„Охридско лето“ 2026 - Прекрасна вечер на класична музика со маестро Александар Мелников
Вечер исполнета со врвна класична музика во извонредниот амбиент на црквата „Света Софија“ приреди руско-германскиот пијанист Александер Мелников кој настапи во рамки на фестивалот „Охридско лето“.
Мелников важи за еден од најистакнатите пијанисти на својата генерација, препознатлив по својата виртуозност, длабока музикалност и интерпретации на дела од различни епохи.
На репертоарот беше познатата Фантазија во Це-дур „Вандерер“, компонирана во 1822 година за соло пијано од Франц Шуберт. Ова е технички најтешката и најбараната композиција за пијано на Шуберт која Мелникот ја долови совршено. Пред да биде награден од фестивалската публика со бисеви, пијанистот го отсвири и ремек-делото на музичкиот импресионизам „12 Прелудиуми“ од прочуениот француски композитор Клод Дебиси.
-Ги свирев делата што најмногу ми се допаѓаат. Драго ми е што сум првпат во овој прекрасен град. Амбиентот во кој настапив е мошне инспиративен, рече Мелников.
Како солист, Александер Мелников има остварено настапи со светски познати оркестри и ансамбли. Особено е активен на полето на камерната музика, настапувајќи во пијано дуо со Андреас Штајер, редовно концертирајќи со виолончелистот Жан-Гијен Кејраси, а исто така е и долгогодишен дуо партнер на реномираната виолинистка Изабел Фауст со која се добитници на наградата „Грамафон“ и се номинирани за наградата „Греми“.
Статијата е прочитана 94 пати.




























