Андоновски: Македонија го добива првиот центар за ВИ „Везилка“
Македонија ќе го добие првиот центар за вештачка интелигенција „Везилка“, кој ќе биде промовиран идната недела, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Според него, преку овој проект се поставуваат темелите за создавање домашни решенија засновани на вештачка интелигенција, кои ќе се користат во јавниот интерес, образованието, науката, економијата и дигиталната трансформација на државата.
Андоновски информира дека и граѓаните ќе можат да придонесат во проектот преку прикачување дигитализирани трудови, магистерски и докторски истражувања, со што ќе се збогатува македонскиот дигитален јазичен корпус.
Во однос на регулативата, министерот најави подготовка на компактен закон за вештачка интелигенција, кој ќе постави етички и транспарентни правила за нејзина примена, без да ја ограничува употребата на новите технологии. Фокусот ќе биде ставен на јавната администрација, здравството, земјоделството и културата.
Проектот „Везилка“ е вреден 6,5 милиони евра, од кои 1,5 милиони се државни средства, еден милион евра се обезбедени од факултетите, а остатокот е поддржан од Европската Унија.
– До крајот на оваа или почетокот на следната година Македонија ќе има функционален јазичен модел, кој ќе биде достапен како „open-source“ решение за институциите и компаниите – посочи Андоновски.
Најави дека со исполнувањето на чекорите од реформската агенда во јуни, се отвораат нови 16,9 милиони евра од Планот за раст, додавајќи дека Министерството продолжува со реализација на обврските за обезбедување конкретни придобивки за граѓаните и институциите.
Извор: МИА
Статијата е прочитана 80 пати.




























