Гувернерката Ангеловска-Бежоска на годишните средби на ММФ и на Светска банка

Делегацијата предводена од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии, Фатмир Бесими ќе учествува на редовните Годишни средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и на Групацијата на Светската банка (СБ) што ќе се одржат во текот на оваа седмица во Вашингтон, САД.

Во рамките на Годишните средби се закажани состаноци на делегацијата со високи претставници на ММФ и СБ, како и со претставници на други меѓународни финансиски организации и институции. Во тој контекст делегацијата ќе оствари средба со Ли, заменик извршен директор на ММФ, на која ќе се разговара и за идната потесна соработка што ќе ја има нашата држава во рамките на новоодобрениот аранжман ПЛЛ. Исто така, се предвидени одделни средби на делегацијата со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, со извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс и со алтернативниот извршен директор, Лук Дресе, како и со шефицата на Мисијата на ММФ, Бергљот Баркбу. Во центарот на вниманието на состаноците со високите претставници на ММФ ќе бидат монетарната политика и економските состојби во земјава. Гувернерката има закажано и одделни состаноци со претставници на Одделот за статистика и Одделот за монетарна политика и пазари на капитал, на кои ќе се разгледаат резултатите од тековната соработка помеѓу НБРМ и ММФ, како и можностите за натамошно унапредување на оперативните активности на Народната банка во доменот на спроведување на монетарната политика во соработка со експертите на Фондот. 

Како и секоја година Годишните средби на ММФ и Светската банка се посветени, пред сè, на актуелните случувања во глобалната економија. Овој пат, лидерите, експертите и активистите ќе зборуваат за тоа како може најдобро да им се одговори на предизвиците и на неизвесноста што ги донесоа двете последователни кризи за светската економија. Дел од темите за дискусија ќе бидат пандемијата, климатските промени и војната во Украина, коишто предизвикаа најостро забавување на економската активност во последните 80 години, како и зголемената инфлација, енергетската криза и растот на задолжувањето на државите. 

Годишните средби се одржуваат редовно, секоја есен и на нив учествуваат гувернери на централни банки, министри за финансии, високи претставници на финансиски организации, невладини организации, за да разговараат за теми и политики што ќе придонесат кон одржлив економски раст во светот.

 


Статијата е прочитана 185 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско