Македонскиот академски вајар Никола Смилков со самостојна изложба во Сплит

Изложбата ќе биде отворена вечер во просториите на Француската алијанса во Сплит, во организација на Хрватско - француското здружение и Министерството за култура и ќе трае до 1 јули годинава

 

Универзитетскиот професор и уметник Никола Смилков ќе се претстави со самостојна изложба на скулптури „Emocionalni pokreti/Emotional movements“ во Сплит, Република Хрватска. 

Изложбата ќе биде отворена вечер во просториите на Француската алијанса во Сплит, а делата ќе може да се погледнат до 1 јули годинава. Изложбата е во организација на Хрватско – француското здружение и Министерството за култура.

Никола Смилков е роден во 1973 година во Штип. Во 1999 година дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, каде во 2002 година магистрирал во областа вајарство во класата на проф. Драган Попоски – Дада. Докторирал во 2012 година на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, во областа Методика на ликовното воспитание. Денес е редовен професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Смилков потекнува од уметничко семејство, а љубовта кон вајарствто му е вградена уште од најрана возраст со оглед на тоа дека ја имал таа привилегија да му биде достапна глината во ателјето на неговиот татко, академскот вајар Александар Смлков и на тој начин да расте и да ја осознава уметноста и да биде дел од едно уметничко живеење.

Тој е претставник на современото македонско вајарство. Во неговите дела, кои имаат различен формат, од минијатури до монументални скулптури, преовладува современ ликовен израз на форми што се апстрактни, но често и со асоцијативни белези на женска фигура. 

Смилков учествувал на повеќе меѓународни симпозиуми во рамки на кои реализирал монументални скулптури и групни изложби во Австрија, Словенија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Турција и Индија. Во 2018 година беше дел од симпозиумот „Rеviving humanity, како дел од проектот за изградба на Меморијален центар на Светскиот младински форум за оживување на хуманоста во Шарм ел Шеик, Египет, проект на светски познатата дизајнерска куќа Shosha Kamal Design House, предводена од познатата египетска дизајнерка Шоша Камал. На симпозиумот на кој учествуваа вкупно 75 уметници, претставници од 75 држави Смилков реализираше скулптура што носи порака за поголема толеранција, еднаквост, заедница и мир. Скулптурата и денес е дел од овој Меморијален споменик на хуманоста, како дело на македонски автор меѓу скулптурите на другите 75 претставници од државите во светот.

Никола Смилков е добитник на наградата за скулптура „Димо Тодоровски“ од Друштвото на ликовни уменици на Македонија во 2008 година и во 2017 година. 

Смилков како соработник на агенцијата „Марили“ е автор и на статуетката „Жена водилка“ изработена во мермер, која годинава го одбележа 25-годишниот јубилеј на манифестацијата „Избор на науспешни жени менаџери“ и им беше доделена на лауреатките за нивното континуирано успешно менаџирање и континуиран професионален пат


Статијата е прочитана 1743 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско