Вицегувернерката Митреска на конференцијата на „Џ. П. Морган“ во Виена: За побрз и поодржлив раст се потребни повисока продуктивност, дигитализација и диверзификација на економијата
Вицегувернерката Ана Митреска учествуваше на конференцијата на „Џ. П. Морган“ во Виена, каде што говореше за економските изгледи на Северна Македонија, инфлацијата, финансиската стабилност и предизвиците со кои се соочуваат малите и отворени економии во услови на зголемена светска неизвесност.
Осврнувајќи се на економските движења, Митреска посочи дека домашната економија покажува значителна отпорност, и покрај серијата светски шокови во изминатите години. Во последните пет години, економскиот раст изнесуваше 3,3%, во просек, што е блиску до проценетиот потенцијален раст од 3,5%. Истовремено, економијата го надмина претпандемичното ниво за околу 12%, а растот беше поддржан од личната потрошувачка, извозот и инвестициите во инфраструктурата.
Сепак, таа нагласи дека за одржување повисоки стапки на раст се потребни структурни реформи насочени кон продуктивноста, иновациите и дигиталната трансформација. „Продуктивноста во земјава и натаму е околу половина од просекот на Европската Унија, а дигитализацијата е на околу 70% од европското ниво. Затоа инвестициите во технологија, иновации и човечки капитал се клучни за забрзување на конвергенцијата кон ЕУ“, истакна Митреска.
Таа посочи дека земјава има солидна основа за понатамошен дигитален развој. Според индексот за подготвеноста за вештачка интелигенција на ММФ, Северна Македонија е на 76 место од 174 земји и се наоѓа над светскиот просек. ИКТ-секторот бележи силен раст, а ИКТ-услугите учествуваат со околу 43% во вкупниот извоз на услуги. Воедно, уделот на дипломирани студенти во ИКТ-областите достигнува 7,9% од вкупниот број дипломирани студенти, што е меѓу највисоките стапки во регионот.
Во однос на надворешното окружување, Митреска нагласи дека македонската економија и натаму е силно интегрирана со Европската Унија, каде што се пласираат 76% од домашниот извоз, додека Германија учествува со околу 40% во вкупниот извоз. Оваа интеграција донесе значителни придобивки преку странските директни инвестиции, трансферот на технологии и повисоката додадена вредност во извозот, но истовремено ја нагласува потребата од понатамошна диверзификација на извозната структура и инвестициските текови.
Осврнувајќи се на инфлацијата, Митреска истакна дека и покрај новите геополитички ризици и притисоците врз цените на енергентите, централните банки денес се во подобра позиција отколку за време на енергетската криза во 2022 година. Таа нагласи дека кредибилитетот на монетарната политика и навремената реакција се од суштинско значење за спречување на прелевањето на привремените ценовни шокови во подолготрајни инфлациски притисоци.
„Искуството од последните неколку години покажа дека со соодветна комбинација на монетарни, макропрудентни и други политики може успешно да се зачуваат ценовната и финансиската стабилност, без притоа да се загрози економскиот раст. Но, за долгорочно повисок раст се неопходни и структурни реформи коишто ќе ги поттикнат продуктивноста, инвестициите и конкурентноста на економијата“, истакна Митреска.
Статијата е прочитана 60 пати.


























