Интервју со Никола Петровски, добитник на „Инженерски прстен“: „Земјите кои ќе инвестираат во луѓе кои ги развиваат ВИ технологиите, ќе бидат во предност на долг рок“

Интервју со Никола Петровски, исклучителен талент, добитник на „Инженерски прстен“, магистранд на престижниот универзитет „Оксфорд“ во Англија (Обединето Кралство), првенец на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) со просек 10.00 за академската 2024/2025 година. 

Неодамна го доби високото признание „Инженерски прстен“ и во моментов ја подготвува магистерската теза. 

Во интервјуто за „Марили“, Никола говори за неговата љубов кон математиката и логиката, за интересот за информатичките науки и технологии уште од најрана возраст, за тоа како е да се биде студент на ФИНКИ и магистранд на Оксфорд, но и за неговите идни планови. 

Агенција „Марили“ веќе три децении ги промовира и поддржува младите македонски таленти. 

МАРИЛИ: Неодмна го добивте признанието „Инженерски прстен“ како еден од 14-мината најуспешни дипломирани инженери, кое Ви го додели Претседатеката на државата? Каде се одржа свеченото доделување и што значи ова признание за Вас?

ПЕТРОВСКИ: Свеченото доделување се одржа на Плаошник во Охрид, на платото пред црквата „Св. Климент и Пантелејмон“. Самата локација му даде дополнително значење на настанот, имајќи ја предвид историската и образовната важност на Плаошник и неговата поврзаност со традицијата на знаење и просветителство.

За мене, „Инженерски прстен“ претставува голема чест и признание за трудот, дисциплината и посветеноста во текот на целото студирање. Истовремено, го гледам и како голема одговорност. Инженерството не се сведува само на создавање нови технологии и системи, туку и на разбирање на нивното влијание во општеството и секојдневното живеење. Како инженери, имаме одговорност решенијата што ги развиваме да бидат корисни, безбедни и да придонесуваат позитивно за општеството.

МАРИЛИ: Со оглед на тоа дека сте и најдобар студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) со просек 10.00 за академската 2024/2025 година, што Вѝ беше мотивација за да го постигнете овој успех кој сигурно барал макотрпен труд и многу откажувања?

ПЕТРОВСКИ: За мене, мотивацијата никогаш не беше само да постигнам просек 10.00, туку пред сè да го разберам материјалот што го изучувам и постојано да се надоградувам и напредувам. Кога имате вистински интерес за областа и јасна цел, полесно е да останете мотивирани и во периодите кога обврските се поголеми.

Секако, таквиот резултат бара многу труд, континуитет и одредени откажувања, но мислам дека најважно беше континуираното учење во текот на целите студии. Се трудев да не учам само за испит, туку постојано работев за да разберам зошто нешто функционира и како тоа знаење може понатаму да го применам. Голема улога имаше и поддршката од моето семејство, како и од професорите кои секогаш беа подготвени да одговорат на дополнителни прашања и да ме мотивираат да истражувам и надвор од редовната настава.

МАРИЛИ: Кога и како се роди љубовта кон компјутерските науки и колку за Вас ФИНКИ беше и научна, а не само образовна институција?

ПЕТРОВСКИ: Интересот за компјутерските науки кај мене се развиваше постепено. Уште од основно училиште имав голем интерес за математиката и логичкото решавање проблеми, а подоцна, во средно училиште, преку натпреварите по информатика почнав посериозно да се занимавам со програмирање. Тогаш сфатив дека компјутерските науки на интересен начин ги спојуваат логиката, креативноста и можноста преку знаење да се создадат конкретни решенија.

ФИНКИ за мене беше многу повеќе од образовна институција. Покрај знаењето стекнато преку редовната настава, факултетот ми овозможи релативно рано да се вклучам во научноистражувачка работа и да соработувам со професори на истражувачки проекти. Преку тие искуства го запознав целиот процес на истражување – од поставување на проблем и развој на идеја, до експериментирање, анализа на резултатите и нивно претставување преку научни трудови. Тоа имаше големо влијание врз мојата одлука понатаму да се насочам кон машинското учење и истражувањето.

МАРИЛИ: Сметате ли дека ФИНКИ со условите кои ги нуди, може да обезбеди квалитетен, па дури и врвен кадар којшто ќе го обезбеди развојот на информатичките технологии и нивната примена во сите сфери на домашната економија?

ПЕТРОВСКИ: Да, сметам дека ФИНКИ има капацитет да создава квалитетен, па и врвен кадар, особено кога студентите активно ги користат можностите што ги нуди факултетот. Покрај силната теоретска основа, многу значајни се можностите за работа на практични и истражувачки проекти, соработка со професори, како и поврзувањето со индустријата.

Сепак, во област како информатиката, факултетското образование е само почеток. Технологиите се менуваат многу брзо, па од студентите и инженерите се очекува постојано да учат, да се надградуваат и да следат нови развојни правци.

Мислам дека таквиот кадар може да има значајна улога и во домашната економија, не само во ИТ-секторот, туку и преку примена на дигитализација, автоматизација, анализа на податоци и вештачка интелигенција во области како здравство, финансии, образование, индустрија и јавна администрација.

МАРИЛИ: Во моментов сте магистранд на престижниот универзитет Оксфорд. На што е посветена вашата магистерска работа?

ПЕТРОВСКИ: Мојата магистерска работа е во областа на компјутерската визија и е насочена кон подобро разбирање на структурата на визуелните сцени од една слика. Конкретно, работам на метод со кој една слика се разложува на повеќе одделни слоеви, при што моделот треба да препознае кои објекти се наоѓаат во преден план, кои се зад нив и како тие се просторно поврзани.

Предизвикот е во тоа што од една единствена слика системот треба да „заклучи“ и информации што не се директно видливи, на пример како изгледа дел од позадината што е прекриен со некој објект. Целта е да се добие поструктурирана претстава на сцената, која подоцна може да се користи за понапредно уредување и генерирање слики, како и за системи што треба подобро да го разбираат визуелниот свет.

МАРИЛИ: Колку интернационалната, истражувачки ориентирана средина е поинаква од нашата универзитетска средина и кои се нејзините најголеми предности?

ПЕТРОВСКИ: Најголемата разлика ја гледам во интернационалноста и силниот истражувачки фокус. На Оксфорд секојдневно сте опкружени со студенти и истражувачи од различни земји и академски средини, што значи дека често се среќавате со различни пристапи кон истиот проблем.

Голема предност е и тоа што наставата е многу блиску поврзана со тековните истражувања. Не се очекува само да научите како функционира одреден метод, туку и да ги разберете неговите ограничувања, да поставувате прашања и да размислувате како може да се подобри. Сепак, не би ја поставил разликата како едноставна споредба меѓу подобра и полоша средина. ФИНКИ ми даде силна основа и можност рано да се вклучам во истражување, додека Оксфорд ми овозможи тоа искуство да го продолжам во поширока и поинтернационална средина.

МАРИЛИ: Каде ја гледате иднината на технолошкиот развој во земјава, колку сме подготвени за примена на вештачката интелигенција (ВИ) во сите сфери на живеењето?

ПЕТРОВСКИ: Сметам дека вештачката интелигенција претставува голема можност за технолошкиот развој на земјата, особено ако се искористи за решавање конкретни проблеми, а не само како тренд. Имаме квалитетен ИТ-кадар и растечки интерес за оваа област, што е добра основа, но за поширока примена ќе бидат потребни дополнителни инвестиции во образование, дигитална инфраструктура и развој на практични решенија.

Најголем потенцијал гледам во области како здравството, образованието, финансискиот сектор, индустријата и јавната администрација, каде што автоматизацијата и подобрата анализа на податоци можат значително да ја подобрат ефикасноста. Истовремено, важно е примената на ВИ да биде одговорна и да биде придружена со разбирање на ограничувањата на овие системи. На долг рок, предност ќе имаат оние земји што нема само да користат готови алатки, туку ќе инвестираат и во луѓе способни да ги разбираат, развиваат и подобруваат овие технологии.

МАРИЛИ: По завршувањето на магистериумот, каде се гледате во блиска иднина?

ПЕТРОВСКИ: Во блиска иднина моите планови се да продолжувам да работам и да се развивам во областа на машинското учење и вештачката интелигенција. Сакам дополнително да го продлабочам практичното искуство, особено преку работа на сложени реални проблеми и системи кои се користат во поголем обем.

Истовремено, би сакал да останам поврзан и со истражувачката страна на областа, бидејќи токму брзиот развој и постојаното појавување на нови идеи се она што најмногу ме привлекува кај машинското учење. Засега, целта ми е да продолжам да учам, да стекнувам ново искуство и постепено да се насочувам кон проблемите што најмногу ме интересираат.


Статијата е прочитана 159 пати.

Сподели:


Видео: 30 години Агенција Марили

30 години јубилеј на агенција „Марили“

kb

oxxete