Северна Македонија официјално се вклучува во проектот Александруполи

Македонските акционерски друштва „Електрани на Северна Македонија“ и „Национални енергетски системи“ денеска потпишаа договори со кои ќе се стекнат со удел во терминалот и гасната централа Александруполи со што нашата земја ќе стане стратешки снабдувач на природен гас од САД и Блискиот Исток во регионот, но и делумен сопственик на уште еден извор на електрична енергија.

Националните енергетски ресурси „НЕР АД“ Скопје и „Елени Асмина Копелозу“, како и Електрани на Северна Македонија „АД ЕСМ“ и „Гастрејд“  потпишаа меморандуми за соработка за закуп на капацитет во терминалот, а „АД ЕСМ“ и „ДАМКО ЕНЕРЏИ“ за стекнување удел во „Александруполис електрисити продакшан“.

Северна Македонија учествува со 25 проценти во гасната централа на природен гас Александруполи со 800 мегавати, проценетата инвестиција од над 380 милиони евра, во гасниот терминал 10 проценти учество со вредност од околу 370 милиони евра, поддржан проект од ЕУ, кои според планираното треба да бидат пуштени во употреба до 2023 година.

„Официјално ја зацврстуваме соработката на полето на енергетика со компании од соседна Грција. Република Северна Македонија ќе биде дел од проектот за изградба на терминал за течен природен гас на 17 километри од Александруполи за складирање и гасификација на течниот природен гас со капацитет од над 5,5 милијарди кубни метри. Нашето вклучување во изградбата на терминалот Александруполи во Грција ќе создаде можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за земјата, од каде потоа ќе се дистрибури и пошироко во регионот“, рече премиерот Зоран Заев.

Извршниот директор на „Копелузос Груп“, Христос Копелузос истакна дека ќе се намалат трошоците за енергија и ќе се зголеми конкурентноста на бизнис-заедницата, а ќе се понудат поволни услови, како и знаење во изградбата на постројката“.

Заменик-претседателот на „Гастрејд“, Коститс Сифнеос додаде дека ваквите иницијативи значат светлина на крајот на тунелот. Тој и се заблагодари на македонската страна за, како што рече упорната и посветената работа за да се дојде до овие договори.

„Терминалот за енергија го започнавме пред 10 години, сега е созреан да биде активиран. Тоа е уникатен проект за цел Балкан и Југоисточна Европа. Нуди безбедност, диверзификација, конкурентни опции и пристап до светските извори на енергија. Ќе работи комплементарно со други инфраструктури за гас. Поддржан е од Романија, Србија, САД и ЕУ, бидејќи нуди опции и алтернативи“, истакна Сифнеос.

Според министерот за економија, Крешник Бектеши, со оваа прекугранична инфраструктура нашата земја станува стратешки играч и снабдувач во регионот.

„Терминалот на течен природен гас и гасната централа се клучни проекти за развој на енергетскиот сектор, односно за домаќинствата, индустријата, сообраќајот и за производството на струјата. До 2050 гасот и обновливите извори на енергија ќе го заменат јагленот“, рече Бектеши.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи истакна дека е историски ден, а Владата превзема храбри чекори кон сигурен, еколошки и конкурентен енергетски систем. 

„Со оваа соработка ќе се утврдат условите со кои НЕР и ЕСМ ќе добијат удели во терминалот и гасната централа. Ќе се продава гас во Косово, Албанија и Србија преку Македонија. Тоа ќе биде гас од САД и Блискиот Исток“, рече Битиќи.

 


Статијата е прочитана 546 пати.

Сподели: