Бизнис вести

Угостителите бараат итна средба со премиерот отворена за јавноста

среда, 16 декември 2020

Од НУК велат дека парцијалните и селективни рестриктивни мерки некоординирани со соодветна финансиска поддршка ги водат угостителите и бизнисите од придружните индустрии во целосен колапс

 

Независната угостителска комора (НУК) заедно со повеќе здруженија на угостители бара итна средба со премиерот која ќе биде отворена за медиумите, а на која ќе се разговара за новата мерка со која се скратува работното време на угостителските објекти и за неопходноста од носење на посебен сет мерки за финансиска помош за овој сектор.

„Ќе згрешиме ако на било кој начин се согласиме со вчерашната изјава дека мерките кои ги усвои Владата не се популарни. Мерките се одлични ако ги споредиме со мерките од соседството и земјите членки на Европската унија. Сметаме дека новите рестриктивни мерки не се популарни не заради самите нив, туку заради неодговорноста на Владата веднаш со усвојување и донесување на истите, не дискутира и усвои начини на обештетување на угостителите или соодветна финансиска поддршка и помош за надомест на штетите што ќе настанат како резултат од нивната примена“, се вели во соопштението од НУК.

Оттаму додаваат дека парцијалните и селективни рестриктивни мерки некоординирани со соодветна финансиска поддршка ги водат угостителите и бизнисите од придружните индустрии во целосен колапс.

„Ја користиме повторно моќта и влијанието на медиумите да ни помогнат во доставувањето на ова барање до претседателот на Владата за покана за јавна отворена за медиумите работна средба во рок од 48 часа, со цел да ги разјасниме одговорностите, обврските и да ги дефинираме насоките за егзистенција и опстанок на угостителската индустрија со воведувањето на селективните рестриктивни мерки. Доколку Владата нема намера јавно да седне на маса и да се соочи со угостителите, тогаш најмалку што може е јавно да одговори на ова наше барање и да се изјасни дали со донесувањето на новите мерки воопшто предвиделе, планирале и дискутирале да се надомести целосно или парцијално штетата со воведувањето на новите рестриктивни мерки“, се вели во соопштението од НУК и повеќе угостителски здруженија.

 

Содржината е прочитана 493 пати.