Д-р Јелисавета Георгиева Јовевска: Користењето на медијацијата во односите на компаниите има само предности, нема ниту еден недостаток

Интервју со д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија, советник на претседателот на Комората за економски развој и инфраструктура, Национален координатор за медијација и претседател на Асоцијација за поддршка на медијацијата при Комората. Георгиева Јовевска во интервјуто зборува за нејзиното богато работно портфолио, за сите успеси и достигнувања низ годините. Автор е на повеќе едиции на полето на медијацијата и алтернативните алатки за решавање на споровите. Еден од поводите за интервјуто е и меѓународната конференција на тема: „Промоција на медијацијата со цел искористување на нејзините предности“ која ќе се одржи на 18 октомври.

МАРИЛИ: Непосреден повод за ова интервју е меѓународната конференција која ќе се одржи кон средината на октомври на тема : Медијација во решавање на бизнис спорови. Кажете нѝ нешто повеќе за овој настан?

ГЕОРГИЕВА ЈОВЕВСКА: Токму така. Асоцијацијата за поддршка на медијацијата (АПМ) при Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ), Националниот совет за медијација-Владино тело и Меѓународната Финансиска Корпорација (ИФЦ) - дел од Групацијата на Светска Банка, на 18 октомври 2023 година (среда) во Стопанската комора на Северна Македонијa во Скопје со почеток од 10.00 часот ќе бидат организатори на ВТОРАТА РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ТЕМА: „ПРОМОЦИЈА НА МЕДИЈАЦИЈАТА СО ЦЕЛ ИСКОРИСТУВАЊЕ НА НЕЈЗИНИТЕ ПРЕДНОСТИ”.

Првата конференција, која се одржа за прв пат од таков вид во нашата држава, беше организирана во 2017-та година од Стопанската комора на Северна Македонија со поддршка на Германската стопанска комора и проектот АБЦ-ДИХК (Асоцијација на балкански комори-Унија на германски стопански комори).

На истата имавме над 20 говорници од департментите за медијација при стопанските комори од регионот кои го споделија своето искуство од користењето на медијацијата и кои пред повеќе од 100 учесници презентираа за бенефитите од користењето на медијацијата. Мислам дека тогаш направивме добар придонес во промоција и популаризација на медијацијата и многу компании, но и други заинтересирани страни од тогаш па навака активно користат медијација при решавањето на некој свој спор. Во меѓувреме АПМ при СКСМ одржа повеќе од 50 настани, со учество на повеќе од 1500 претставници од компании и од други заинтересирани страни, сѐ со цел уште поголема популаризација и афирмација на медијацијата. Организиравме бесплатни семинари, конференции, обуки, состаноци и други активности за промовирање на медијацијата како најефикасен алтернативен начин за решавање на споровите. Со таа цел за поголема афирмација и поддршка на медијацијата беше и формирана АПМ на 16.7.2016 година во рамките на Стопанската комора на Македонија. Печатиме брошури, правиме презентации, правиме интервјуа и со поддршка на медиумите информираме, одржуваме семинари, настани и правиме други слични активности за промоција со што се надеваме дека допираме до сите кои можат да бидат учесници во постапка за медијација, бидејќи од истата сите можат да имаат само корист.

На годинешнава, втора регионална конференција за медијација како говорник поканет е претседателот на Владата на РСМ, д-р Димитар Ковачевски кој преку неговото обраќање сакаме да ја истакне важноста од користењето на медијацијата на државата и поддршката што државата ја дава на оваа алатка vis a vis препораките од ЕУ и користењeто на медијацијата во високоразвиените европски земји како што е во Германија, Холандија, Италија и сл. (земји со најголем процент на користење на медијацијата при решавање на споровите). На тој начин со поголемо користење на медијацијата би се помогнало на државата преку растеретување на судството, намалување на трошоците на правните и физичките лица-корисници на медијацијата и исползување на останатите предности од медијацијата. Државата дава поддршка преку нејзино вклучување во користење на медијацијата, преку легислативата која ја носи и последно преку формирање на Владино тело-Национален совет за медијација кој се грижи целосно за квалитетот на работата на медијацијата и медијаторите. На регионалната конференција во име на Стопанската комора на Северна Македонија, како говорник поканет е претседателот на Комората Бранко Азески,  а истата ќе ја потенцира важноста и бенефитите од користењето на медијацијата кај стопанските спорови. Претседателот Азески во Стопанската комора на Македонија прв го отвори патот и создаде услови за промоција на медијацијата и тие негови чекори ние ги следиме.

На оваа регионална конференција поканети со свои обраќања се високи говорници од Асоцијациите за медијација при стопанските комори од Македонија, Србија, Албанија, Косово, Бугарија, Грција, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора кои ќе говорат за постигнувањата и користењето на медијацијата секој во својата земја како и за чекорите кои треба секој поединечно како институција, но и преку синергија и регионални поврзувања како оваа конференција да ги направи во насока на поголемо афирмирање и презентирање на медијацијата, бидејќи користењето на медијацијата има само предности, нема ниеден недостаток.

Конференцијата ќе биде поделена во два дела. Во првиот дел освен обраќањето на претседателот на Владата на РСМ, д-р Димитар Ковачевски, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, како и Националниот координатор за медијација, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, предвидено е да има обраќање на Амбасадорите од Германија, Холандија, Италија и Швајцарија, додека во вториот дел кој ќе биде поделен во 3 панели учесници-говорници ќе има од горепоменатите земји, односно Асоцијации за поддршка на медијацијата од тие земји. За потребите и на оваа Регионална конференција за промоција на медијацијата ќе биде подготвено и испечатено, во организација на Стопанска комора на Македонија, Националниот освет за медијација и Меѓународната Финансиска Корпорација, како домаќини на конференцијата, БРОШУРА на македонски и англиски јазик.

МАРИЛИ: Години наназад работите на афирмација на медијацијата. Вие сте лиценциран медијатор и актуелен Национален координатор за медијација. Што поточно значи оваа функција и кои се главните бенефиции од ваков тип на посредништво во бизнис секторот?

ГЕОРГИЕВА – ЈОВЕВСКА: Да, работам на полето на афирмација на медијацијата уште од 2006-та година кога Стопанската комора на Македонија во партнерски шест месечен проект со Меѓународната Финансиска Корпорација (ИФЦ) - дел од Групацијата на Светска Банка за прв пат во нашата земја го промовираше Проектот за подигнување на јавната свест за медијацијата преку активностите насловени како: „Финансиски користи од Медијацијата”, промоција и дистрибуција на публикациите на ИФЦ: Брошура за медијација и Алманахот за Медијација.

Исто така, повеќе години наназад сум инволвирана во процесите на афирмација и популаризација на медијацијата во рамките на заедничките активности кои ги имавме со АБК-ДИХК (Асоцијацијата на балкански комори и Унијата на Германските трговско-индустриски комори), во периодот од 2001-2014 година, каде освен тоа што се работеше на активности поврзани со зајакнување на капацитетот на коморите и проекти за компаниите се промовираа и медијацијата и арбитражата како ефикасни алтернативни методи на решавање на споровите.

Потоа од 05.07.2016 година станав лиценциран медијатор со положен испит за медијатори согласно Законот за Медијација во РСМ а од март 2018 година и лиценциран обучувач на медијатори.

Следствено на сите многубројни активности кои ги имавме за промоција на медијацијата од една страна, но и согласно тековите од скори сите земји од регионот и пошироко кои под капата на своите стопански комори имаа департменти за медијација и ние на 16.7.2016 година ја формиравме Асоцијација за поддршка на медијацијата при Стопанската комора на Македонија. Во рамките на оваа Асоцијација, од кога истата е  форирана до сега имаме организирано, на цела територија на државава, над 50 бесплатни семинари за промоција и афирмација на медијацијата на тема: „Медијацијата како ефикасен начин на алтернативно решавање на стопанските спорови”, со учество на над 1500 претставници од компаниите и други заинтересирани партиципиенти. Паралелно со реализација на сите активности континуирано се усовршувам и надградувам и во областа на медијацијата во РСМ и надвор од неа, a преку поддршката на медиумите (печатени и пишани) мислам дека афирмативно придонесувам за доближување и што е можно поголемо разбирање и користење на медијацијата и нејзините придобивки (како доброволност, доверливост, ефикасност, економичност, правичност на постапката, извршност - доколку Спогодбата постигната во медијација се солемнизира на нотар и слично).

Автор сум на повеќе едиции на полето на медијацијата и алтернативните алатки за решавање на споровите како што се: „Моќта на арбитражата и медијацијата за алтернативно решавање на стопанските спорови”, Скопје 2008 година, „Брошура за Медијација (Промоција, афирмација, успех)”, септември 2016 година, „Брошура за предностите на медијацијата во меѓународни рамки”, април 2017 година, „Прирачник за основна обука за медијатори”, 2019 година, Брошура за предностите на медијацијата, второ издание, 2022 година и во моментов работам на Алманахот за промоција на медијацијата - издание кое ќе го промовираме на втората меѓународна конференција за медијација на 18-ти октомври 2023 година.

Слободно можам да кажам како експерт за медијација, на 21 јуни 2022 година именувана сум од страна на Владата на РСМ за прв Национален координатор за медијација. Со формирање на Националниот совет за медијација како Владино тело за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите во медијацијата, и Владата дава поттик за уште поголема промоција и достапност на медијацијата кај бизнис-заедницата и кај сите заинтересирани страни. Во целиот овој процес на инволвираност во медијацијата, најголема поддршка имам од претседателот на Стопанската комора на Маедонија, Бранко Азески.

Во периодот од 2016-та година до 2021 година во нашата легислатива имаше неколку измени поврзани со медијацијата за да на крајот од 2021 година се донесе и нов Закон за медијација со што за прв пат се формираше и посебно тело кое се грижи за квалитетот на работите во медијацијата во нашата држава. Тоа тело се вика Национален совет за медијација (НСМ). Со ова тело раководи и истото го застапува и претставува Национален координатор за медијација, односно јас. Националниот совет за медијација брои 5 члена и освен националниот координатор членови се Љупчо Сотироски, Ивана Талевска-Трендафилова, Зоран Петковиќ-Бакли и Ќебир Авзиу, додека имаме и секретар на Советот кој не е член туку врши административни работи и е од редовите на Министерството за правда на РСМ.

Согласно Законот за медијација, Националниот совет за медијација, врз основа на начелото на самостојност, стручност и независност во својот делокруг на активности извршува повеќе активности меѓу кои се: покренување на иницијативи за подобрување на законските решенија и давање мислења за предлози на закони од областа на медијацијата; покренување на иницијативи за пошироко запознавање на заинтересираните страни со правото за користење на медијацијата како начин на компромисно решавање на спорните односи; утврдување на исполнетоста на условите за издавање на лиценца за вршење на медијаторски работи; издавање или укинување на лиценците за медијатори, медијатори за специфични области и за обучувачи на медијатори; акредитирање на програми за обука на медијатори утврдени со законот врз основа на методологија; вршење на евалуација на квалитетот на работењето на медијаторите, обучувачите на медијатори, спроведувањето на акредитираните програми за обука на медијатори; соработка со домашни и меѓународни организации и тела за поголема промоција и примена на медијацијата и слично.

Од кога е конституиран Националниот совет за медијација од септември 2022 година до денес има одржано 25 седници, ова тело е во постојано заседание и работа,  а заедно со Стопанската комора на Северна Македонија и Меѓународната Финансиска Корпорација за целиот изминат период има одржано неколку настани за промоција на медијацијата пред сите заинтересирани страни. Така, во рамките на првиот циклус предавања кои беа одржани на 17,18 и 22 ноември 2022 година во Скопје, Штип и Струмица, како и во рамките на вториот циклус предавања одржани на 25, 26 и 27 април 2023 година, одржавме бесплатни предавања за афирмација на медијацијата пред повеќе од 120 заинтересирани страни. На предавањата беше промовирана и дистрибуирана и Бошурата за медијација-второ издание, испечатена со поддршка на ИФЦ. Предавачи на предавањата беа домашни и странски експерти за медијација кои ги покриваат сите области за медијација.

Сега во октомври сме организатори на Втората регионална конференција за медијација. Правиме навистина големи чекори за конечно медијацијата да го добие своето заслужено место. Можеби и сме единствените во државава кои од ваков вид и обем кои прават постојана промоција на медијацијата, соработуваат со домашни и странски институции и постојано зборуваме за медијацијата, но затоа и постоиме како тело да работиме токму во тој правец. Продолжуваме со уште поголемо темпо во следниот период бидејќи сакаме медијацијата да се користи не тогаш кога ќе настане некој проблем, туку пред тоа, доброволно и договорно.

МАРИЛИ: Какви се Вашите согледувања, дали има подобрување во односите на компаниите со помош на медијација и кои се најчести корисници на медијација во земјава?

ГЕОРГИЕВА ЈОВЕВСКА:  Има подобрување. Не онакво какво што сакаме, не онакво какво што очекуваме и можеме, но доволно. И во извештаите од ЕК за напредокот за нашата земја секогаш стои забелешката дека потребни се поголеми напори за земјата да користи медијација со цел искористување на поволностите, ниските трошоци, заштедата на време, растеретување на судството, останување во добри деловни односи и слично. И не само да се користи медијацијата, туку и арбитражата, за што постои Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија која e постојана арбитражна институција основана согласно со Законот за стопанските комори и Статутот на Стопанската комора на Северна Македонија. Арбитражата е надлежна за решавање спорови за права со кои странките можат слободно да располагаат и за кои со закон не е пропишана исклучива надлежност на судовите на Република Северна Македонија, доколку странките ја договорат нејзината надлежност. Подобрувањата кои ги има се, можам слободно да кажам, благодарение на нашите активности. Тоа нѐ охрабрува да продолжиме со афирмација на медијацијата со цел истата да биде достапна за сите, бидејќи иако ние одржуваме настани, иако ние сме имале безброј промоции за медијацијата, потребна е добра волја другата страна да е заинтересирана да слушне, разбере и користи нешто од кое се има само бенефит. Инаку, согласно Законот за медијација според начинот на поведување, медијацијата може да се одвива како доброволна, договорна и законски определена.

Доброволна медијација е медијацијата во која страните своеволно се впуштаат во обид за решавање на спорен однос, пред или по започнувањето на судска постапка. Договорна медијација е медијацијата во која се впуштаат страните, а која произлегува од нивниот облигационен договор со внесување на одредба со која во договорот се утврдува дека доколку настане спор, истиот ќе го решат по пат на медијација, пред започнување на судска или на друга постапка. Во случај на поднесена тужба до надлежниот суд, без приложен доказ од медијатор за сторен обид за решавање на спорот со медијација, постои основ за отфрлање на тужбата поради судска ненадлежност. Законски определена медијација е задолжителниот обид за медијација кој произлегува од закон пред или по започнување на судска постапка. Во РСМ со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за парнична постапка („Службен весник на РМ“, бр. 124./15) со член 47 од Законот, извршена е измена на член 461 од пречистениот текст на ЗПП според кој: „ Во стопанските спорови за парично побарување чијашто вредност не надминува 1.000.000 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесување на тужбата, да се обидат спорот да го решат по пат на медијација. При поднесување на тужбата тужителот е должен да приложи доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал. Тужбата кон која не е приложен доказот од ставот (2) на овој член судот ќе ја отфрли“. Оваа одредба од ЗПП е влезена во сила од февруари 2016 година.

Пред 2016 година евидентирани се многу малку постапки за медијација. Ситуацијата последните години, посебно со одредбата од ЗПП за задолжителниот обид за медијација кај стопанските спорови до 1.000.000 денари видно се менува и според расположливите податоци од 2017 година до мај 2023 година бројката на медијации расте. Така за споменатиот период вкупниот број на извршени медијациии е некаде над 4.700 предмети, од кои најголемиот број се работни спорови со многу голема скоро 100 процентна успешност со спогодба, додека 20 проценти се трговски спорови (од кои половина од нив успешно завршиле со спогодба). Ова во пракса значи дека компаниите кои се јавиле по оваа основа на задолжителен обид на медијација и ги увиделе сите предности на медијацијата како што се брзината, ефикасноста, доверливоста на постапката и немање на јавност во постапката, најевтина постапка, најкратка постапка во споредба со другите, солемнизација на постигнатата спогодба односно давање сила на извршна исправа на спогодбата и договореното меѓу страните, тие компании ќе се јават и следен пат доброволно на медијација односно во сите свои облигациони договори со своите партнери ќе ја предвидат медијацијата во случај на иден спор. Како споредба е интересен податокот дека европските земји многу ги користат алтернативните начини на решавање на споровите. На пример, во Холандија и Италија над 70 проценти од бизнис споровите се решаваат по пат на медијација.

МАРИЛИ: Моментно сте потпретседател на СКСМ, а во Комората сте повеќе од две децении и тоа на различни одговорни функции. Кои позитивни промени и успеси ги сметате за најзначајни и довеле до развој на Комората, а Вие лично сте дале голем придонес?

ГЕОРГИЕВА ЈОВЕВСКА: Токму така. Во Стoпанската комора на Македонија сум 22 години. Кога се вработив во Комората во тој период магистрирав а во текот на работата станав прв доктор на науки во мојата институција и и прв доктор кој ја обработил темата за бизнис асоцијации-со специјалност менаџмент на бизнис асоцијациите, односно менаџментот ставен во функција на ефикасно и ефективно остварување на целите и задачите на Коморите генерално како организации.

На самите почетоци во 2001 година бев ангажирана како референт во Центарот за европска интеграција, позиција од која ги минав сите скалила во Комората, позиција на која неколку години учев од најдобрите колеги и колешки кои некои се тука а некои повеќе не се меѓу нас. Никогаш нема да го заборавам нивното несебично споделување на информации, учење, колегијалност и насочување. Но нема да ја заборавам ни мојата упорност и постојано усовршување, која трае и ден денес. После неколку години работа во Комората претседателот Азески ме назначи за шеф на неговиот кабинет, а од 2005 до 2011 година за генерален секретар - предизвикувачка позиција од аспект на мојата младост и искуство. Во овој период претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески го направи мојот најголем развој. Тој ми даде шанса која можеби ниеден млад човек ја немал, а јас не ја злоупотребив неговата доверба. Но не се откажав, туку се докажав. Со менување на поставеноста на коморскиот систем во нашата земја, од 2011 година до 2019 ја извршував функцијата Извршен директор на Комората додека од месец мај 2019 година до денес сум потпретседател на Комората. Од 2016 година наваму сум и претседател на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата (АПМ) при Комората.

Освен на функцијата Потпретседател на Комората моментално работам и како Советник на претседателот на Комората за економски развој и инфраструктура. Претседателот Азески од неодамна направи посебен кабинет со негови советници, сите врвни експерти, професионалци во своите области и за сите клучни области постави советници. Кога зборуваме за инфраструктурата мислам дека говориме за една од клучните области која е важен предуслов за економскиот развој на една земја и која влијае врз деловните можности, но и врз вкупната привлечност на земјата за работа и инвестирање. Ефикасната и сигурна патна (и целокупна) инфраструктура ја олеснува и ја поттикнува мобилноста на луѓето и стоките, ја надминува ограниченоста на локалните пазари и создава претпоставки за урамнотежен регионален развој. Вложувањата во инфраструктурата се од витално значење за намалување на невработеноста и на сиромаштијата, за зголемување на конкурентноста на економијата, постигнување забрзан економски раст и порамномерен регионален развој. Проектите секако го заживуваат градежништвото и многу други пропратни гранки  во државата и истите влијаат врз зголемувањето на БДП. Затоа потребно е зголемување на нивото на инвестиции во инфраструктурата во Р.С. Македонија. Имаме рурални средини без основни животни услови, без системи за снабдување со вода, фекални и атмосферски канализации. Голем дел од патиштата се опасни и небезбедни, а со огромно задоцнување, се градат само делниците. Нѝ треба фокус на изградба на инфраструктура што ќе значи иднина за македонската економија, а ќе се стопираат/или нема да се одобруваат инвестициите во непродуктивни проекти. Владата, потребно е одлуките за големите инвестиици во инфраструктурата да ги носи транспарентно и низ консултации со сите релевантни чинители/стејкхолдери.

За сите мои назначувања, успеси, развој во образование и кариера, најзаслужен човек на кого ќе му бидам секогаш благодарна е мојот ментор и водач, претседателот Азески. Претседател кој кога дојде во Стопанската комора во 2005-та година кажа дека ќе ја направи комората со 5 звездички, и тоа и го направи. Ја направи нашата институција не само најдобра во Македонија и во регионот, туку и пошироко. Направи бренд во коморско работење и престиж да си дел од институцијата. Азески направи од нас луѓе кои се натпреваруваат со своите знаења, постојано се едуцираат и постојано се на услуга на своето членство како вистински професионалци богати со знаење и вештини. Без неговата поддршка, мотив и заштита немаше да бидам тоа што сум.

Денес, претседателот Азески освен што го имам за мој препоставен, за мој шеф, го имам и за мој пријател кој е тука секогаш за сите мои прашања, дилеми, недоумици. Мислам дека на работа да имаш во исто време и шеф и другар за мене тоа е како да си добил седмица на лото.

На прашањето кое е мојот најголем успех кој сум го постигнала ќе одговорам со две реченици. Прво, постојано да ги зачувам компаниите блиску до нашата институција, на чело со претседателот, со колегите да им пружаме информации и услуги од доменот за кој постоиме и да им служиме да ги остварат своите цели заради кои се здружени во нашето коморско семејство. Второ, мојот најголем успех е што останав иста, односно функцијата не ме промени и на секого го препорачувам тоа. Можете да добиете функција кога сте млади или кога сте повозрасни, но никогаш не заборавајте дека фунцијата е минлива а тоа што останува е човечноста и принципиелноста. Тоа сум 100 отсто сигурна дека го задржав, можете да прашате кого сакате.

Она на што докторирав, практично го проживеав во Комората, односно ги поминав различните коморски системи, доброволно, задолжително, плурализам во коморско организирање, промени, адаптации, но постојано мислам дека промените беа само во нагорна линија (барем на тие се сеќавам, иако имаше навистина и промени кои беа непријатни). Имаше тешки периоди за Комората и неа само за Комората туку и за државата, за регионот, за Европа, за светот, пребродивме многу кризи но не се откажавме во замислата да бидеме спона меѓу Владата и стопанството, меѓу науката, образованието и бизнисите, да бидеме мост кој поврзува и создава нови вредности. Спона меѓу домашните и странските компании, меѓу производителите и трговците, меѓу малите и големите, но секогаш насочени кон создавање нови вредности, кон поддршка на најдобрите со цел подобар опстанок за сите, подобра економија и останување со работа и живеење тука. И за фирмите и за поединците.

Го покривав коморскиот сајт и добивме награда за најдобар бизнис сајт во 2020 година, бев во изминатиот период и Проектен менаџер за развој на новоформирани Совети при Комората (Совет за унапредување на квалитетот на високото образование, Совет за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките и Совет за унапредување на индустриското производство и извозот како и координатор на Советот за странски инвеститори (ФИЦ) при Комората. Во 2022 година имав нов предизвик кога претседателот Азески ме назначи за Шеф на кризен штаб за енергетската криза во Стопанската комора на Македонија и заедно со поддршката на компаниите опстоивме, се снајдовме и ги пребродивме сите предизвици. Но додека имаше кризи, проблеми и предизвици, не застанавме, туку учевме, се вмрежувавме, воведувавме нови услуги и одевме напред. Затоа преживеавме. Имавме и имаме поддршка и соработка од државата, од медиумите од домашните и од странските иснтитуции. Од сите. Затоа сме им благодарни на сите, но нашата улога е постојано да бидеме коректор на економските состојби важни за компаниите. Горда сум и што 10-тина во Комората (која годинава прославува 101 година коморско организирање во нашата држава) водев неколку здруженија меѓу кои ќе ги споменам Здружението за осигурување и Задружението за банкарство кое во 2011 година го зачленив во Европската банкарска федерација. Горда сум што учествував и ден денес сум вклучена на повеќе од 20-тина меѓународни проекти а горда сум и што имам пријатели и колеги од меѓународните институции како што се Асоцијацијата на балкански комори, Унијата на Германските трговско-индустриски комори, Балканскиот центар за трговска промоција, Асоцијацијата на европски комори и многу други.

Под водство и координација на претседателот Азески, горда сум што го воведовме, први во државата како бизнис асоцијација стандардот ИСО 9001 во 2008-ма година.

До ден денес сите поволности што ги имаме од аспект на почитување на процедури во работењето е благодарение на тој стандард и неговата ревизија во 2015 година. И тој не го воведовме само да постои на хартија, туку си ја најде својата практична вистинска примена и го препорачувам на сите. Не само овој стандард, туку стандардите воопшто. Стандардизацијата и дигитализацијата се едни од најважните алатки за успех на една институција. Мислам дека придонесов за развој на Комората во овој период кога сум активно вклучена во нејзината работа и се надевам дека Комората и во следните 100 години ќе биде водечка алка во нашата држава во делот на креирање на економски политики и поддршка на компаниите. Со забелешка, државата задолжително да го слуша гласот на компаниите односно за секој, ама за секој закон важен за стопанството да го слуша мислењето од бизнис заедницата. Без тоа нема да има примена и реализација на ниеден закон, па колку и истиот да е најдобар на хартија.

Од 2015-та година ги надоградувам и личните вештини со што станувам лиценциран вештак од областа на материјалното, сметководственото и финансиското работење со лиценца издадена од Министерството за правда на РСМ и од 2016 година сум и лиценциран помирувач и арбитер за мирно решавање на работни спорови со лиценца издадена од Министерството за труд на РСМ. За целиот период на извршување на професионалните ангажмани во Комората и стекнувањето со други дополнителни вештини, работам посветено а се усовршувам со преку 50-тина обуки, специјализации, академии и слично во земјата и странство.

Целиот профил кој до сега го имам изградено мислам дека целосно ги исполнува условите да служи на фирмите кои се во нашето коморско семејство. Задоволството е мое и понатаму да се едуцирам за да бидам уште подобра во пружање на услугите кон нив.

МАРИЛИ: Напредокот во кариерата и вашата надоградба се поткрепени со многубројни  едукации во земјава и странство. Кои се најзначаните обуки кои сте ги поминале и сертификати кои сте ги добиле кои придонеле за квалитетен скок во кариерата?

ГЕОРГИЕВА ЈОВЕВСКА:  За моето 20 годишно работење во Комората имам посетувано повеќе од 50 едукации, обуки, усовршувања и други настани за моја професионална надградба. Сите едукации биле во доменот кој го покривам со работата и во областа која сум ја извршувала на работа, па така ќе ги истакнам едукациите за ИСО проверувач кои многу ми помогнаа за имплементацијата и реализацијата на ИСО стандардот во мојата институција, потоа курсевите за работа на проекти кои претежно беа проследувани во странство, потоа обуките од областа на финансиите и осигурувањето кои ги има многу на број и тие исто така се проследувани претежно во странство, како и многубројните обуки за маркетинг, менаџмент, преговарање, лобирање, користење на фондови за македонските компании, обуки организирани од Асоцијацијата на балкански комори и Германската трговско индустриска комора, проект кој треаеше многу години за кој период имавме вмрежување на колегите од коморите од балканските земји со вмрежување со коморите од Турција и Германија. Тоа е искуство кое е непроценливо и корисно при извршувањето на секојдневните задачи и комуникација со компаниите, искуства и знаења од кои произлегоа многу нови услуги, проекти и слично во мојата Комора.

Како највпечаливи беа и едукациите во 2003-та година кога во Франкфурт, СР Германија во Одделот за надворешни економски односи во надворешно трговската комора на Франкфурт имав пракса за развој на комуникациски вештини, работа со меѓународни документи, организирање надворешно-трговски настани и сл. Пракса која и ден денес ќе ја паметам бидејќи германската комора е пример за коморско организирање во Европа, модел од кој може само да се учи а државата е таа која ја слуша Комората и без нејзина инволвираност не носи нити еден закон или некој подзаконски акт важен за стопанството.

Тука би ја споменала и едномесечната обука во периодот од јануари до февруари 2007-ма година во Јапонија (Осака, Токио и Кјото), која во организација на Јапонска агенција за меѓународна соработка (JICA) ми овозможија деловно патување во оваа прекрасна земја. Сертификатот за завршена обука со наслов: „Програма за развој на претприемништво“ ми отвори многу нови хоризонти, согледувања, поинаков пристап, нов начин на комуникација, доверба и слично...

Генерално, на Вашето прашање би одговорила дека не гледам некој посебен скок благодарение на некоја посебна едукација, туку ценам дека постојаното усовршување, едукации, надградби и учење е клучот за развојот на една личност и секако напредокот во неговата кариера. Скокот, мотивот и поддршката за она што сум денес погоре во интервјуто кажав благодарение на кого е. И ќе повторам пак-благодарение на претседателот Азески. Така и во делот на медијацијата. Таа преку ноќ не стана моја вештина, туку за неа посветив дополнителни средства, време, енергија, напор и многу труд во последните 10-тина години. Имав над 20 едукации во делот на медијацијата и денес сум таму каде што сум. И нема запирање, продолжувам напред.

МАРИЛИ: Од минатата година сте и предавач на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во Скопје? Што предавате конретно и кажете нѝ нешто повеќе за ова искуство?

ГЕОРГИЕВА ЈОВЕВСКА:   Точно, од јуни 2022 година сум избрана за предавач во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев” Скопје. Областа за која сум избрана е медијација како алтернативен начин за брзо и ефикасно решавање на споровите, медијација во стопански спорови, е-медијација (електронска медијација) и етика на медијаторот, како и за темите техники и вештини на преговарање, решавање на конфликтите, справување со конфликтите и стратегии за управување со конфликтите. Чест ми е што сум дел од оваа институција во делот на едукацијата, која е дел од формалното образование на новите судии и јавни обвинители.

МАРИЛИ: Според Вашите сознанија, колку жени се на високи менаџерски позиции од компаниите и кои се членки на Стопанската комора? Дали нивниот број расте?

ГЕОРГИЕВА ЈОВЕВСКА: Многу жени се на високи менаџерски позиции од компаниите кои се членки на нашата Комора. Некои од нив се експонираат и ги има во јавност, но некои од нив по нивна желба се членки но не се експонираат, односно не се толку застапени во јавност. Бројот е голем и од година во година се зголемува. Жените се застапени во секој домен од работењето и живеењето, но секако потребно е нивната застапеност да биде уште поголема. Тоа секогаш, според мене, не зависи само од политиките на државата или некоја институција туку зависи и треба да зависи односно репер треба да биде знаењето, професионалноста, упорноста и ангажманост на секој човек без разлика дали е маж или жена.

Ценам дека во нашата држава нема пречки за сите да го остварат својот сон и на професионално и на приватно поле, ценам и убедена сум дека во нашата држава дека немаме ограничување за ниедна работа и не се согласувам со поделбата на машки и женски работи. Сите работи можат да бидам и машки и женски, сведоци сме на тоа дека е потребна само желба и работа, со тоа што единствено само една работа според природата на нашето постоење може да биде женска, а тоа е раѓањето. Само жената раѓа и само жената е незаменлива во улогата на мајка.

МАРИЛИ: Што е според Вас пресудно за напредок на жената во кариерата? Дали е образованието, личните карактеристики, поддршката од тимот, поддршка од семејството или пак нешто друго?

ГЕОРГИЕВА ЈОВЕВСКА:  Пресудно за жената во кариерата е комплетно сѐ. Најпрво знаењето, желбата и упорноста, потоа поддршката и истрајноста, постојаната едукација и адаптирање кон промените. Ова не само за жената, туку и за мажот, но секако за жената како незаменлив дел во улогата на мајка и домаќинка потребно е големо разбирање, поддршка, пожртвуваност и мотив од сите страни.

МАРИЛИ: Која е Јелисавета Георгиева Јовевска приватно и што ја исполнува во слободното време?

ГЕОРГИЕВА ЈОВЕВСКА: Јелисавета приватно е задоволна, исполнета и посветена сопруга, мајка, ќерка, сестра....опкружена со поддршката на своите најблиски од семејството и пријателите. Спортувам, читам, се дружам, се играм...... во моментов најмногу се играм со помалите дечиња и ѝм ги исполнувам колку можам нивните детски и искрени желби. Сакам да готвам и тоа често го правам, а сакам и да патувам и истражувам нови можности на сите полиња.


Статијата е прочитана 913 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско