Туризмот може да претставува еден од петте столба на македонската економија
Интервју со д-р Љупчо Јаневски, универзитетски професор и поранешен директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Д-р Јаневски во интервјуто говори за предвидувањата за раст и развој на туризмот, колку Македонија има потенцијали туризмот да стане еден од носечките столбови за развој на македонската економија, што треба да се направи за унапредување и промоција на алтернативниот и масовниот туризам, воопшто.
МАРИЛИ: Проф. д-р Јаневски, како искусен стручњак во областа на туризмот и поранешен директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризам, располагате ли со податоци, дали и колку досега се реализираа предвидувањата коиштo ги имавте оваа година?
ПРОФ. Д-Р ЈАНЕВСКИ: За да можам да одогворам на ова прашање потребно е да се вратиме некаде во 2018 година кога една моја изјава „во Македонија туризмот може да донесе повеќе од 500 милиони долари туристички промет“ (дотогаш 328 милиони долари) одекна преоптимистички и наиде на критики и песимизам кај дел од македонскиот туристички сектор.
Изминатата 2023 година македонскиот туристички сектор ги заврши со 598,5 милиони долари туристички промет кој приближно претставува 4 отсто од бруто домашниот производ. Да се потсетите дека овој период е поминат со голем број на предизвици како држава и туристичката индустрија како менување на името на државата, одразувајќи се без туристички бренд, и пандемијата која без разлика на сѐ успешно се изменаџира во туризмот за да израснеме во уште пожилава дестинација која треба да го почне својот следен циклус на развој.
Туризмот по многу нешта преставува феномен и област која влијае врз повеќе од 21 економска гранка на директен или индиректен начин. За стручната и научна фела, туризмот преставува уметност на рударење, обработка и анализирање на податоци за создавање конкурентни среднорочни стратегии комплементарни со долгорочните државни стратешки цели во оваа област. За жал, Македонија нема стратегија за туризам, односно, истата е толку застарена што нема потреба воопшто да се спомнува или мери нејзината имплементација и предизвикани ефекти. Затоа Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во 2020 година го постави стратешкото планирање и заздравување на македонскиот туристички сектор во три чекори од кои првиот со домашни туристи за време на пандемијата и познатата кампања „Дома си е Дома“, вториот со фокус на регионалните пазари и традиционалните, и третиот, во кој се започнува нова национална туристичка кампања во светот која ќе ги следи сите останати потребни промени во секторот.
Доколку се погледнат податоците од 2024 година, туризмот во Македонија го продолжува својот континуиран раст во бројот на туристи и ноќевања, но споредбено со 2019 година и традиционалните пазари, не изгледа сѐ розово. Традиционалните пазари како Холандија, Полска, Бугарија, Грција се во минус од 20% до 80% и не очекувам драстично да биде променета состојбата ни со завршување на летната сезона, што покажува дека некаде се греши во пристапот, нови туристички производи, а највеќе во промоцијата која изостанува во 2024 година. Намалениот број на чартери, редовни линии од охридскиот аеродром, пад на просечниот престој на туристите, недостаток на инвестиции и друго, отвораат голем број на прашања кои треба да бидат одговорени од надлежните институции и менаџментот кои ги водат. Сепак, 2024 година ќе ја завршиме со каков – таков раст кој убедливо ќе биде најмал од регионот, негативно одразувајќи се на 2025 година во македонскиот туристички сектор.
МАРИЛИ: Колкав дел од туристичкиот „колач“ им припаѓа на Охрид и Скопје, како главни туристички центри и што треба да се направи за да бидат уште потрактивни во текот на целата година?
ПРОФ. Д-Р ЈАНЕВСКИ: Вообичаено, скопскиот и југозападниот регион се со најголем број на посети од туристите и остварените ноќевања поради повеќе причини, односно 65% од остварените посети и ноќевања во текот на годината.
Структурата на туристите и сезоналноста се разликува бидејќи градот Скопје е бизнис центар и генерира посети од различен тип во текот на годината за разлика од Охрид и Струга кои се туристички центри и сезоналноста е сведена на неколку месеци. Сепак, многу малку е направено од локалната самоуправа за туризмот и за негово подигање на повисоко место, бидејќи многу недостасува пред сѐ визија, која ќе започне со креирање на нови туристички проиводи и основната цел, туристите да го продолжат престојот во дестинацијата.
Колку е нашиот главен град конкурентен со останатите, ако врвните настани во културата или гостувањето на светски ѕвезди ги пребројуваме на една рака. Дури и сме заборавиле како изгледа добар дочек на Нова година и светска или регионална ѕвезда која ќе го наполни градот со туристи. Јавниот превоз, хигиената, туристичките информативни центри, јавните тоалети ако ги пронајдете, промотивните материјали, дигитализацијата во туризмот, регистри на приватни станоиздавачи, место за паркинг на туристички автобуси, конгресен центар, платена туристичка такса, немање на авто-камп во градот, туристичка инспекција, и вака можеме да набројуваме уште многу до недоглед. Истиот град кој треба во 2028 година да биде „Европски град на културата“ веќе сериозно треба да работи на подготовките и создавање на друга развојна и културна димензија на живеење доволно конкурентна со останатите главни градови во регионот. Скопје е градот на солидарноста и зарем е потребен поголем туристички бренд од тоа? Скопје е мојот град каде сум се родил и живеам, но туристичкиот бисер Охрид секогаш е во моето срце и уживам во градот кој е препознаен и заштитен од УНЕСКО, но очигледно не успеавме да го заштитиме од нас. Типичен пример на немање визија за промоција е светски познатата манифестација „Охридско лето“ која се рекламира со едно коцкасто пано на центрот од градот кој е преплавен со билборди и испреплетен со ленти за гостување на сѐ и сешто за време на августовските празници.
За да се базираме на „Охридско лето“ како бренд кој вистински е дел од престојната програмата за 2025 година, веќе треба да биде во понудите на туристичките агенции и странските туроператори. Звучни имиња со концерти за отворање на сезоната за Велигденските празници во Охрид за привлекување на една друга публика, а сѐ останато со засукани ракави и деноноќна работа „бидејќи каков Охрид ќе создадеме како туристичка дестинација, во таков и ќе мора да функционираме“. Охрид е дестинација за 12 месеци која треба да биде исполнета со голем број на манифестации, конгреси, спортски турнири, културно и историско наследство, стари занаети, алтернативни форми на туризам, дигитализација во секторот, силна и насочена промоција кои вон летната сезона, можат да генерираат повеќе ноќевања и создадат зголемена просечна исполнетост на хотелите со очекуван мулипликативен ефект во локалниот економски развој.
МАРИЛИ: Дали Македонија има потенцијали туризмот да стане еден од економски позначајните столбови во нашата земја и накусо, која е Вашата визија за развој?
ПРОФ. Д-Р ЈАНЕВСКИ: Силно верувам дека туризмот во Македонија може да ја зајакне нашата економија и зголеми растот на бруто домашниот производ, а тоа досега повеќе пати е докажано низ статистики. Ако во 2011 туризмот изнесува 0,2% во БДП, во 2019 изнесува 1,9%, за во 2023 година достигне близу 4% во сектор во кој се постигнати импонзантни резултати со раст од 25% на туристички промет и повеќе од 35.000 вработени. Еден од ретките сектори кој бележи раст во последните три години и кој докажа дека може да преставува еден од петте столба на македонската економија. Токму и мојата посветеност и заложба туризмот да го добие своето заслужено место како министерство и имплементирање на регионалните и светски практики на ова поле.
Потребата од ново реархитектуирање на туризмот во Македонија преку создавање на Национална туристичка организација, дестинациски менаџмент организации - ДМО, туристичка инспекција и полиција како и долгоочекуваната стратегија за туризам која ќе ги следи државните политики и стратешки цели на развој. Една од целите на што е насочено стратешкото планирање за 2023 на АППТ преставува голем број на имплементирани проекти кои преку бројки е 4,5 милиони ноќевања заклучно со 2028 година, една милијарда долари туристички промет и повеќе од 40.000 вработени во туризмот и угостителството, нови инвестиции и комплетно туристичко брендирање на државата, светска промотивна кампања за Македонија и дигитализација на секторот.
Околу реализацијата на овие цели потребна е политичка волја на новата Влада и Министерството за култура и туризам кое треба да ја одигра круцијалната улога во наредните неколку години.
МАРИЛИ: Каква е соработката со регионот, дали треба да имаме заеднички проекти како што се балканските тури, и колку се работи на ова поврзување?