со цел да имаат поквалитетен живот, да разменуваат искуства и да ја вратат својата самодоверба.

Нашиот Клуб ќе обезбеди логопедска, медицинска и психолошка поддршка, групни активности за социјализација, размена на искуства, мотивација и програми за поддршка на семејствата.

Ова ќе биде простор за нов почеток, каде луѓето повторно ќе го пронајдат својот глас и ќе добијат шанса за квалитетен живот.

МАРИЛИ: Иницијатор за отворање на Клубот е Здружението за поддршка на лицата со афазија „ХОУП“, чиј основач сте Вие. Зошто се одлучивте на овој чекор?

М-Р МАРКОВСКА: Ова е и моја лична приказна. По мозочниот удар и дијагностицирањето на афазијата, доживеа шок и мојот живот се смени од темел.

Тогаш се соочив со суровата вистина дека нема доволно информации за афазијата, дека има недостиг на субвенционирани логопедски услуги, дека недостасуваат специјализирани програми и дополнително обучени кадри за лицата со афазија. Тие беа како  невидливи во општеството, а семејствата го носат најголемиот товар.  

Но, со својата упорност и самомотивираност, секој ден работев за да си го повратам својот живот, професијата, семејството. Во таа борба ми помогнаа и мои вработени, како и пријателките. Одлучив да бидам  пример со својата лична борба за сите лица кои се соочуваат со афазија. Сфатив дека никој не е доволно силен кога е сам во својата борба и дека препреките може полесно да се совладаат само ако се движиме заедно.

Затоа, во 2022 година го основав Здружението „Хоуп“ кое работи како заедница на социјална инклузија и рехабилитација на лицата кои се соочуваат со афазија, делува и на зголемувањето на опшествената свест.

Една од целите на ова здружение беше да се основа и Клуб на лицата со афазија.

По повеќегодишни заеднички активности со ЈЗУ Центарот за Рехабилитација на патологија и вербална комуникација,  се создаоа услови заеднички да ја реализираме оваа наша мисија, и го отворивме овој прв и единствен Клуб на 16.11.2026 година.

Ова е светол пример за тоа како граѓанскиот сектор и здравствените институции можат со здружени сили да создадат трајно решение. Тука сме заедно да изградиме Центар што буквално менува животи.

МАРИЛИ: Колку долго го подготвувате просторот за Клубот и кој учествуваше во реализацијата?

М-Р МАРКОВСКА: Иницијална каписла за почеток на овој проект беше Донаторскиот кружок на здружението „Конект“, кога во јуни месец ги добивме првите финансиски средства благодарение на заедништвото, хуманоста и поддршката од граѓанскиот и бизнис секторот.

Тоа ни даде сила и мотив да ги почнеме подготовките за реновирање и адаптирањето на просторот во ЈЗУ „Центарот за рехабилитација“.

Нашата приказна успеа благодарение на општествено одговорните градежни компании:

„Елена Лука Хоум“(ELENA LUKA HOME), која ги изведе сите градежни зафати и целосно го реновираше просторот во ЈЗУ „Центарот за рехабилитација“.

„Циклама инженеринг“ од Гостивар ги изведе потребните градежни зафати за полесен и непречен пристап на лицата со афазија до Клубот.

Благодарни сме и на другите општествено одговорни компании од земјата кои донираа финансиски средства и опрема, и овозможија овој клуб да стане место на разбирање, поддршка и нова надеж за лицата со афазија.

МАРИЛИ: Што претставува „афазија“ и колку можат засегнатите во денешни услови да ја подобрат состојбата?

М-Р МАРКОВСКА: Афазија е невролошко нарушување што го нарушува говорот и способноста за комуникација, обично како резултат на мозочен удар или повреда на мозокот. Тоа е состојба, а не болест. Луѓето со афазија можат да разбираат и размислуваат нормално, но им е тешко да ги изустат мислите, да ги преточат во зборови.

Во изминатиот период, „Хоуп“ реализираше и иницираше низа активности насочени кон подигање на свеста за афазијата, информирање на јавноста, медиумско претставување на предизвиците со кои се соочуваат лицата со афазија и нивните семејства, како и застапување за подобра институционална поддршка.

Особено значајни се нашите заложби за унапредување на рехабилитацијата и обезбедување  на навремената и континуирана рехабилитација е важен дел од нивното закрепнување и повторно вклучување во секојдневниот живот.

Рехабилитацијата опфаќа:

РЕХАБИЛИТАЦИЈА И ЛОГОПЕДСКИ ВЕЖБИ: Развивање нови начини на комуникација и враќање на изгубените зборови;

ПСИХОЛОШКА ПОДДРШКА: Групи за самопомош и советување за лицата со афазија и нивните семејства;

РЕСОЦИЈАЛИЗАЦИЈА: Организирање настани и работилници за повторно вклучување во општеството, без срам и страв .

МАРИЛИ: Постои ли официјален статистички податок колку лица во земјава се засегнати од афазија и колкава е бројката на светско ниво?


М-Р МАРКОВСКА:
Ова не е ретка појава и нема точни официјални податоци во нашата земја. Секој трет кој преживеал мозочен удар се соочува со афазија. Се проценува дека во  светот има над два милиони лица со оваа состојба, а во Македонија таа бројка се движи помеѓу 5.000 и 10.000 луѓе.

За жал, постојано се зголемува бројот на млади луѓе погодени од оваа состојба, и кај нас и во светот.

Зад овие бројки стојат вистински луѓе, кои секојдневно одново учат да зборуваат, да читаат и да комуницираат со светот.  Тие се невидливи за системот, се борат со тишината, а нивните семејства го носат најтешкиот товар.

МАРИЛИ: Со кои здруженија соработувате, со цел подобрување на состојбата на лицата со афазија?

М-Р МАРКОВСКА: Нашето здружение соработува со повеќе здруженија кои нудат поддршка на ранливите групи граѓани  со цел со  заеднички активности, кампањи и проекти за да ги подобриме условите и состојбата за нив во нашето опшество, каде нема доволна институционална поддршка. 

Имаме потпишано Меморадуми за соработка со повеќе здруженија. Би ги споменала „Паблик“ од Скопје, „Отворете ги прозорците“, „Цар Самоил“ од Струмица, Центарот за логопедија на патологија на вербална комуникација, како и со ЈЗУ „Заводот за Рехабилитација“ Скопје,  каде пациентите се рехабилитираат по мозочен удар и се соочуваат со афазија. Исто така, соработуваме со невролози, психијатри и физијатри кои се неопходни за стручна помош на лицата со афазија.

МАРИЛИ: Колку е важна медиумската поддршка за јакнење на општествената свест за „афазијата“, но и за слични состојби со кои се соочуваат луѓето?

М-Р МАРКОВСКА: Медиумската поддршка е од исклучителна важност, бидејќи преку неа се создава јавна свест, се рушат предрасудите и се поттикнува разбирањето и прифаќањето на лицата со афазија и други состојби.

Медиумите имаат моќ да им дадат глас на оние кои тешко можат да бидат слушнати и да придонесат нивните предизвици да станат видливи за општеството.

Информираноста е првиот чекор кон емпатија, солидарност и вистинска општествена поддршка.


Статијата е прочитана 378 пати.

Сподели:


Видео: 30 години Агенција Марили

30 години јубилеј на агенција „Марили“

kb

oxxete