Упорноста ги краси успешните жени - не се откажуваат и кога е најтешко

Интервју со Жанета Бадаровска Ѓорѓиевска, генерална менаџерка на „Камел 98“ Виница и Кочани. Семејна компанија која датира од 1981 година и нуди широка палета на пекарско-слаткарски производи и опфаќа спектар од над 300 производи од сопствено производство. Производствениот процес се одвива во три производни објекти на различни локации. Големопродажбата е насочена кон снабдување на индустриските капацитети во делот на кетеринг - услуги за организирана колективна исхрана, како и на јавните институции. Компанијата е директно застапена во седум града во регионот на Источна Македонија и има соработка за директно доставување до јавни установи, училишта, градинки, студентски домови, Министерството за одбрана и сл. 

„Сите успешни жени се упорни во своите намери и не се откажуваат од нивната реализација дури и кога им е најтешко, секогаш успеваат да ги поместат сите бариери и да ги совладаат тешкотиите што им се појавуваат на патот“, вели Бадаровска Ѓорѓиевска.

МАРИЛИ: „Камел 98“ е семејна компанија од областа на пекарството. Кажете ни од кога постои и што произведувате, колкав е производствениот капацитет на компанијата и со колку вработени располагате?

БАДАРОВСКА ЃОРЃИЕВСКА: „Камел 98“ е основана во 1981 година како семејна компанија и спаѓа во прехранбената индустрија, со главен фокус на домашниот пазар.

Првенствено работеше во областа пекарство, а многу подоцна, од 2012 година, се развива и во сегментот слаткарство. Широката палета на пекарско-слаткарски производи опфаќа спектар од над 300 производи од сопствено производство, вклучително производство на леб, бели печива, бурек, пити, торти, колачи и слатки во свежа состојба, како и трајни колачи и кекс.

Производствениот процес се одвива во два града: Виница и Кочани, во три производни објекти на различни локации. Со последната инвестиција и со воведувањето нови технолошки процеси значително се зголемени производствените капацитети што водат кон отворање нови пазари и нови перспективи.

Тимот на „Камел 98“ брои околу 50 вработени, односно стручни лица во нивната област, кои се тоа благодарение на развојот на човечкиот потенцијал и токму тие се заслужни за сите претходни и идни успеси на компанијата.

МАРИЛИ: Каде ги пласирате Вашите производи и дали освен со малопродажба се занимавате и со снабдување на институции?

БАДАРОВСКА ЃОРЃИЕВСКА: Малопродажбата на нашите производи се одвива во пет сопствени продажни места во Виница и Кочани и таа сѐ уште претставува значаен дел во севкупното работење.

Големопродажбата е насочена кон снабдување на индустриските капацитети во делот на кетеринг - услуги за организирана колективна исхрана, како и на јавните институции. Компанијата е директно застапена во седум града во регионот на Источна Македонија и има соработка за директно доставување до јавни установи, училишта, градинки, студентски домови, Министерството за одбрана и сл. 

Следејќи ги најновите трендови во прехранбената индустрија и начинот на живот, во иднина „Камел 98“ планира да го прошири бизнисот во делот на производство на функционални производи, како од солената, така и од слатката програма.

МАРИЛИ: Колку автоматизацијата и следењето на современите технолошки трендови се значајни за Вашето производство и каква е грижата за животната средина на компанијата?

БАДАРОВСКА ЃОРЃИЕВСКА: Најновите инвестиции на „Камел 98“ се насочени кон модернизацијата, односно се вложува во автоматизирана опрема и технологии што треба да ги подобрат услугите кон купувачите и да ги зголемат производствените капацитети.

Следењето на современите технолошки трендови е особено значајно за нашето производство, со цел справување со новонастанатите пазарни ситуации и брзо приспособување кон тоа што тие го наложуваат, како и зголемување на продуктивноста и економичноста на работењето, овозможувајќи одржлив раст и развој.

„Камел 98“ е еколошки ефикасна компанија што ѝ посветува сериозно внимание на еколошката компонента.

Во 2021 година „Камел 98“ инвестираше во фотоволтаичен систем за генерирање на електрична енергија, кој целосно е дигитализиран и автоматизиран и нуди комплетен мониторинг на процесот, детални извештаи за реализирано производство на електрична енергија, заштеда на емисија на СО2 (јаглерод диоксид), како и детален приказ на еквивалентно засадени дрвја.

Имплементацијата на овој систем на долг рок има огромна економска придобивка за компанијата и води кон одржлив развој, но нејзината вистинска долгорочна вредност е директниот импакт врз животната средина, аерозагадувањето и здравјето на луѓето што ќе придонесе за генерирање на почиста и поздрава околина.

МАРИЛИ: Што е пресудно жената да напредува во кариерата? Дали тоа se личните карактеристики, образованието, доедукацијата, поддршката од семејството, поддршката од тимот или, пак, нешто друго?

БАДАРОВСКА ЃОРЃИЕВСКА: Според моето мислење и сето мое досегашно искуство, можам да кажам дека е потребно сѐ што е наведено за да напредува една жена во кариерата. Но, тоа што би го одвоила како пресудно се нејзините лични карактеристики, вредностите, начинот на гледање на животот, желбата, пред сѐ, за личен развој, па потоа и професионален.