„Кромберг и Шуберт Македонија“ – Поим за квалитет, илјадници задоволни вработени и грижа за здрава животна средина

Најголемиот работодавач во државата, компанијата „Кромберг и Шуберт Македонија“ успешно работи во земјава од 2012 година во погонот во Битола, а подоцна и во погонот во Илинден, Скопје. Фабриката во Крушевац во Србија постои од 2015 година. Во сите три погони, над 9.000 вработени вредно работат за гиганти во автомобилската индустрија како Mercedes, Mini Cooper, Audi, кои во своите финално произведени автомобили, наменети за префинети крајни купувачи, вградуваат кабелски снопови произведени во согласност со сите стандарди. Компанијата припаѓа во нискозагадувачка индустрија, континуирано се грижи за животната средина, употребува електрична енергија од 100 % обновливи извори, а воведува и низа акции во насока за „зелено” работење.
МАРИЛИ: „Кромберг и Шуберт“ е светски лидер во автомобилската индустрија. Во нашата земја сте присутни со две фабрики, од кои едната успешно работи повеќе од една деценија, а се проширивте и во регионот со фабрика во Крушевац, Република Србија. Што се произведува одделно во секоја од фабриките?
КШМК–БТ: Нашата фабрика „Кромберг и Шуберт“ во овој регион успешно постои веќе 11 години, започнувајќи во 2012 година. Најпрво беше отворена во Битола, на почетоците на автомобилската индустрија во државата, а бевме и меѓу првите компании од оваа индустрија што започнавме со работа. Како дел од автомобилската индустрија се занимаваме со изработка на „нервниот систем” на автомобилот, а тоа е кабелскиот сноп преку кој фунцкионираат сите електрични компоненти во автомобилот.
На почетокот почнавме да работиме со помали модули (полупроизводи) што беа наменети за моделите на Mini Cooper. Подоцна го проширивме нашето производство со базични модули за BMW X1 и во 2014 година првпат започнавме со производство на целосен кабелски сноп што по принципот на „Just in Time“ се доставува до нашите клиенти и се монтира во автомобилите за финална продажба. Тука е и производството на кабелски сноп за комбињата на Mercedes, Vito и V-class, модели на патнички и товарни комбиња во различни варијатни од секојдневни до луксузни модели наменети за кампување. Исто така, во нашата фабрика во Битола произведуваме целосни кабелски снопови за моделот на комбе Sprinter, исто под производство на Mercedes. Третиот проект што во моментот е во фаза на влегување на нов наследник е проектот за AUDI, за моделот на А4 во кој се вклучени сите варијатни од спортска варијанта, купе, авант, караван и наредно ќе се продолжи со производство и на кабелски сноп за AUDI A6. Во моментот во фабриката во Битола има 5.300 вработени.
Нашата втора фабрика во регионот беше отворена во Србија, во градот Крушевац во 2015 година, односно тогаш беа почетоците на оваа индустрија во тој регион. Уште од почетокот таа фабрика започна со производство на целосни кабелски снопови за моделот на Skoda Superb и Skoda Fabia. По проширувањето на фабриката започнавме со производство и на целосен кабелски сноп за екслузивниот бренд на производители на автомобили, а тоа е Porsche за типот автомобил Carrera. Во моментов во нашата фабрика во Крушевац имаме 1.900 вработени и овој број ќе порасне во иднина поради одлуката за проширување на производниот капацитет со нова доградена екстензија што треба да биде готова наредна година.
Фабриката во Скопје, во населба Илинден, е последната отворена фабрика во овој регион со која ја продолжуваме добрата приказна за нашиот бренд во регионот. Се работи за компанија што ја отворивме во 2022 година, но и покрај краткото време на постоење сепак веќе брои над 2.000 вработени, кои доаѓаат од целиот регион на Скопје, како и од градовите Велес, Куманово, Свети Николе, Неготино и Кавадарци. Поради кризата што настана во Украина, во оваа фабрика повторно му се вративме на нашиот клиент BMW и тука се пренесе дел од тамошното производство, а во моментот произведуваме целосен кабелски сноп за моделот на X1 од новата генерација од 2023 година. Во фаза на претсериско производство е кабелскиот сноп за моделот на Mini Country Cooper што од наредната година ќе влезе во сериско производство.
Според овие податоци, нашето портфолио во регионот упатува на над 9.000 вработени и пет клиенти што се гиганти во автомобилската индустрија и кои во своите финално произведени автомобили, наменети за префинети крајни купувачи, вградуваат кабелски снопови произведени во согласност со сите стандарди од нашиот регион и кои се.
МАРИЛИ: На што се должи успехот во паралелното развивање на повеќе производствени капацитети истовремено? Кој е клучот за создавање ефективни и проактивни менаџмент тимови што ќе ги мотивираат вработените за квалитетно и поефикасно работење?
КШМК-БТ: Нашата приказна е преплетена, како што напоменавме веќе 11 години, тоа е една фаза на постоење што е клучна за секоја организација. Самите почетоци беа најголем предизвик, кога прво се влегуваше во нова непозната индустрија за државата, кога требаше да се изградат тимови, кога требаше да се создаваат специјалисти од различни области: од индустриски инженеринг, логистика, човечки ресурси, производство, финансии, кога требаше да се преплетуваат знаење, организациска поставеност и култура, нови начини на работа и нови искуства.
Тоа е една клучна фаза во градењето на секоја организација во која топ менаџментот и тој што е прв човек во компанијата треба да го дадат целото свое знаење, љубов, енергија, желба, мотивација, динамика, пожртвуваност за да ги движат работите, да ги поставуваат процедурите, да ги „туркаат” задачите, да ги „кршат” стравовите кај другите, да бидат вистински лидер што ќе им ја даде и претстави визијата на сите луѓе во тимовите за да тргнат кон исполнување на целите. Кога овој процес правилно ќе се започне, сите добиваат желба да научат, да ги дадат и покажат своите способности, да работат секој ден само подобро, да учат што повеќе од својата област, да стекнуваат самодоверба и да ја „совладуваат” секоја наредна препрека со поголема одговорност и знаење.
Со тоа се гради срцето на компанијата, а тоа се правилни вработени на правилни позиции, со правилен „mindset“ и со поседување клучни специјалистички знаења и вештини.